1.8 C
Skopje
четврток, 13 ноември 2025
Дома Blog Страница 10027

Харден е главен во Хјустон, тексашаните го поздравија Скола

Хјустон рокитс беше подобар од Шангај шаркс со 128:86 во мечот на којшто во победничкиот тим најдобар беше Џејмс Харден со 37 поени и девет асистенции. Кармело Ентони не влезе во игра. Кај кинескиот тим, најдобри беа ексиграчот на НБА Џимер Фредет со 41 поен, и 38-годишниот Луис Скола со 18 поени и 12 скока. Аргентинецот Скола е поранешен играч на Хјустон (пет сезони играше за нив).

Лос Анџелес клиперс го победи Денвер нагетс со 109:103, а Оклахома сити тандер по продолжението го совлада Милвоки бакс со 119:115 во другите две синоќешни контролни средби од претсезоната во НБА-лигата.

На дуелот помеѓу Оклахома и Милвоки, на 21,5 секунди до крајот на дополнителниот период, Бартон погоди тројка за 118-115 и на „громовите“ им донесе победа.

Клиперс до победата над „грутките“ дојде благодарение на европскиот тандем Галинари-Марјановиќ. Теодосиќ имаше скромна статистика, а Јокиќ од Денвер играше 12 минути, сосема доволно за Србите да се пофалат дека имале тројца претставници на паркетот.

Кондогбија ќе игра за Централноафриканска Република

Жофрej Кондогбија нема да игра за репрезентацијата на Франција и е подготвен да дебитира во дресот на Централноафриканската Република.

Фудбалерот на Валенсија е роден во Франција, со „галските петли“ (соиграчи му беа Погба, чии браќа настапуваат за Гвинеја, и Умтити, кој постојано ги одбиваше поканите да игра за Камерун) освои златен медал на СП за играчи до 20 години во 2013 година, одигра пет пријателски средби и за сениорскиот национален тим на родната земја, но откако од септември 2015 година наваму не доби повик да игра, одлучи да почне репрезентативна кариера во земјата на неговите родители.

Репрезентацијата на ЦАР никогаш не играла на Африканскиот куп на нациите, па Кондогбија ќе се обиде да им помогне првпат да се пласираат на континенталното првенство. Дебито ќе го има против Брегот на Слоновата Коска.

Пред една недела, Кондогбија играше на „Олд Трафорд“ во меч од Лигата на шампионите, а сега ќе треба да игра во ист тим со момци кои се далеку зад неговите технички и економски можности. Четворица репрезентативци немаат клуб, а селектор им е Раул Савој, швајцарски тренер со шпанско потекло.

Мекгрегор под суспензија еден месец, во најава е многу поголема казна

Конор Мекгрегор заработи едномесечна суспензија од челнците на Ултимејт фајт борењето, а се најавува уште поголема казна.

Ирецот направи инцидент при мерењето на двајцата борци и го нападна Хабиб Нурмагомедов. Потоа се беше историја, во рингот многу подобар беше Нурмагомедов, победи со прекин и се степа со членови на екипата на Мекгрегор. И него го чека казна, според најавите од УФЦ.

По мечот ирскиот борец беше нападнат во рингот од дел од тимот на Нурмагомедов, но снимките покажаа дека тој испровоцирал инцидент, за што може да биде дополнително казнет.

Соиграч на Стефан Ристовски му го спаси животот на голманот Салин (Видео)

Соиграчот на нашиот репрезентативец Стефан Ристовски, Себастијан Коатес е вистински херој и покрај поразот на Спортинг Лисабон од Портимоненсе.

Спортинг загуби со 4-2 на гости, а при вториот гол, францускиот голман на тимот од Лисабон, Салин, се удри во дирекот и падна во бесознание. Коатес веднаш притрча и му помогна на својот голман со навремена интервенција.

