Опасноста од ширење на вирусот во фудбалот е минимална, треба да се внимава на две ситуации

Фудбалското првенство во Холандија беше прекинато уште во април. Одлуката беше да нема шампион и да се поништи шампионатот, што сега изгледа како погрешно решение. Најголем дел од земјите во Европа решија да ги продолжат првенствата.

Докторот од Фудбалската федерација на Холандија, Едвин Годхарт, е уверен дека фудбалот е безбеден за играње и во ситуација кога корона-вирусот е активен. Медицинскиот тим на куќата на фудбалот во Холандија направил истражување кое покажало дека ризикот за пренесување на вирусот меѓу играчите е исклучително мал.

„Ги анализиравме сите 482 меча од елитниот фудбал за да видиме колку често доаѓа до ситуација во која двајца фудбалери може да се заразат еден со друг, или кога има ситуации со голем број физички контакти. За среќа, се потврди дека тоа многу ретко се случува. Мислам дека фудбалот како спорт во кој има контакти не е толку опасен за пренесување на вирусот. Ако се преземат едноставни мерки, како што се недоаѓање на тренинг ако сте болни и држење дистанца во соблекувалната, тоа е сигурен спорт“, вели доктор Годхарт.

По направената анализа, утврдено е дека во две ситуации има најголем ризик за евентуален контакт што може да донесе до зараза, а тоа се при изведување на корнерите и при прослава на головите кога играчите најчесто се прегрнуваат.

 

- Оглас -

Најнови вести