Некогашните јужноамерикански ѕвезди Фаустино Асприлја и Хозе Луис Чилаверт пред 22 години беа инволвирани во една од најпознатите тепачки од тоа време. На 2 април 1997 година во Асунсион, Парагвај ја пречека Колумбија во квалификациите за пласман на Светското првенство во 1998 година.
Во меч полн со набој и тензија, Парагвај победи со 2:1, но резултатот остана во втор план. Главните ѕвезди на двата тима, Асприлја и Чилаверт имаа конфликт на теренот. Чилаверт го плукна Асприлја, овој му возврати со удирање, па судијата на двајцата им даде црвен картон. Додека Чилаверт заминуваше од теренот, дојде до Асприлја и му удри бокс директно во лицето.
Тогаш настана хаос во кој учествуваа многу играчи на двете селекции. Тензијата продолжи и по мечот, а во целата ситуација се вклучи и наркомафијата од Колумбија.
По повеќе од две децении од инцидентот, Асприлја открива што се случувало. Еден од најопасните наркомафијаши Хулио Фијеро решил да му заѕвони на Асприлја. Хулио бил многу близок до озогласениот Пабло Ескобар.
„Кога заврши мечот, ми заѕвони телефонот, а бројот ми беше непознат. „Јас сум Хулио Фијеро, дојди кај мене во хотелот“, била пораката од човекот кој се јавил. На такви луѓе не смееше да им се одбие поканата. Заминав во хотелот, а таму имаше неколку опасни фаци. Кога дојдов, ми рекоа: Ни треба твојата дозвола за да го убиеме обој дебелиот Чилаверт“, открива Асприлја.
Колумбискиот фудбалер бил збунет, но веднаш одбил да потврди дека сака да го види Чилаверт мртов.
„Дали сте нормални? Тоа не смее да се случи. Тоа што се случило на теренот, останува на теренот. Ме удри со бокс, потоа се смиривме и тоа е тоа“, рекол Асприлја, кој ги молел мафијашите да не го убијат Чилаверт.
Неколку години по оваа непријатна случка, наркошефот Хулио Фијеро бил пронајден мртов, убиен од конкурентни наркобанди.