Орландо одигра „магична“ последна четвртина и го сруши шампионот (Видео)

НБА-шампионот Голден стејт го претрпе вториот пораз во низа и повторно кобни беа последните минути од мечот. „Воините“ вчера со тројка во последната секунда загубија од Мајами, а сега поради очајно одиграна последна четвртина беа поразени и на гостувањето кај Орландо.

Интересно е што Орландо водеше во текот на целото прво полувреме и на паузата замина со предност од 59:51. Во третата четвртина, Голден стејт одигра одлично и тие 12 минути ги доби со 30:11, па во пресрет на последната решавачка четвртина водеше со 81:70. Голден стејт имаше и 13 поени предност, но Орландо не се предаде и со феноменална игра во последните минути стигна до голем пресврт и победа од 103:96.

https://youtu.be/Oi7vRx-0nCY

Најефикасен кај Орландо беше Гордон со 22 поени и 15 скокови, а дабл-дабл имаше и Вучевиќ, кој заврши со 12 поени и 13 скока. Стеф Кари со 33 поени беше најефикасен кај Голден стејт, а Томпсон додаде 21 поен.

Голем пресврт направи и Хјустон против Мајами. Иако во одреден дел од мечот Мајами имаше дури и 21 поен предност, на крајот Хјустон со неверојатна игра во последната четвртина, која ја доби со 35:20, се радуваше на победа од 121:118.

Резултати: Индијана – Минесота 122:115, Орландо – Голден стејт 103:96, Њујорк – Кливленд 118:125, Хјустон – Мајами 121:118, Оклахома – Филаделфија 104:108, Денвер – Јута 104:111.

- Оглас -

Најнови вести