Македонија претрпе дебакл на гости кај Англија

Македонската женска фудбалска репрезентација очекувано загуби Англија на гости со 8:0, во првото коло од квалификациите за пласман на Светското првенство.

Дуелот се играше на стадионот „Сент Мерис“ во Саутемптон, местото каде што пред речиси две децении, Македонија одигра 2:2 против Англија во еден од легендарните средби на машката репрезентација, кога Артим Шаќири постигна гол директно од корнер.

Вечерва девојките немаа сили за чудо против големиот фаворит. Англија поведе со голот на Тун во 12 минута, а до пред крајот на полувремето беше 1:0. Во самиот финиш следуваа уште две радости за Англичанките. Вајт зголеми на 2:0, а Живиќ си даде автогол во 45 минута.

Во второто полувреме, Англија продолжи да напаѓа, а нашите репрезентативки се држеа до 67 минута, кога Вајт со својот втор погодок зголеми на 4:0. Во 77 минута беше 5:0 за големиот фаворит, а две минути подоцна Коларовска си постигна автогол.

Во финишот на средбата Гордиот Албион даде уште два гола. Во 90 минута беше 7:0, а веќе во следниот напад Англија го постигна и осмиот погодок.

Македонија во следното коло од овие квалификации ќе игра дома против Австрија на 21 септември.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести