Одбојкарите со срце на терен стигнаа на ЕП, но каде ракометарите го загубија нивното спортско срце?

Минатата недела ни започна со радост дека македонската ракометна репрезентација повторно ќе ја гледаме на завршницата на Светско првенство. Оптимизам дека повторно ќе се радуваме на успесите во нашиот најуспешен екипен спорт, како и и најава дека добивањето шанса да ја продолжиме низата на големи натпреварувања, ќе биде промоција и на ракометарите кои во иднина треба да бидат носители на играта на националниот тим.

Сепак, еуфоријата за настапот на Мундијалот брзо се претвори во разочарување. Иако најавите беа дека се погодивме во добра група со Шведска, Египет и Чиле, првите две кола доведоа до најкатострофалниот старт на Македонија на едно големо натпреварување.

Против Шведска во двете полувремиња примивме по 16 голови, па на крајот поразот од 32:20 беше само болна најава на тоа што нѐ очекуваше во второто коло против домаќинот Египет. Фактот дека се игра без публика, требаше да биде плус за Македонија да нема притисок од трибините, но со играта која ја покажаа нашите ракометари, ни ни имаше потреба од публика.

Првото полувреме против Египет е за памтење за тоа како НЕ ТРЕБА да се бранат боите на Македонија во било кој спорт. За 30 минути игра дадовме само шест, а примивме дури 20 голови. Во второ полувреме, Египет водеше и со 21 гола предност (35:14), а на крајот домаќинот победи со двојно повеќе дадени голови, 38:19.

АКО Е ВАКВА РАКОМЕТНАТА ИДНИНА, МАКЕДОНИЈА ИМА МНОГУ ПРИЧИНИ ЗА ГРИЖА

По две комплетирани кола на планетарниот собир, Македонија е втората најлоша репрезентација! Со гол разлика од МИНУС 31 по два меча, подобра гол разлика од нас имаат и селекции како Зеленортски острови, Бахреин, ДР Конго, па дури и јуниорите на Јужна Кореја.

Што е причината за ваков очаен старт на светскиот собир? Кога ќе се примат 70 гола во два меча, факт е дека одбраната е како „швајцарско сирење“. Ракометот е „машки спорт“, во кој многу често треба да се покаже сила на противникот дека не може да прави што сака во нападот и како сака да ја полни македонската мрежа.

Во нападот нема креативност, уште се чека 40-годишниот капитен Кире Лазаров да биде лидер, иако покрај него има неколку млади момци кои неколку години „крадат“ и го „печат“ ракометното знаење од Лазаров, но никако да се најдат во улога на негови наследници.

Освен Лазаров, над 30 години во оваа селекција се само уште и пикерот Стоилов, Никола Маркоски и голманот Митревски. Останатите се играчи кои се во најдобрите ракометни години, но на терен се далеку од добри, а не да бидат најдобри.

ДА ГО ПОБЕДИМЕ ЧИЛЕ ЗА ДА ГИ ЗАЛЕЧИМЕ РАНИТЕ

Кошмарот од стартните две кола може да го заборавиме само ако денеска ракометарите конечно успеат да донесат малку радост. Играме против Чиле, селекција против која пет пати досега сме играле и исто толку пати сме ги победувале. Два пати ги победивме во претходните две недели и сега мора да славиме, затоа што евентуално реми ќе значи дека ќе останеме последни, затоа што и Чиле има подобра гол разлика од Македонија по првите две кола.

СПАРТАНЦИТЕ ПОКАЖАА КАКО СЕ ИГРА И ПРОТИВ ПОДОБРОРАНГИРАНИ ОД НИВ

Во исто време кога ракометарите трпеа дебакл од Египет, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје имаше спортска радост. Одбојкарите играа против Турција и на крајот ја победија со 3:1, триумф кој значеше пласман на завршницата на Европското првенство. Одбојкарите втор пат во низа се пласираа на континентален собир.

Спартанците покажаа како се игра со СРЦЕ НА ТЕРЕН и како не се предадоа против Турција, репрезентација која е подобропласирана од нас. Во последниот меч од квалификациите ни беше потреба од 3:1 за да бидеме дел од континенталниот собир и така се случи. Здружено, тимски, одбојкарите одиграа феноменален меч и на крајот со песна и развиорени македонски знамиња го славеа пласманот на ЕП.

Очајот и разочарувањето од тоа што го гледавме на терените во Египет, на крајот беше заменето со радост за пласманот на одбојкарското ЕП.

Ракометарите денеска имаат трета и последна шанса да покажат дека сепак имаме добра иднина, дека имаме тим кој вреди да игра во главната фаза. Време е и во Египет на терен да се покаже македонското СРЦЕ НА ТЕРЕН и да се израдуваме на победа!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести