Ова што го прави Пеп не е нормално

Пеп Гвардиола пред 11 години ја започна тренерската кариера. Ни помалку, ни повеќе, прв предизвик му беше Барселона, а таму за првпат се појави на фудбалската „мапа“.

Во дебитантската сезона како тренер, Гвардиола со Каталонците ја освои тројната круна (Ла Лига, Купот на Кралот, Лигата на шампионите), а потоа ги нареди европскиот и шпанскиот Суперкуп, како и Светското клупско првенство. Tитулата во Шпанија ја одбрани и во следните две сезони, а додаде уште еден трофеј од Лигата на шампионите во 2011 година. Шпанскиот куп го освои уште еднаш пред да ја напушти Барселона, а во два наврати ја одбрани и титулата во шпанскиот Суперкуп.

Потоа замина за Германија во редовите на Баерн Минхен, а во трите сезони на кормилото на Баварците, ја освојуваше Бундеслигата. До двојна круна во Германија стигна во првите две сезони, во последната се задоволи само со домашното првенство. Како тренер на Баерн, Гвардиола ги освои европскиот Суперкуп и Светското клупско првенство, бидејќи сезоната пред да ја преземе клупата Баварците беа европски прваци.

Се чекаше моментот кога ќе се одлучи да тактизира во Премиер лигата, па во 2016 година ги презеде Граѓаните од Манчестер. Во дебитантската сезона во Англија, Гвардиола со Сити заврши на третата позиција, за во наредните две години да испише историја.

Минатата сезона Манчестер сити стана шампион со рекордни 100 бода, но и рекордни 106 погодоци во 38 натпревари. Сличен учинок повторија и оваа сезона, станаа шампиони со 98 бода, и по една деценија Премиер лигата посведочи на тим кој ја одбранил шампионската титула. Во меѓувреме освои два трофеи од Лига Купот на Англија, како и Суперкупот или попознат како Комјунити шилд.

Севкупно гледано, Гвардиола за 11 години освои 26 трофеи, а не треба да се заборави дека Сити на 18 мај игра финале во ФА купот против Ватфорд, што значи дека Шпанецот ќе може да комплетира тројна англиска круна, нешто на ниту една екипи, а ниту стратег не им успеало.

Во 10 сезони како стратег, Гвардиола со Барселона, Баерн Минхен и Манчестер сити освои вкупно 906 бода од можни 1.104 бода, што е неверојатен учинок, или поточно 82% успешност. Од вкупно 10 сезони, само во две не бил шампион. Тоа беше сезоната 2011/12 кога Реал Мадрид стана шпански првак, и во сезоната 2016/17, кога Челзи ја освои Премиер лигата.

Неверојатен, незамислив учинок. Дефинитивно еден од најдобрите стратези на сите времиња.

 

- Оглас -

Најнови вести