Салин за среќа се разбуди, но мораше да биде заменет во финишот на првото полувреме. Коатес потоа постигна и гол, но само за утеха во поразот на фаворитот кај Портимоненсе.

http://www.marca.com/futbol/resto-america/2018/10/09/5bbce2b922601dcf128b45a3.html

Перес го сменил Лопетеги, па се пишманил

Флорентино Перес донел одлука да го смени Хулен Лопетеги, но потоа ги послушал советите на соработниците и ја повлекол одлуката, јави влијателното радио „Кадена Сер“.

По поразот од Алавес, Перес бил незадоволен од начинот на кој Реал Мадрид игра во последно време, а веќе и донел одлука да го отпушти тренерот, но потоа ја сменил одлуката.

По консултациите со своите соработници, го оставил Лопетеги на кормилото на актуелниот европски првак, но со ултиматум да ги победи Леванте на домашен терен и вечниот ривал Барселона на гости во следните две кола.

Ден за нови тренери – Никола Илиевски ќе ја предводи Ренова

Поранешниот македонски селектор Никола Илиевски-Џиџи е нов тренер на Ренова. Гипсарите се одлучија за искусниот стратег, кој доаѓа на местото на Јетон Беќири.

Ренова изненадувачки бележеше одлични резултати и без тренер и нема пораз на три меча, и тоа против фаворитите за титулата Академија Пандев и Шкендија и со амбициозниот Шкупи.

Последен ангажман на Илиевски во нашето првенство беше како тренер на Вардар.

Сане го мина патот од проблематичен до одличен

Манчестер сити ќе му понуди продолжување на договорот на Лерој Сане и повисока плата, објавија англиските медиуми.

Од незадоволен со статусот во клубот, до позиција да му понудат подобар договор е патот на одличниот Лерој Сане само за неколку месеци во новата сезона.

Бунтовникот сега игра извонредно, па челниците на шампионот Манчестер сити сакаат да го врзат за клубот подолго од 2021 година. Тогаш му истекува договорот на Сане, кој сега има неделна плата од околу 70 илјади евра. Се шпекулира дека понудата ќе биде над 100 илјади евра со новиот подобрен договор.

Жикица Тасевски се врати во Работнички

„Се договоривме со Жикица Тасевски за соработка до крајот на сезоната. Тој е млад, амбициозен и веќе докажан стратег, кој има одлично познавање на Првата фудбалска лига, а исто така и интернационално искуство. Доаѓа во стара, добро позната средина и очекуваме дека ќе успее да го воздигне тимот на едно повисоко ниво. Очекуваме оваа промена на тренерската позиција да биде дополнителен импулс и за фудбалерите и Работнички да се врати на позициите кои му припаѓаат“, изјави Драган Поповски, првиот човек на Работнички за официјалната интернет-страница на клубот.

Тасевски во сезоната 2012/13 веќе беше на кормилото на Работнички, што значи дека ова му е втор мандат како тренер во редовите на четирикратниот македонски шампион.

Паурич има проблем, Лихтенштајн без двајца стандардни против Македонија

Денис Салановиќ, стрелецот на голот против Гибралтар, нема да игра за Лихтенштајн против Македонија на 13-ти октомври, а отсутен ќе биде и Иван Квинтанс, со што ќе биде ослабена и одбраната на гостите.

Во Скопје нема да допатува и резервниот лев бек Симон Кун, па јасно е дека Лихтенштајн ќе има многу мака против фаворитот Македонија.

Од овие тројца што нема да патуваат за Скопје, само Квинтанс играше против нас, лани во октомври во Струмица, кога Македонија лесно го декласираше Лихтенштајн со 4-0.

 

Хамилтон „пичи“ и со тротинет (Видео)

Човекот кој речиси сигурно годинава ќе ја освои својата петта титула светски првак во Формула 1, слободното време во текот на викендите на Ф1 го користи да се релаксира со возење на тротинет.

Изминатиов викенд, пилотот на Мерцедес, Луис Хамилтон, на патеката „Сузука“ во Јапонија извојува победа, а претходно реши „да сврти едно кругче“ со својот тротинет. Неговите навивачи се шегуваат дека Луис и со тротинет е побрз од некои болиди на Ф1.

Еве како изгледа кога Хамилтон не е најбрз на патеката:

https://twitter.com/i/status/1049558426936696833