Откако службено го победи Наполи, уште една одлука во корист на Јувентус

И за време на репрезентативни обврски, Јувентус прокнижи нови три бода во Серија А. Старата дама доби службени три бода за неодиграниот меч против Наполи во Торино. Дисциплинската комисија ги разгледа сите детали околу спорното неодигрување на средбата и одлучи дека Наполи имал услови да допатува во Торино и дербито да се одигра.

Според протоколот во Серија А, еден меч мора да се одигра доколку во клубот има 13-мина здрави фудбалери. Во Наполи имаше само двајца фудбалери заразени од корона-вирусот и неоправдано тимот од југот на Италија одби да патува на мегдан со Јувентус.

Освен службената победа против Наполи, во корист на Јувентус дојде уште една одлука. Адријан Рабио ќе може да игра во следното коло против Кротоне откако играчот на Јувентус ја „одработи“ суспензијата на неодиграниот меч против Наполи. Иако средбата не се одигра, на Рабио му истече суспензијата од еден меч и треба да е во составот за следниот дуел против Кротоне.

Оваа вест за враќање на Рабио во тимот е важна посебно затоа што периодов и Јувентус е „нападнат“ од корона-вирусот. Покрај Кристијано Роналдо, заразени се уште неколкумина фудбалери, па цел тим е во карантин. Сепак, Старата дама се очекува да има 13-мина здрави фудбалери и да отпатува на гостувањето кај Кротоне.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести