МЗТ Скопје Аеродром загуби од Слобода Ужице со 67:81 во меч од шестото коло на АБА 2 лигата. За македонскиот првак ова е втор пораз, додека Слобода стигна до четвртиот триумф.
Аеродромци добро го отворија мечот и во првата четвртина имаа водство од 18:10. И во текот на речиси целата втора четвртина МЗТ беше во водство, кое не беше поголемо од шест разлика (33:27). Сепак, Слобода со мини серија од 10:3 стигна до нерешени 37:37 на полувреме.
Третата четвртина беше очајна за македонскиот тим. Како што го затвори првото полувреме, Слобода така го почна и вториот дел, со серија од 10:3 за водство од 47:40. МЗТ не само што не успеа да се врати во водство, туку до крајот на третата четвртина тимот од Ужице стигна до високи 62:49.
Во решавачката последна четвртина тимот на Слобода искусно ја задржа високата предност, а во 36-тата минута поведе и со 75:60, по што беше јасно дека тимот кој пред мечот беше во аутсајдерска позиција, на крајот ќе се радува.
Покрај слабата игра на теренот, играчите на МЗТ очајно шутираа слободни фрлања, па погодија само 10 од 22 обиди, што е очајна реализација од 45 отсто. Гравет со 24 поени и Олуџоби со 19 поени беа најефикасни кај МЗТ, додека кај победничкиот тим најпрецизни беа Степановиќ со 20 поени и Илиќ со 19.