3.8 C
Skopje
четврток, 13 ноември 2025
Дома Blog Страница 10016

Неделев погоди во сабота, Бугарија без пораз чекори кон повисок ранг

Бугарија е без пораз по три кола во третата група од Ц сегментот во Лигата на Нации, а падна и Кипар пред налетите на избраниците на Петер Хубчев.

Јунак на мечот беше Тодор Неделев со победнички гол во 68. минута за победа на домаќините од 2:1. Кипар поведе на „Васил Левски“ со голот на играчот на Јувентус, Григорис Кастанос во 41. минута, за потоа да се случи пресврт во вториот дел.

Кирил Десподов израмни во 59. минута, а Неделев го заокружи пресвртот за максимален учинок на нашите источни соседи по три кола во Лигата на Нации.

Главен конкурент за првото место кое води во повисок ранг на натпревари ќе им биде Норвешка, по триумфот од 1:0 со Словенија. Оле Селнас погоди во петтата минута од судиското продолжение во првиот дел, доволно за победа на викинзите од 1:0.

Бугарија има 9 бодови по три кола, пред Норвешка со 6, Кипар со три и Словенците кои се разочарување без бодови.

Јура долета од Чикаго, но не е супермен

Ерменците имаат одлични поединци и неколку фудбалери од висока класа, но подолго време нешто не штима како што треба во нивниот табор.

Тоа пред навивачите го призна и еден од најпознатите играчи Јура Мовсисјан. Долета од САД од редовите на Чикаго фајр за да и помогне на ерменската селекција, но и тој и неговите соиграчи се посрамотија со поразот од Гибралтар.

„Јура не е супермен, а фудбалот е тимски спорт. Ако некој очекуваше јас самиот да ги променам работите, тогаш за џабе доаѓав. Не можеме да се однесуваме како размазени ѕвезди на теренот. Проблемите во ерменската репрезентација не се од сега. Тие траат веќе една година и ништо не може да се промени за еден ден, со еден меч. За репрезентацијата и дресот со национални обележја треба да се гине на теренот“, вели Мовсисјан.

Тој има одлична фудбалска кариера, играше за руски Спартак, за Краснодар и уште неколку реномирани европски клубови, а сега настапува во МЛС лигата во САД за Чикаго фајр. Ерменците го имаат и Мхитарјан од Арсенал, потоа и одличниот Пицели, Барсегјан, Хамбарѕумјан и уште неколку квалитетни поединци, но лошо функционираат како целина и тоа е шанса Македонија и во вторник да ги надигра и порази.

Во Скопје минатиот месец ги победивме со 2:0, а со нов успех ќе бидеме сигурно први во нашата група и ќе играме на завршниот турнир во Д сегментот од Лигата на Нации. Таму ќе настапат победниците од четирите групи, а најдобрата селекција, што ќе биде шамопион во Д сегментот ќе игра на Европското првенство во 2020 година.

 

Убаво е кога се победува – Македонија отпатува по бодови и во Ереван (Фото)

Убаво е кога се победува, а Македонија во триумфален мод, со десет мечеви без пораз, па насмевките на лицата на нашите репрезентативци ветуваат нов успех и во вторник во Ереван.

На ред е дуел со Ерменија, селекција која беше нокаутирана од Гибралтар со 0:1, резултат што ширум ни ги отвора портите кон ЕП 2020 година.

Македонија тргна кон Ереван за победа, за зацврстување на првото место во групата и за задржување на победничкиот тренд. Непоразени сме веќе 15 месеци, а и во Ереван сме фаворити за победа, во вторник треба повторно да докажеме дека сме најдобри во четвртата група од Д сегментот.

Вашингтон тешко се буди од шампионскиот сон

Алекс Овечкин и соиграчите од шампионскиот состав на Вашингтон капиталс се уште не се разбудени од шампионскиот сон и веќе имаат три порази на првите пет натпревари во новата сезона во НХЛ лигата.

Ноќеска го доживеаја вториот по ред, а подобри од нив беа хокеарите на Торонто мејпл лифс. И покрај предноста на првакот од 1:0 и 2:1 со головите на Стивенсон и на Кузнецов, гостите успеаја да направат пресврт и да ги освојат бодовите. Капанен, Линдхолм, Леиво и Метјуз беа стрелци за Торонто, екипа која има амбиции да атакува на титулата.

