1.8 C
Skopje
четврток, 13 ноември 2025
Дома Blog Страница 10026

Вардар ја има најдобрата одбрана во Лигата на шампионите

Вардар и сезонава се истакна како екипа на која најтешко се дава гол. Во претходните сезони Вардар го красеше одличната игра во одбраната, а тоа се случува и оваа сезона, иако составот е доста променет, „црвено-црните” повторно господарат пред сопствениот гол.

На четири натпревари во Лигата на шампионите, Вардарци забележа исто толку победи, а примија само 101 гол. Тоа е најдобро остварување од сите екипи во двете групи. Под 110 голови досега се само уште ПСЖ (105) и ПИК Сегед (106), но и двата тима се наоѓаат во групата Б. Исто така, Вардар ја има и третата најдобра гол-разлика меѓу екипите од двете групи, со „плус 15″.

Групата А, каде што настапува Вардар, ја нарекуваат и „група на смртта” бидејќи настапува актуелниот европски првак Монпелје и плус уште три поранешни европски прваци: Барселона, Кјелце и Вардар, додека во групата се и Рајн-Некар, Веспрем и Кристијанштад.

„Црвено-црните” остварија изненадување уште на стартот со триумфот на гостински терен кај европскиот првак Монпелје, 27-24. Потоа следуваше лесната победа над Кристијанштад со 33-25 пред домашна пупблика. Сезонава Вардар првпат успеа да триумфира на гостински терен кај Веспрем со конечен исход од 27-25, а потоа во Скопје беше победен и Рајн-Некар со 29-27, мечот кој беше избран за дуел на четвртото коло во ЛШ.

Следен предизвик за Вардар е тешкото гостување кај Кјелце, средбата која е закажана за во недела, 14-ти октомври, а потоа во СЦ „Јане Сандански“, на трети ноември доаѓа Мешков Брест.

Се поплави „Камп ноу“

Силните дождови кои деновиве ја зафатија Барселона направија проблем на стадионот „Камп ноу“, кој е една од главните туристички атракции во тој град.

На стадионот имало поплавени делови кај тунелот од којшто се излегува на теренот, па клубот беше принуден да ја смени маршрутата за посетителите, а работниците се фатија за работа и поправка на штетата.

Поради паузата во првенствата за Лигата на нациите, Барса наредниот меч дома го игра на 21-ви октомври, и тоа против Севилја, па имаат доволно време да ги санираат проблемите од поплавата.

Поплава имало и на теренот „Јохан Кројф“, новиот „Мини Естади“, кој треба да биде подготвен за играње мечеви во март. Претседателот на Барселона планираше вчера да оди да види до каде се работите, но мораше да ја откаже визитата.

Шапка долу за репрезентативците од првиот селектор

Првиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, Андон Дончевски, денеска присуствуваше на тренингот на националниот тим на комплексот на ФФМ, „Петар Милошевски“.

Дончевски допатува од Австралија на прославата на 25-годишницата од првиот меч на Македонија, во Крањ против Словенија. Чичко Дончо и неговите тогашни избраници и „лавови“ како што тој ги нарекуваше, ќе продефилираат на националната арена „Филип Втори“ пред саботниот меч со Лихтенштајн.

Дончевски во манир на вистински господин, им симна капа на актуелните репрезентативци за резултатите кои ги бележат во последно време, и им посака пласман на Европското првенство.

Чекинато си „чекираше“ меч со Ѓоковиќ

Марко Чекинато ќе биде противникот на Новак Ѓоковиќ во третото коло на Мастерсот во Шангај, кој се игра на тврда подлога. Италијанецот по голема борба, го совлада Хјуан Чанг од Кореја со 4-6, 7-6, 7-6 и си закажа пресметка со одмазнички настроениот Србин.

Кој и да играше со Ноле, ќе беше противник кој годинава го совладал Ѓоковиќ на Гренд слем. Чанг го изненади Ѓоковиќ на Отвореното првенство на Австралија, а Чекинато во четврт-финалето на Ролан Гарос, кој се игра на земјена подлога.

