Македонскиот национален тим во одбојка, засилен со Ѓоко Јосифов во составот, денеска го има првиот собир, а од утре ги почнува подготовките за двата клучни меча во квалификациите за Европското првенство 2019 година. На петти јануари, „црвено-жолтите“ гостуваат во Запорожје кај непоразената Украина, а потоа, на деветти јануари со СРЦ Кале во Скопје ја пречекуваме Унгарија.
Со две победи, Македонија сигурно ќе биде учесник на ЕП кое во септември следната година се игра во Белгија, Франција, Холандија и Словенија. Математички, имаме шанса и само со една победа, бидејќи од седумте второпласирани селекции во сите групи, меѓу 24-те најдобри одат петте најдобри.
Договорени се и две контролни средби против Албанија (во сабота и недела, во салата „Градски парк“). На списокот на селекторот Никола Матијашевиќ ново лице е искусниот блокер Јосифов.
„Мислам дека ќе ги добиеме двата натпревара и ќе се пласираме на ЕП. Радува формата на репрезентативците, со Јосифов ќе бидеме комплетни. Ни требаат добри десетдневни подготовки, добри две контроли со Албанија и во борба! Сонот, целта, мечта е Европско првенство“, вели капитенот Никола Ѓоргиев.
Македонија сите четири натпревари во овој циклус ги играше во пет сета и има по две победи и порази.