Разиграно беа и хокеарите на Бостон бруинс и на Тампа беј и славеа со идентични и многу убедливи 8:2 против Детроит ред вингс, односно Колумбус блу џекетс.

Резултати: Њујорк ренџерс – Ванкувер 1:2, Филаделфија – Вегас 0:1, Отава – Лос Анџелес 5:1, Бостон – Детроит 8:2, Минесота – Каролина 4:5 (по продолженија), Флорида – Ванкувер 2:3, Монтреал – Питсбург 4:3 (на пенали), Тампа беј – Колумбус 8:2, Вашингтон – Торонто 2:4, Далас – Анахејм 5:3, Нешвил – Њујорк ајландерс 5:2, Чикаго – Сент Луис 4:3 (по продолженија), Аризона – Бафало 0:3, Колорадо – Калгари 2:3 (по продолженија). 

Германците грмат: Лев победи ја Франција, или оди си

Германците се во криза, а Јоаким Лев е под силен притисок по поразот на „елфот“ од Холандија со 0:3. Германските медиуми грмат и бараат победа против Франција во вторник во Париз, или оставка од селекторот.

„Игравме лошо во Русија,  но верувавме дека тоа се само моменти на слабост. Против Франција бевме како исплашени на премиерата од Лигата на Нации, а против Холандија се загубивме на теренот. Ваква дефанзивна и плашлива игра не и доликува на Германија. Јоги победи ја Франција во Париз, или оди си“, пишуваат новинарите на „Кикер“.

Германците се во криза, а поразот од Холанѓаните, убедлив со три примени и без постигнат гол само дополнително стави сол на раната. На последните три официјални натпревари избраниците на Лев немаат постигнато гол, нешто што е незамисливо за четирикратен светски првак и една од најтрофејните фудбалски нации на планетата.

Вчера во Амстердам Германците беа декласирани од Холандија, која славеше со головите на Ван Дајк, Депај и Вајналдум и го закова ривалот на последното место во првата група, што води во понизок ранг, во Б сегментот од Лигата на Нации.

Франција пред пресметката со Германците во вторник е лидер со 4 бода од два меча, Холандија има три, а Германија само еден бод.

 

Ховханисјан: Поразот од Гибралтар е срамен, ќе се извиниме само со победа против Македонија

Камо Ховханисјан се надева на триумф против Македонија во вторник во Ереван, со што барем делумно би се заборавил срамниот пораз од Гибралтар во Лигата на Нации.

Ерменците загубија со 0:1 на домашен терен и ќе влезат во историјата како прва селекција која е поразена од Гибралтар во официјален меч.

„И се извинуваме на публиката, која дојде и не поддржа и против Гибралтар. Не можам да кажам дека не игравме фудбал. Имавме шанси, но некогаш не оди ниту кога сте подобри на теренот. Поразот е срамен, но се надевам дека со победа против Македонија барем малку ќе ги израдуваме нашите навивачи“, вели левиот бек на ерменската селекција.

Ниту со евентуална победа против нас во вторник, Ерменците нема да можат сами да си ја кројат судбината во битката за првото место во четвртата група. Имаат само три бода по три кола, ги победивме во Скопје со 2:0, па сега Македонија со девет бодови е апсолутен фаворит за пат на завршниот турнир на победниците на четирите групи во Д сегментот.

 

 

Трајковски: Ние сме среќно семејство што знае да победува и да се радува

Македонија функционираше како прецизен часовник против аутсајдерот Лихтенштајн и со триумф од 4:1 ја продолжи импресивната серија од 10 меча без пораз.

Први сме во групата и сигурно чекориме кон полуфиналето во Д сегментот, што е дел од предвидениот пат кон Европското првенство во 2020 година.

Александар Трајковски со два гола и одлична игра беше еден од најзаслужните за победата, а тој го знае рецептот за добрите игри и успеси што имаат континуитет од над 15 месеци. Последен пат не порази Шпанија во Скопје, а потоа тргна блескавата серија од цели 10 меча на кои не знаеме за неуспех.

„Добро играме, напредуваме многу и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам и ќе го задржиме првото место во групата. Во следните неколку денови ќе размислуваме за Ерменија. Се создаде една одлична семејна атмосфера во репрезентацијата, еден одличен спој што го дополнија младинците кои играа на Европското првенство во Полска и само нека продолжи така. Имаме квалитетни играчи, кои настапуваат во силни лиги и се надевам дека како што победуваме се повеќе ќе се подбруваме. Ако продолжиме вака верувам дека ниту една селекција од Д сегментот не може да ни ја сопре серијата“, вели Трајковски.

