Ола-ла – Претседател(и) на клубови му ѕвонеле на Макрон со молба да го прекине фудбалското првенство

Жан-Мишел Ола, првиот човек на Лион, бара одговори од Француската фудбалска федерација по објавата на дел од медиумите дека имало претседател(и) на клубови кои барале ургенции дури и од претседателот на државата, Емануел Макрон, за да се прекине фудбалскиот шампионат.

Целиот случај добива размери на голем скандал откако Лига 1 беше прекината и сезоната во Франција не се доигра. Лион е оштетен и по долго време нема да игра во еврокуповите. Популарните Лавови од Жерлан останаа на седмото место, без шанса во евентуалното продолжение на шампионатот да стигнат до позициите што гарантираат настап во Лигата на Европа или во Лигата на шампионите.

„Сега да видиме кои се луѓето што постојано ѕвонеле во кабинетот на претседателот на Франција за да бараат ургенции првенството да се прекине. Лион чека одговори“, изјави Ола.

Дел од француските медиуми објавија и дека се ѕвонело и во кабинетот на премиерот Едуард Филип, а целиот случај допрва ќе се разоткрива.

Лион најави дека ќе бара правда и по судски пат, а нешто слично ќе направи и Амиен, клуб кој испадна во предвреме завршеното првенство на Франција.

Пари Сен Жермен е прогласен за шампион и тука речиси и да немаше дилеми бидејќи Светците од Париз имаа 12 бода предност со меч помалку на 10 кола до крајот на шампионатот. Во Лигата на шампионите ќе игра и Олимпик Марсеј како второпласирана екипа, а квалификации за пробив во фазата по групи во луксузното натпреварување ќе игра третопласираниот Рен.

Лил ќе настапи во Лигата на Европа, а Лион извиси и за првпат по 25 години нема да биде учесник во европските купови.

 

- Оглас -

Најнови вести