Одигра 25 меча за Англија, го смени спортот, сега ќе биде руски репрезентативец

Макс Килман, кој е роден пред 23 години во лондонската населба Челзи (населба во која се наоѓа стадионот на Фулам), како дете тренираше фудбал во Фулам, а потоа се префрли на футсал и се покажа како неверојатен талент. Стигна и до репрезентацијата на Англија, одигра 25 меча за футсал-селекцијата на Гордиот Албион, па ја шокираше јавноста во 2018 година, кога рече дека му се враќа на големиот фудбал.

Килман не сакаше да ја одбие понудата од премиерлигашот Вулверхемптон и потпиша за Волците. Во првата сезона одигра само еден меч во Премиер лигата, во втората три, а сега веќе е стандарден првотимец. Со игрите кои ги прикажува, го привлече вниманието на селекторот, но не на англискиот Герет Саутгејт, туку на рускиот Станислав Черчесов.

Кога бил дете, Килман често одел во Москва и во Киев, каде што роднините од страната на мајка му живеат и денеска. Од страната на татко му е Русин, а иако рускиот не му е најдобар, знае да го зборува релативно добро. Килман е висок 192 сантиметри, има право да игра за Русија и затоа Черчесов побрза да ги добие неговите услуги. Настапите за Англија не се проблем бидејќи футсалот е друг спорт. Килман освен за Русија, има можност да игра и за Украина, земјата на неговата мајка.

- Оглас -

Најнови вести