За разлика од пред неколку месеци, кога Ноле загуби од Чекинато, сега тој е во врвна форма и повторно е речиси непобедлив, па на Италијанецот, кој е 21-ви на АТП-листата, воопшто нема да му биде лесно да го повтори подвигот од Париз. Обидот на Ѓоковиќ за одмазда е утре наутро.

Атомската мравка ќе ги буди „аѕурите“ против Украина

Италија и Украина ќе ја искористат паузата во третото коло во Лигата на нациите за да ги одмерат силите во меч од пријателски карактер. Ова ќе биде осма меѓусебна пресметка на овие две селекции, а „аѕурите“ имаат речиси перфектен скор против Украинците со шест победи и едно реми. Меѓутоа, жолто-сините моментално се во подобра позиција, немаат пораз во 2018 година, додека Италија победи само еднаш на последните седум натпревари.

Роберто Манчини на сите начини се обидува да го врати стариот сјај на „аѕурите“, но засега не му успева планот. Најнова идеја на некогашниот тренер на Интер е што го врати Себастијан Џовинко во репрезентацијата, кој никако не добиваше шанса од претходните селектори откако Атомската мравка одлучи да го напушти Јувентус за да игра во МЛС-лигата во тимот на Торонто. Радува враќањето на Верати во составот, додека по критиките кои ги доби Марио Балотели по средбите против Полска и Португалија, напаѓачот на Ница овојпат не беше повикан од Манчини.

На другата страна, Шевченко ќе добие помош од својот асистент Мауро Тасоти за подготвување на тактиката за овој дуел, кој е поранешен член на Италија и Милан. Неговата селекција во мечот ќе влезе со позитивна серија од пет победи и две ремија, со надеж дека нема да биде прекината по оваа средба. По неуспехот да се пласираат на Мундијалот во Русија, кој се одржа летово, Украинците сега имаат големи очекувања во Лигата на нациите, како и во квалификациите за ЕП 2020, а за да се остварат тие очекувања, потребно е да се продолжи оваа позитивна низа за моралот во селекцијата да остане на високо ниво.

Натпреварот Италија – Џенова ќе се игра во Џенова, а мечот ќе биде посветен на сите оние кои настрадаа во неодамнешната трагедија која се случи во градот. Средбата ќе биде прекината на 30 секунди во 43-тата минута, бидејќи толкава е бројката на луѓе кои ги загубија своите животи. Убав гест од Италијанската фудбалска федерација е што се обврза да го финансира школувањето на сите оние деца кои останаа без родители по трагедијата.

Со оглед на фактот дека Италија ќе игра пред своја публика, според коефицинетите се фаворити за овој дуел, со 1.70 квота за „кец“, додека во триумф во корист на Украина квотата е 5.60.

 

Лук Шоу го пропушта дуелот со Јувентус, неизвесен е Матиќ

Нови проблеми во таборот на Манчестер јунајтед, се повредија Лук Шоу и Немања Матиќ. Англискиот лев бек чувствува болки во ногата и засега е непознато колку време ќе треба да паузира, додека медицинскиот тим смета дека нема да биде подготвен за дуелот со Јувентус од Лигата на шампионите, мечот кој е закажан за 23-ти октомври. Шоу иако беше ставен на располагање кај Саутгејт за претстојните натпревари на Англија против Хрватска и Шпанија во Лигата на нациите, тој се врати во тренинг-центарот на Јунајтед, каде што ќе продолжи со рехабилитацијата.

Исто така, на болки во грбот се жали и Немања Матиќ. Српскиот репрезентативец се појави на репрезентативниот собир на „орлите“, меѓутоа тој нема да настапи на средбите против Црна Гора и Романија. Фудбалерот за врска е неизвесен за дуелот против својот поранешен тим Челзи во Премиер лигата, дербито кое ќе се одигра веднаш по завршувањето на репрезентативната пауза, односно три дена пред средбата со Јувентус.

Иако Мурињо го положи првиот испит со Њукасл, му претстојат нови тешки испити во обидот да си ја сочува работата, а ќе мора да се справи со нив без двајцата клучни играчи.

