Одбојкарите ќе се тестираат против Албанија во „Форца“ и „Кале“

Пријателските натпревари на македонскиот машки национален тим во одбојка против селекцијата на Албанија ќе се играат в сабота во „Форца“, а в недела во СРЦ „Кале“, со тоа што задутрешниот тренинг-дуел ќе биде од затворен тип, додека на 30-ти декември ќе може да присуствува и публика. На 31-ви декември тимот ќе одмори и нема да тренира, а потоа продолжуваат завршните подготовки за пресметките со Украина и Унгарија на петти, односно деветти јануари.

Иако отворениот меч со Албанија се планираше за во салата „Градски парк“, сепак ќе се игра од 20 часот во „Кале“ со пренос на Македонската телевизија.Освен повратникот Ѓоко Јосифoв, кој се пожали на повреда на коленото, сите други 13 одбојкари се на потребното здравствено ниво и тренираат во полн ритам.

Пласман на Европското првенство во септември 2019 година е целта на тимот на селекторот Никола Матијашевиќ и наредните два квалификациски меча се клучни.

Фокусот е победа од 3-0 или 3-1 во сетови над Унгарците дома, на деветти јануари, што може да значи и историски прв пласман на ЕП за Македонија во овој спорт. Пред тоа, гостуваме кај Украина, каде што и пораз од 2-3 може да го олесни патот до завршницата на која првпат ќе играат 24 репрезентации.

- Оглас -

Најнови вести