Официјално: УЕФА ја донесе најавената историска одлука, фудбалот веќе нема да биде ист!

Извршниот комитет на УЕФА денеска официјално го поништи правилото за „гол во гости“, а примената на новото правило ќе стартува уште летово, од мечевите во квалификациите за европските купови.

Ова значи дека ако во елиминациска фаза првиот меч дома сте го добиле со 2-1, а потоа на гости сте загубиле со 0-1, или дома сте играле 2-2, а на гости 0-0, нема да бидете елиминирани како досега поради примени голови дома, туку ќе се играат продолженија.

Правилото ќе важи за сите клупски натпреварувања кои се под капата на УЕФА. Според тоа колку нокаут-дуели завршуваа со триумф на тимот кој дал повеќе голови на гости, сега кога тоа нема да важи и ќе се гледа само кој дал повеќе голови, може да се очекува во сезоната 2021/2022 и понатаму во иднина да има многу повеќе мечеви на кои ќе има продолженија и пенали.

Статистиките на УЕФА покажале дека од средината на 70-тите наваму, значи речиси 50-тина години, постојано паѓа просекот на победи на домашните тимови и домашниот терен веќе не ја има толку големата предност како некогаш. Ако пред 45 години процентот на победи на домашните бил 61 отсто, сега е паднат на 47, а постојано расте бројот на мечеви кои завршуваат со победи на гостите.

Една од причините зошто УЕФА го воведе ова правило е и тоа што домашните тимови беа во нефер позиција при продолженија бидејќи доколку во екстра периодот примевте гол на свој терен, за да одите понатаму ви требаа два.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести