Олимпискиот оган на ЛОИ во Париз ќе го носат 10.000 луѓе

Олимпискиот оган, кој од мај до јули 2024 година ќе помине низ цела Франција, ќе го носат 10.000 луѓе, објавија на прес-конференција организаторите на Олимписките игри во Париз. За капетани на оваа штафета на олимпискиот факел беа избрани шампионите во пливање Лаура и Флоран Манауду и атлетичарот Димитри Паваде, како и паратриатлонката Мона Френсис.

Факелот, кој според традицијата ќе биде запален во грчката Олимпија, ќе пристигне на француска почва по море, во Марсеј на 8 мај 2024 година. Потоа ќе го започне своето патување низ Франција, кое ќе трае до 26 јули 2024 година, кога Олимписките игри официјално ќе бидат отворени во Париз.

Новина во патувањето на пламенот е колективната штафета. Имено, во неа може да учествува група од 24 лица, што претставува, на пример, спортско здружение, односно одреден клуб. Ќе има вкупно 3.000 такви групи.

Секој носител на факелот ќе го носи огнот приближно четири минути на растојание од 200 метри. Една третина од носителите на пламен ќе бидат избрани од организацискиот одбор и спортското движење, втората третина од спонзорите на штафетата, а последната третина од другите партнери на Олимписките игри.

Огромното мнозинство носители на олимпискиот факел ќе бидат познати на почетокот на 2024 година, но имињата на главните спортисти и други познати личности ќе бидат откриени за неколку месеци, додека последниот носител што ќе го запали олимпискиот оган на денот на отворањето на Летните олимписки игри 2024 година е строго чувана тајна.

- Оглас -

Најнови вести