Од Шалке се заканија дека може да не се одигра утрешниот меч против Баерн

Шалке утревечер ќе го пречека Баерн Минхен во меч од четвртфиналето на Купот на Германија. Уште пред да започне дуелот, започнаа тензии, а челниците на тимот од Гелзенкирхен најавија дека е можно средбата да биде прекината. Такво сценарио е можно доколку навивачите на Баерн продолжат со недоличното однесување и навредите кои ги упатија на последниот меч од првенството, на гостувањето кај Хофенхајм.

Во саботата Баерн убедливо со 6:0 на гости славеше против Хофенхајм, а дуелот беше прекинат неколку минути, и тоа поради непристојното однесување на навивачите на германскиот гигант. Фановите на Баерн скандираа навредливо кон сопственикот на Хофенхајм Дитмар Хоп, а истакнаа и недолична парола на која пишуваше „к*рвин син“.

Од Шалке уште сега предупредуваат дека ако продолжат такви скандирања, без многу размислувања ќе го прекинат дуелот во Купот, без разлика во која минута ќе се случи тоа и кој ќе биде резултатот.

„Во фудбалот нема место за омраза, насилство и клевета“, стои во дел од соопштението испратено од челниците на Шалке.

Сопственикот на Хофенхајм, милијардерот Хоп, е еден од најомразените ликови во германскиот фудбал меѓу навивачите затоа што фановите на „традиционалните германски клубови“ како што се Баерн, Борусија, Келн, Штутгарт… не сакаат да има доминација на „вештачки“ создадените клубови како што се Хофенхајм и Лајпциг.

- Оглас -

Најнови вести