Одлични вести за навивачите на Јунајтед, најбогатиот Британец и официјално влезе во трката за купување на Црвените ѓаволи

Најбогатиот човек во Обединетото Кралство, сер Џим Ретклиф, и официјално влезе во трката за купување на Манчестер јунајтед, пишува магазинот „Тајмс“.

„Официјално влеговме во процесот за купување на Јунајтед“, потврди за магазинот, портпаролот на Ретклиф.

Официјалната понуда за купување на Манчестер јунајтед, Ретклиф би требало да ја достави наредниот месец, а медиумите шпекулираат дека Црвените ѓаволи до крајот на сезонава веќе ќе имаат нов сопственик.

Освен Ретклиф, според „Тајмс“, понуди за купување на Манчестер јунајтед се очекуваат и од САД, Индија и од Блискиот Исток, поточно од Катар и Саудиска Арабија.

Богатството на сер Џим Ретклиф се проценува на околу 15 милијарди фунти, а навивачите на Јунајтед ги радува тоа што тој од мали нозе е голем навивач на Манчестер јунајтед.

Тој изрази желба да го купи Јунајтед уште минатата година.
„Ако клубот е на продажба, Џим е дефинитивно потенцијален купувач. Доколку се укаже можност, ние сме заинтересирани и веќе имаме долгорочен план“, рече неговиот портпарол минатата година.

Ретклиф е претседател на хемискиот гигант Инеос и веќе е сопственик на неколку фудбалски тима, Ница во Франција и Лозана во Швајцарија, а поседува и една третина од акциите на Формула 1 тимот Мерцедес.

Ретклиф се обиде да го купи Челзи во мај, но неговата понуда од 4,25 милијарди фунти беше одбиена и нов сопственик стана американскиот милијардер Тод Боли.

- Оглас -

Најнови вести