Од осум екипи што ќе играат во четвртфиналето во ЛШ, Анчелоти бил тренер дури на пет

По вчерашните два реванш-натпревари во кои славеа Реал Мадрид и Наполи, познати се сите осум учесници во четвртфиналето во Лигата на шампионите, тоа се уште и Манчестер сити, Бенфика, Милан, Интер, Челзи и Баерн Минхен.

Интересно е што актуелниот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, бил тренер дури на пет од осумте екипи што ќе играат во четвртфиналето.

Италијанецот од 2001 до 2009 година седеше на клупата на Милан, со кого двапати триумфира во ЛШ, во 2003 и во 2007 година.

Потоа седна на клупата на Челзи и во првата сезона веднаш ја освои титулата во Премиер лигата. На „Стемфорд бриџ“ се задржа две години, а по двегодишната одисеја во ПСЖ, во 2013 година пристигна во Мадрид. Со Реал во првиот мандат освои една титула во ЛШ, а минатата година по вторпат го крена „клемпавкото“.

Потоа една сезона го предводеше Баерн Минхен, по што се врати во Италија и седна на клупата на Наполи, каде што исто така се задржа една сезона.
Од 2021 година повторно го предводи Реал Мадрид.

Единствени три тима од четвртфиналстите кои Анчелоти не ги тренирал се Манчестер сити, Бенфика и Интер.

- Оглас -

Најнови вести