Огромна чест за Харден, Хјустон ја повлекува „13-ката“ од употреба

Сопственикот на Хјустон рокетс, Тилман Фертита, потврди дека ќе го повлече дресот со број 13 од употреба, кој последен го носеше Џејмс Харден. Во чест на Брадата, овој дрес ќе виси заедно со дресовите на уште шест легенди на Ракетите и повеќе нема да се употребува во франшизата.

„Харден секогаш ќе биде „ракета“. Секако дека ќе го повлечеме неговиот дрес. Моите први три години во оваа франшиза ми беа разубавени токму поради него. Им донесе многу незаборавни моменти на навивачите“, посочи Фертита.

Харден во осум сезони како член на Хјустон беше избран за МВП, трипати заврши како најдобар поентер во НБА-лигата, а во шест наврати се најде во идеалната петорка. Брадата ја одведе оваа екипа до две конференциски финалиња, меѓутоа не успеа да ѝ донесе шампионска титула на франшизата, која во Тексас се чека од 1995 година.

Покрај дресот на Харден, Хјустон во минатото ги повлече дресовите на Калвин Марфи (23), Мозес Мелоун (24), Хаким Олајџувон (34), Рудиј Томјанович (45), Клајд Дреклер (22) и Јао Минг (11).

За првпат откако стана член на Бруклин нетс, Харден ќе се врати во Хјустон во ноќта меѓу среда и четврток.

 

- Оглас -

Најнови вести