Ова беше експресно – Гурбиндо со два меча си замина од Вардар, шампионот доби 50 илјади евра

Шпанскиот репрезентативец Едуардо Гурбиндо е ракометарот што веројатно најкусо беше член на Вардар во богата историја на двојниот европски првак и само по два одиграни натпревари си замина.

Десниот бек на Црвената фурија го одигра само двомечот со Загреб во четвртфиналето во СЕХА-лигата и се пишмани и си замина во Динамо Букурешт.

Вардар доби 50 илјади евра како отштета за заминувањето на Гурбиндо во романскиот тим, а и разделбата не беше најдобра. Гурбиндо се пожали дека му било ветено нешто што Вардар не можел да го исполни, па експресно си замина во клуб со многу помало педигре во светот на ракометот.

Во Вардар дојде од францускиот Нант, каде што му беше соиграч на Кирил Лазаров, но во Вардар за многу кусиот период на престој не го потврди реномето.

Гурбиндо има одиграно 121 меч за шпанската репрезентација, со која беше европски првак во 2018 година, а има и сребро и бронза. Во Токио летово на Олимписките игри се закити со бронза, а истиот медал го има освоено и на Мундијалот во Шведска пред 10 години.

 

 

- Оглас -

Најнови вести