Овен има луда теорија: Мане не сака да паднe за Салах да не шутира пенал

Мајк Овен, некогашниот напаѓач на Ливерпул и Реал Мадрид, но и освојувач на Златната топка, има луда теорија. Според Овен, Садио Мане не сака да изнудува пенали во корист на својата екипа со цел да не му даде на Мо Салах да шутира пенал.

Вчера Ливерпул го загуби и петтиот лигашки дуел на домашен терен во низа по минималните 0-1 од Челзи. Во воведот од дербито, Мане се најде во ситуација на работ од шестнаесетникот да прими топка и имаше контакт со противничкиот дефанзивец доволно за да падне на тревата и да изнуди најстрога казна, меѓутоа Сенегалецот се обиде да ја смири топката со цел да изгради позиција за удар, но не му успеа.

„Не можев да си поверувам дека не падна во таа ситуација. Во ред, Мане имаше добар прием на топката и веројатно помисли дека може да постигне гол. Но, слично се случи за време на мечот против Шефилд, па ме стави во мислење дека Мане намерно не сака да изнуди пенал со цел да не му даде на Салах да постигне гол од белата точка. Сведоци сме дека двајцата се бореа за Златната копачка изминативе неколку сезони. Можеби ова што го зборувам делува како луда теорија, но тие се познати како играчи со огромен натпреварувачки дух. Во повеќе наврати сме посведочиле на себични одлуки. Затоа оваа теорија ми помина низ мислите, бидејќи Мане порано паѓаше при вакви ситуации, а сега избегнува“, истакна Овен.

Ливерпул инаку во второто полувреме беше видно оштетен за недосуден пенал. Во еден напад обидот на Фирмино да додаде во опасната зона, заврши во раката на Канте, меѓутоа судијата Еткинсон, како и ВАР-системот воопшто не реагираа на спорниот момент.

- Оглас -

Најнови вести