Точно напладне е закажана последната ждрепка за оваа сезона во Лигата на шампиониte. Оваа ждрепка треба да ги даде паровите за четвртфиналето, а веднаш потоа ќе бидат познати и можните полуфинални дуели.
Меѓу најдобрите осум екипи во Европа има шест клуба кои досега биле континентални прваци и две екипи кои мечтаат за највредниот трофеј на УЕФА. Реал Мадрид, Баерн Минхен, Манчестер сити, Челзи, Милан, Интер, Наполи и Бенфика ќе бидат во барабанот во коjшто нема да има привилигирани екипи, па едноставно може да се падне секој со секого.
Интересно е дека во една ваква ситуација можно е да се случат неколку спектакуларни дуели уште во четвртфиналето. Секако дека многумина би посакувале да има миланско дерби меѓу Интер и Милан, па на тој начин градот сигурно ќе има барем еден учесник во полуфиналето.
Спектакуларен би бил и дуел меѓу Реал Мадрид и Манчестер сити. Кралскиот клуб е најтрофеен со 14 пехари во елитното натпреварување на УЕФА, а Сити мечтае да влезе во друштво на шампионите. Овие две екипи играа минатата сезона во полуфиналето од ЛШ, а Реал на неверојатен начин успеа да се пласира во финалето. Мадридскиот тим во реваншот губеше со 0:1 до 90-тата минута, а потоа постигна три погодока и на крајот славеше со 3:1 за влез во финалето, па потоа го освои и трофејот.
Наполи како лидер во Серија А покажа дека игра фантастичен фудбал и би било одлично да го видиме како ќе се снајде во двомеч против најтрофејниот германски клуб Баерн Минхен, кој е прв во Бундеслигата.
Последната двојка би била меѓу Челзи и Бенфика и тоа би било дуел на поранешни европски прваци.

