Меси потврди дека останува и жестоко нападна: Управата на клубот предводенa од Бартомеу е катастрофа

Лионел Меси и официјално потврди дека останува уште една сезона во Барселона, колку што му важи договорот со клубот. Капитенот ќе ја одигра сезоната 2020/21 во дресот на Каталонците, а по јуни следната година ќе биде слободен играч ќе си замине без отштета.

Сагата која траеше десетина дена конечно го доби крајниот епилог кој е во полза на Барселона. Управата на чело со Бартомеу никако не дозволуваше Меси да го раскине договорот, а негова преселба беше можна само при активација на клаузулата од 700 милиони евра.

“Не бев среќен и сакав да заминам. Ова не ми е дозволено на кој било начин и ќе останам во клубот за да не влезам во правен спор. Управата на клубот предводен од Бартомеу е катастрофа”, рече Меси.

Ниту Хорхе Меси, таткото на Лео, не успеа да го добие спорот со раководството по што и неговото барање за раскин на договорот беше одбиено. Дури се тврдеше дека клаузулата од неверојатни 700 милиони евра не е валидна, но според истрагата на Ла Лига таа уште е на сила и важи.

Како што стојат работите, Меси ќе го гледаме уште една година во сино-црвениот дрес, па дури потоа ќе може да го исполни сонот да заигра за Њуелс олд бојс, или Манчестер сити како дестинација која ја преферираше Аргентинецот.

Се очекува Меси да се приклучи на екипата во третото коло од Ла Лига, кога Барса на 27 септември ќе се сретне со Вилјареал.

- Оглас -

Најнови вести