Опасен гостин му дојде на Вардар во Скопје – Лесно даваат голови, просекот им е 35 по меч

Вардар има тежок испит во третото коло во А групата од Лигата на шампионите и денеска ќе му биде домаќин на разиграниот вицешампион на Европа, данскиот Алборг.

Алборг неочекувано стигна до финалето во последното издание на Лигата на шампионите, каде што загуби од Барселона, а и овој циклус го почна одлично и многу ефикасно.

На двата меча со Монпелје и со Загреб постигнаа дури 70 голови, или во просек по 35 на меч. Славеа со 36:28 против францускиот тим и со 34:24 во главниот град на Хрватска во премиерниот меч.

„Ќе мора да внимаваме на нивните брзи трансформации на теренот. Постојано трчаат и се во движење, што ги прави многу незгодни, но знам дека можеме да ги сопреме. Играме во пеколен ритам, но само да го победиме Алборг, нека продолжиме и да се жалиме на темпото“, вели Тимур Дибиров.

Тој е еден од главните адути на реконструираниот тим на двојниот европски првак, кој повторно игра добро и бележи победи.

И Вардар и Алборг немаат пораз во стартните два меча, а скопјани имаат победа, реми и бод помалку од Данците.

Досега Вардар и Алборг не играле меѓу себе и денеска од 18.45 часот во Скопје за првпат ќе ги одмерат силите, во меч од третото коло во А групата во Лигата на шампионите.

 

- Оглас -

Најнови вести