Обамејанг ќе плати казна поради фотографиите од аеродромот

Африканската фудбалска конфедерација го казни Пјер-Емерик Обамејанг со 10.000 долари поради неколкуте фотографии кои репрезентативецот на Габон ги објави за време на гостувањето кај Гамбија, во квалификациите за Африканскиот куп на нациите.

„Драмата“ се случуваше ноќта меѓу 15 и 16 ноември, кога Обамејанг сподели неколку фотографии и клипови на социјалните мрежи како тој и неговите соиграчи лежат на патосот на аеродромот во Гамбија. Голгетерот на Арсенал се жалеше дека тој и соиграчите се „заложници“ на аеродормот затоа што со часови седеле таму и не добиле дозвола за влез во Гамбија, каде што требаше да играат меч од квалификациите.

Од Африканската фудбалска конфедерација сметаат дека со тие фотографии е нарушен угледот на африканскиот фудбал, па затоа Обамејанг е казнет со 10.000 долари.

Истрага имаше и за Фудбалската федерација на Гамбија, која е казнета со 100.000 долари поради слабата организација за дуелот против Габон. Половина од оваа сума нема да биде платена доколку челниците на Федерацијата на Гамбија не го повторат истиот кикс во следните две години.

Од Федерацијата на Гамбија најавија дека ќе се жалат на оваа казна затоа што тие не се чувствуваат виновни бидејќи гостите од Габон не доставиле исправни негативни тестови за корона-вирусот, па морало да бидат задржани на аеродромот.

Од фудбалски аспект, тој дуел во квалификациите за Африканскиот куп на нациите заврши со победа на Гамбија од 2:1.

- Оглас -

Најнови вести