 

Барса ѝ го украде на Рома, а сега не го користи

Барселона летоска плати 41 милион евра за да го доведе Бразилецот Малком од Бордо и предизвика многу контроверзии бидејќи фудбалерот беше пред трансфер во Рома, а сега се покажува дека тоа беа „фрлени пари“.

Ернесто Валверде очигледно воопшто не е воодушевен од Малком и иако Бразилецот е најскапото, засега е најмалку користеното летно засилување на Барса. Малком настапи само на два меча, на кои влегуваше од клупата за резерви.

На последните два меча, против Тотенхем и Валенсија, Малком не беше ниту на клупата, туку надвор од составот. Од клубот побарале трпение од фудбалерот.

„Биди смирен, ќе добиеш шанса да играш“, била пораката која ја добил Малком. Тој засега не покажува знаци на нервоза како Артуро Видал, но неговото купување било само за да се изнервира Рома, која ги елиминираше во ЛШ.

Валверде во една прилика рече дека тој не барал да се донесе Малком, туку дека тоа било одлука на раководството на клубот. На тренерот помило ќе му беше ако останеше Паулињо, кој се врати во Кина.

Аларм во Лион: Капитенот Фекир аут еден месец

Неделата беше катастрофален ден за Лион, прво загубија од ПСЖ со 5-0 на „Паркот на принцовите“, а по тој меч, стигнаа уште полоши вести. Капитенот Набил Фекир се здоби со повреда на глуждот, а според информациите по прегледите, тој ќе ги пропушти следните четири натпревари на Лион. Фекир во дербито против „светците“ не ги издржа болките и го напушти теренот само по седум минути игра.

Закрепнувањето ќе трае околу еден месец, а Лион ќе биде без својот главен играч на средбите против Нимс, Анже и Бордо во францускиот шампионат, додека Французинот нема да настапи и против Хофенхајм во следното коло од Лигата на шампионите. Ова е голем проблем за тимот кој многу зависи од квалитетниот офанзивец.

Реал сезонава се губи на гостински терен

Од шесте официјални натпревари кои Реал Мадрид сезонава ги одигра надвор од Мадрид, тимот на тренерот Хулен Лопетеги има само една победа, а дури четири порази.

Да биде драмата уште поголема, наредното гостување е кај Барселона на „Камп ноу“. Ако и таму не слават, Лопетеги ќе биде во голем проблем, можеби и ќе биде ставен крај на неговото шефување со стручниот штаб, иако засега има полна поддршка од фудбалерите.

Шпанските медиуми објавија дека Реал олку лош старт на гостувањата немал уште од сезоната 1981/82. Кралскиот клуб пред 37 години, на првите шест меча како гостин имаше по три порази и ремија. Тогаш тренер беше Вујадин Бошков, а играчи беа Камачо, Галјего, Штилике, Дел Боске, Хуанито, Сантилјана…

Дома, Реал во шпанската лига собра 10 од можните 12 бода, а и во ЛШ славеше над Рома. Но, проблем се гостувањата, без разлика во кое натпреварување.

„Ураганот“ од Каролина го покоси Ванкувер

Каролина хурикејнс има низа од три победи по ред во хокеарската НХЛ-лига, а овојпат жртва на „ураганите“ беше Ванкувер канакс. Каролина во првата третина даде три гола и го најави триумфот. Сите пет гола за домашниот тим беа дело на пет различни хокеари.

Торонто мејплс лифс против Далас старс покажа зошто е најефикасен тим во лигата и сега канадскиот тим има просек од 5 гола по натпревар по четири одиграни меча. За „ѕвездите“ ова беше прв сезонски пораз.

Илја Ковалчук се врати во НХЛ по пет години и даде гол, но тој погодок не беше доволен за ЛА кингс, кои загубија од Винипег. Нешвил предаторс на својот домашен меч не успеа да постигне гол, па Мајк Смит од Калгари флејмс дојде до 37-миот шут-аут во кариерата.

РЕЗУЛТАТИ: Каролина – Ванкувер 5:3, Колумбус – Колорадо 5:2, Филаделфија – Сан Хозе 2:8, Нешвил – Калгари 0:3, Винипег – ЛА Кингс 2:1, Далас – Торонто 4:7.