Обрадовиќ има еден услов за да се врати на кормилото на Панатинаикос

Најтрофејниот тренер во историјата на европската кошарка, Жељко Обрадовиќ, повторно е главна тема на европската кошаркарска сцена.

Секогаш кога ќе се појави можност легендарниот стратег да преземе некој клуб, настанува вистинска еуфорија, а сега во центарот на вниманието е можниот камбек во Панатинаикос.

Сопственикот на „зелените“, Димитрис Јанакопулос, наводно е подготвен да направи сè за да го врати човекот кој на атинскиот гигант му донесе дури пет титули европски шампион. Особено по сезоната во која мораа да гледаат како најголемиот ривал Олимпијакос ја освојува европската круна.

Според грчките и европските медиуми, на Обрадовиќ му била понудена целосна слобода во работата, вклучувајќи контрола над сите спортски прашања и составувањето на тимот. Сепак, популарниот Жоц засега не е подготвен лесно да каже „да“.

Причината е актуелниот тренер на Панатинаикос, Ергин Атаман, кој сè уште се наоѓа на клупата на атинскиот клуб.

Како што пренесува „Бекдор Поткаст“, Обрадовиќ ги стопирал сите разговори и јасно им порачал на челниците на клубот дека нема ниту да седне на преговарачка маса додека Панатинаикос има тренер. За легендарниот српски стручњак тоа е прашање на принципи и почит.

Во исто време, ситуацијата во соблекувалната на Панатинаикос наводно не е идеална. Според истите информации, Атаман ја загубил довербата кај дел од играчите, а незадоволството во тимот станува сè поизразено.

Поради сето тоа, цела Европа сега го чека одговорот на едно прашање, дали Жељко Обрадовиќ ќе се врати во Атина и ќе се обиде повторно да ја донесе титулата од Евролигата во витрините на Панатинаикос…

- Оглас -

Најнови вести