Операција „Фабијан 2020“

Спортскиот директор на Барселона, Ерик Абидал, минатата недела присуствувал на мечот меѓу Лече и Наполи кој избраниците на Карло Анчелоти го добија со убедливи 4-1. Причина за кратката екскурзија на Абидал е шпанскиот играч за врска на Наполитанците, Фабијан Руис.

Каталонците веќе извесно време го следат напредокот на Руис, а откако се наметна кај Анчелоти во првиот состав, неговите игри со секој нареден меч се сè подобри. Токму затоа шпанскиот првак го одреди Руис за трансфер цел број 1 за следното лето, а како што најави реномираниот каталонски медиум „Мундо депортиво“, со присуството на Абидал клубот веќе ја започна операцијата „Фабијан 2020“.

Наполи во летото 2018 година го откупи Руис за 30 милиони евра од редовите на Бетис. Дојде како замена за Марек Хамшик и брзо се прилагоди на италијанскиот фудбал. Изминатово лето блескаше за Црвената фурија на ЕП за играчи до 21 година, а покрај освоената титула беше избран за најдобар играч на првенството.

Со Руис, Барса ќе го комплетира реновирањето на средниот ред, а заедно со младите Де Јонг и Артур ќе бидат иднината на каталонскиот гигант. Засега не се споменува колку средства ќе треба да издвојат Каталонците, но делумно е јасно дека ќе мора да исплатат најмалку двојно од она што Наполи плати за Руис пред една година.

Иако Наполи може да загуби доста квалитетен играч, за македонскиот бисер Елиф Елмас овој евентуален трансфер може да биде од корист бидејќи ќе се ослободи простор за него и ќе добива многу поголема минутажа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести