Осма Мастерс титула за О`Саливен или Трамп за првпат?

Легендата Рони О`Саливен во 14 часот го почнува обидот по рекорден осми пат да го освои Мастерсот на кој учествуваат најдобрите 16 снукер играчи на светот, но пречка ќе му биде Џад Трамп, кој игра во одлична форма и годинава (на отвореното првенство на Северна Ирска) веќе доби едно финале против Рони.

О`Саливен е рекордер и со седумте титули во досеашните 12 финалиња, но сака тој рекорд да го зголеми. Од друга страна, Трамп првпат игра финале на овој турнир, но има 5-3 во финалните пресметки против 43-годишниот Рони О`Саливен.

Во полуфиналните мечеви, О`Саливен со 6:3 го победи неговиот близок пријател Динг Џунхуи, додека Трамп со 6:4 беше подобар од Нил Робертсон.

„Би сакал да имав полесен противник. Ќе уживам во финалето кое го гледам како предизвик. Не се плашам како некои други кои играат против Рони. Мојот биланс против него кажува дека не се плашам, но треба да играм за 50 отсто подобро отколку против Робертсон. Немам што да загубам, знам и дека публиката ќе навива за него“ – рече Трамп.

Последното загубено Мастерс финале на О`Саливен беше во 2010 година. Ако „ракетата“ победи, ќе стане првиот со осум титули на некој од трите најважни снукер турнири на светот (Светско првенство, Мастерс и шампионатот на Обединетото Кралство).

- Оглас -

Најнови вести