Останете фудбалска фамилија, на ЕП нека се игра без Илија

Илија Несторовски е печен да биде првиот фудбалски пензионер во акцијата на Наумче Мојсовски, тазе најавена како „Пензиски стаж за сите спортисти“.

Бонус нека биде бенифициран стаж за златната асистенција до Горан Пандев за голот во Тбилиси што нѐ одведе на Европско првенство, но на шампионатот не смее да игра човек што на резултат 5:0 вулгарно пцуе во камери, а притоа го носи дресот со национални обележја. Време е за пензија кога се работи за настапите за македонската репрезентација.

Тенко е оправдувањето дека недоличниот чин на Несторовски се однесува само на три личности кои постојано го навредувале нашиот фудбалски репрезентативец и неговото семејство. Тоа го осудуваме, но за таков чин има институции, и тоа државни, за да ги решаваат проблемите.

Со погрдни пцовки да ѝ се обраќаш на нацијата е вулгарен чин, а за репрезентативецот Несторовски, кој е идол на деца, на идни таленти, тоа едноставно е недозволиво.

И нејасно е од каде таква фрустрација на репрезентативец што во ноември беше славен, сосема заслужено, како еден од рамноправните фудбалски јунаци што ни го донесоа историскиот успех и пласман на Европското првенство. Јасно ли му е на Илија дека вчера ѝ удри жешка шлаканица на македонската фудбалска бајка, што со симпатии ја проследи фудбалскиот свет, не само во Македонија.

Имало навреди за утките во Романија? Фрустрации од нападите на социјалните мрежи за лошата форма? Па ако е така, можеби е подобро по Паненката за 5:0 против Лихтенштајн, што не истепа некого само затоа што не може да истрпи критики.

Професионален фудбалер кој игра во елитната Серија А и кој до него за совет секогаш го има Горан Пандев. Човекот што истрпе најмалку двојно повеќе неоправдани критики и навреди во авантурата со рекордни 116 настапи во дресот со национални бои.

Пандев издржа сè и сешто, но ни одблиску и никогаш и ни приближно не избувна со вулгарно „Ќутете пи*ка ви матер“. Напротив, на идеален начин како лидер и капитен на оваа генерација фудбалери ги прегрме сите искушенија и го дочека моментот што апсолутно го заслужува, со вас како фудбалска фамилија да се пишува македонската спортска историја.

Токму таа фамилија, што често се потенцира од фудбалските репрезентативци како модел на соработка, соживот, единство на теренот, ја фасцинира и целата наша јавност, не само спортска, која апсолутно ве поддржа во историскиот поход кон прв настап на големо натпреварување.

За да не биде загрозена таа фамилија, нема друго чаре освен да биде без Илија на ЕП. Казната изгледа сурова, но е неизбежна за да покажеме дека сме цивилизиран свет, сега и како дел од европскиот фудбалски крем на шампионатот во јуни и јули, прв и историски за Македонија.

Расколот и онака е голем, во моменти што со нетрпение ги чекавме цели 30 години, а за миг шекспировски од еуфорија се претвораат во трагедија.

Првиот зицер дебело го утна претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, со сомнителен реизбор во историска година за нашиот фудбал. Втората шанса ќе ја промашите ако Несторовски не биде казнет соодветно, а трета тешко ќе имате. Утките ќе се прекршат токму на тие што најмалку заслужуваат, на репрезентативците што сè уште се нашите спортски јунаци.

До ЕП има малку време, точно уште 75 дена, но сè уште доволно за да се реагира експресно и правилно. Почнувајќи од главата на змејот, што ни го уништува сонот за достојна презентација на европскиот саем на фудбалот.

Време е за брз ремонт, итни оставки и казни, за да се вратат насмевките, бескрајната радост и еуфоријата на лицата на тие што искрено се израдуваа на вашиот огромен подвиг и успех. За Македонија храбро и чесно да чекори во Букурешт и Амстердам, а зошто да не и понатаму на ЕП, на крилјата на илјадници симпатизери на Пандев, Барди, Елмас, Трајковски, Адеми и сите што со гордост, чест и огромен фудбалски квалитет го носат дресот со националните бои.

 

 

- Оглас -

Најнови вести