Ова е некој нов Кирјос: Поради Новак играм тенис, се надевам дека ќе настапи на Отвореното првенство на Австралија

Австралискиот тенисер Ник Кирјос изјави дека сака да го види Новак Ѓоковиќ на Отвореното првенство на Австралија, како и дека Србинот е една од причините зошто тој игра тенис.

„Се надевам дека ќе дојде бидејќи тоа му е потребно на нашиот спорт. Видовме како една легенда си заминува, Рожер Федерер, и тоа во момент кога никој не може да го пополни тоа празно место. Сè додека Новак и Рафа се активни, мора да ги имаме и двајцата на Отвореното првенство на Австралија. Сакаме во Мелбурн да ги видиме најдобрите тенисери, а јас сакам да се натпреварувам против најдобрите и сакам да го видам Новак тука“, изјави Кирјос.

Изјавите на Кирјос за Ѓоковиќ во последно време се изненадување бидејќи тој постојано има само пофални зборови за Србинот. Во минатото, пак, Кирјос ја користеше секоја можност да го нападне и да ги омаловажи успесите на Ѓоковиќ.

Но, сè се смени во јануари годинава, кога на Новак му беше поништена визата и потоа беше депортиран од Австралија и не му беше овозможено да ја брани титулата на првиот годинешен гренслем-турнир.

Со депортирањето Ѓоковиќ доби и тригодишна забрана за влез во земјата, но новата австралиска влада е благонаклона кон српскиот тенисер и постои реална можност да му ја укине забраната, а токму на такво нешто се надева Кирјос.

„Новак е една од причините зошто играм. Како дете сакам да ги видам најдобрите тенисери на најдобрите стадиони и затоа се надевам дека ќе биде тука. Имаше тежок период во последните девет месеци и не можеше да игра каде сакаше. Се надевам дека Австралија ќе го прими со раширени раце“, додава Кирјос.

Ѓоковиќ и Кирјос годинава играа во финалето на Вимблдон, а славеше српскиот тенисер во четири сета, и тоа со 4:6,6:3,6:4,7:6.

- Оглас -

Најнови вести