Вчера повторно беспрекорно функционираше италијанската врска на релација Џенова – Палермо, овојпат во Скопје. Пандев двапати асистираше, Трајковски двапати погоди, а истите играчи со одлична акција во претходниот циклус ни донесоа голем успех и реми во Торино против Италија.

„Само нека функционира таа врска. Пандев асистира, јас погодував, но верувам дека кога ќе имам шанса ќе му возвратам на капитенот. Најважно е што победуваме и во репрезентацијата има неверојатен дух и желба за победи“, дополни Трајковски.

 

Разиграна Македонија – Алиоски е најдобар стрелец во Д сегментот, во топ-5 и Пандев и Трајковски

Езџан Алиоски е прв стрелец по три кола во Д сегментот од Лигата на Нации, а разиграната Македонија е најефикасна селекција од сите 16 во ова друштво.

Алиоски е крал на стрелците со три погодоци, а со по два во трите одиграни кола и Горан Пандев и Александар Трајковски се во топ-5 најефикасни играчи.

Вчера против Лихтенштајн сите тројца беа расположени за голови, Трајковски постигна два, а Пандев и Алиоски по еден.

Македонија со 8 погодоци на трите дуели со Гибралтар, Ерменија и Лихтенштајн е најефикасна репрезентација пред Луксембург со 7 и Белорусија и Грузија со по шест.

Покрај ефикасноста селекторот Игор Ангеловски го радува и податокот дека имаме примено само еден гол, а мрежата на Столе Димитриевски успеа да ја затресе само Јилдиз, кој беше стрелец на вчерашниот меч за Лихтенштајн во победата на нашата селекција од 4:1.

Следен предизвик за да се задржи трендот на ефикасност, но и цврстата одбрана ќе биде мечот со Ерменија, во Ерерван на 16. октомври.

Ангеловски: Мораме вака да продолжиме, бидејќи имаме повеќе од три противници

Победата на Македонија против Лихтенштајн широко ги отвора вратите на нашата селекција да го освои првото место во групата, а со тоа и да ги продолжи шансите дека преку настапите во Лигата на нации да стигнеме до пласман на Европското првенство во 2020 година. Селекторот Игор Ангеловски беше задоволен, но потенцираше дека мора да се продолжи во исто темпо и на преостанатите три средби кои следуваат.

„Сега се огромни шансите да завршиме на првото место, но готово ќе биде кога и теоретски ќе бидеме таму. Ова е интересно натпреварување бидејќи не се бориш против само селекциите кои се во твојата група, туку и со оние кои се можни противници во полуфиналето од плеј-офот. Знаеме дека полуфиналниот меч кога евентуално ќе бидеме први, се игра на терен на тој што е подобар. Се натпреваруваме и со останатите селекции. Имаме мотиви да играме, уште не е готово. Мораме вака да продолжиме. Среќен сум што работам со такви фудбалери. Тие се најзаслужни за ова“, рече Ангеловски на пресот по мечот.

Македонија сега продолжува со подготовки и тоа за дуелот против Ерменија на гости. Тоа е ривалот за кој Ангеловски смета дека е најопасен ривал во оваа група каде што е Македонија.

„На секој меч ја подготвувам екипата да одиме на победа. Да дадеме гол повеќе од противникот. Мислам дека сите што беа на стадион се задоволни од тоа што го покажавме. Нашите мисли се да го добиеме мечот во Ереван“, додава Ангеловски, кој не заборави да потенцира дека единствена забелешка од натпреварот против Лихтенштајн е примениот погодок, прв за Македонија во Лигата на нации.

Македонија е класа над останатите три селекции

Уште пред да почне дуелот беше јасно дека Македонија е голем фаворит против Лихтенштајн, а тоа се покажа и на теренот во текот на сите 90 минути. Македонија доминираше и на крајот заслужено се радуваше на победа од 4:1. Селекторот на гостите Рене Паурич е реален и знае дека неговите избраници немало што да бараат на дуелот во Скопје.

„Честитки за заслужената победа на Македонија. Не најдовме рецепт за нивниот напад, а и ние не се снајдовме најдобро во дефанзивата. Македонија е една класа пред сите останати три селекции во групата. Тие сигурно ќе го освојат првото место, а ние останатите ќе се бориме за втората позиција во групата“, Рене Паурич по синоќешниот дуел на арената „Филип Втори“.