Одбојкарската репрезентација на Македонија со победата од 3-1 во сетови (25-19, 21-25, 25-23, 25-18) против Турција, се пласира на Европското првенство кое годинава ќе се одржува во Полска, Естонија, Финска и Чешка. Спартанците ќе учестуваат на новиот континентален собир во одбојка двапати едноподруго, по учеството на ЕП пред две години.
Резултатот од 3-1 им одговара на двете репрезентации кои со по три победи и еден пораз по четири кола во квалификациите, го обезбедија учеството на ЕП.
Избраниците на Матијашевиќ се реваншираа над Турција по поразот од пред три дена, откако поведоа со 1-0 освојувајќи го првиот сет со 25-19. Турците брзо се вратија во игра, но во третиот и четвртио сет речиси сè ни одеше од рака.
Враќањето од -4 поени негатива во третиот сет беше знак дека Спартанците добија мотивација да ја зграпчат потребната победа. Максимално офанзивно Македонија продолжи да игра во четвртиот сет, од самиот старт го држевме водството од 4 поени, во еден период имавме и највисоки +8.
Покрај капитенот Ѓоргиев кој брилјираше со 24 поени, во нападот и одбраната блескаше и Љафтов со 23 поени.