Од каде се појави новиот херој на Црвена ѕвезда, Милан Павков?

Црвена ѕвезда го направи најголемото изненадување во досегашниот дел од Лигата на шампиони. На стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград, „црвено-белите“ со 2-0 го победија актуелниот европски вицепрвак Ливерпул. Ѕвезда покажа како со многу желба, борба и без страв може да се победи секој противник, па дури и тој да се вика Ливерпул.

Милан Павков ги даде двата гола во првото полувреме за голема радост на околу 60.000 гледачи на стадионот. Најпрво Павков со глава погоди за 1-0, покажувајќи дека и против Англичаните може да доминира во скок-играта, а потоа да погоди и од далечина, кога упати вистинска „бомба“ и го совлада бразилскиот репрезентативен чувар Алисон.

Многумина се прашуваат кој е Милан Павков, новиот херој на Црвена ѕвезда? Напаѓачот кој е роден во Нови Сад пред 24 години започнал во РФК Нови Сад, а потоа играл и во Младост Бачки Петрол. Во 2013 година се пресели во ЧСК Челарево од Бачка Паланка. Таму се промовирал во прв стрелец на Српската лига Војводина, постигнувајќи 18 гола во 27 меча.

По таа игра, добил понуда да заигра за Војводина, но во јуни 2016 година го раскинува договорот. Раднички Ниш го довел Павков и потпиша тригодишен договор. Како играч на Раднички успева да им даде голови и на Партизан и на Црвена ѕвезда. Токму од Ѕвезда решаваат да го купат и за него платија 300.000 евра, пари кои Павков ги врати, и тоа повеќекратно само со двата гола против Ливерпул.

„Павков го знам уште од третата лига, кога го забележав бидејќи ни беше потребен таков тип играч. Сепак, не смеев да го доведам од третата лига, не бев доволно убеден во него. Кога отидов да гледам еден меч на Раднички Ниш, Павков одигра одлично. Знаеше да се загради, да игра со глава, да ја задржи топката. Тогаш и решив да го доведам“, открива генералниот директор на Црвена ѕвезда, Ѕвездан Терзиќ.

Едноставно, играчот кој до неодамна беше во третата лига, сега блесна против Ливерпул и се претвори во нов херој на сите фанови на „црвено-белите“. Павков е уште една убава приказна за тоа како никогаш не треба да се откажеш и мора да се биде упорен, а со многу труд и желба, се стигнува до посакуваната цел.

- Оглас -

Најнови вести