Ќатип Османи: И на реваншот Шкендија ќе оди на победа

Македонскиот шампион Шкендија иако го доби гостувањето во Естонија кај Номе Калју со 1-0, нема намера да тактизира на утрешниот реванш во Скопје од 17 часот на Националната арена „Тодор Проески“ и ќе брка втора победа за заверка на пласманот во второто квалификациско коло за влез во Лигата на шампионите, во кое тетовци најверојатно ќе се судрат со шкотскиот Селтик.

Тренерот Ќатип Османи на денешната пред-конференција кажа дека средбата ќе ја почне со истите 11 кои стартуваа и на првиот меч, а приновата Фелипе би можел да добие некоја минута ако околностите го дозволуваат тоа, но не е исклучено и да биде зачуван како изненадување за Селтик.

„Ги анализиравме грешките, оптимисти сме и очекуваме да поминеме во второто коло. Победата од 1-0 ништо не гарантира. Фудбалот носел изненадувања и мора максимално сериозно да го сфатиме мечот. Како што стојат работите, 99 отсто ќе биде истиот состав како и на првиот меч. И утре атакуваме на победа. Резултатот од првиот меч ни дозволува тактизирање, но не значи дека работата околу пласманот понатаму е завршена“, рече Османи.

- Оглас -

Најнови вести