Озил и Колашинац се враќаат во составот на Арсенал за дуелот против Барнли

Во пресрет на второто коло во Премиер лигата, менаџерот на Арсенал, Унај Емери, истакна дека Месут Озил и Сеад Колашинац се подготвени да им се вратат на клупските обврски за првпат по нападот кој се случи минатиот месец. Двајцата фудбалери учествувале на тимските тренинзи изминатава недела и многу веројатно утре ќе се појават на „Емирати“ за дуелот против Барнли.

Пред околу 20 дена, Озил и Колашинац беа жртви на обид за грабеж откако беа нападнати од две непознати лица кои имаа намера да го одземат возилото на Германецот, по што неговиот клупски колега се замеша со цел да спречи поголема штета. Топчиите беа принудени да ги изолираат двајцата фудбалери од безбедносни причини, откако произлегоа шпекулации дека се инволвирани во расправија на локални банди.

„Сигурен сум дека се подготвени за настап. Двајцата потполно се фокусирани на клупските обврски и сакаат што побрзо да се вратат на терените. Јас лично, но и сите останати во клубот се трудиме да им обезбедиме нормален тек на настаните во нивните животи по онаа немила сцена што се случи. Во текот на оваа недела тие си доаѓаа на тренинзи. Озил имаше мала настинка, но и покрај тоа, се трудеше во текот на сесиите. Веќе направивме неколку комбинации за да го вклучиме Озил во првиот состав, така што големи се шансите да заигра против Барнли“, истакна Емери.

Дуелот Арсенал – Барнли е прв на саботната програма од Премиер лигата со почеток од 13:30 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести