Дома Blog Страница 10535

Работнички во февруари ќе игра против тим од Лигата на шампионите

Скопскиот Работнички своите одлични односи со клубот Црвена ѕвезда од Белград ќе ги круниса и со одигрување на еден пријателски меч за време на традиционалниот престој во Анталија за зимските подготовки.

Ѕвезда сезонава беше дел од елитната Лига на шампиони, па дуелот на петти февруари, со почеток во 15 часот, од којшто ќе има и директен пренос на „Арена спорт“, ќе претставува одлична проверка против многу силен тим за Работнички, кој се засили со повратникот Баже Илијоски, а во најава се и други принови.

Почина човекот што го донесе Венгер во Арсенал

Почина поранешниот претседател на Арсенал, Питер Хил-Вуд, на 82-годишна возраст. Хил-Вуд беше дел од Арсенал уште 1962 година, а претседателската функција ја држеше од 1982 до 2013 година, кога се повлече поради здравствени причини.

Тој е човекот кој раководеше со Арсенал кога клубот освојуваше титули под водство на менаџерите Џорџ Греaм и Арсен Венгер. Хил-Вуд беше човекот кој ги ангажираше овие двајца тренери, Греaм во 1986 година, а Французинот Венгер во 1996.

Исто така има заслуга и за преселбата од „Хајбери“ на „Емирати“. Тој беше трета генерација од семејството Хил-Вуд, по дедо му и татко му, кој бил прв човек на „топчиите“ од северен Лондон.

Играчите на Арсенал на гостувањето кај Ливерпул ќе носат црн флор на дресовите, а потоа, кога ќе играат на домашен терен против Фулам, ќе има и едноминутен молк во чест на покојниот претседател.

Роде стагнираше 510 дена, конечно ќе игра фудбал

Ајнтрахт Франкфурт ја официјализираше позајмицата на Себастијан Роде од Борусија Дортмунд. Германецот по четири и пол години се врати во редовите на „орлите“, за позајмицата се исплатени 1,5 милиони евра, па до крајот на сезоната ќе игра за освојувачот на германскиот Куп од минатата сезона.

Роде потполно беше заборавен од страна на Луцијан Фавр во редовите на „милионерите“ откако сезонава не запиша ниту една минута во жолтиот дрес. Поминаа точно 510 дена откако тој последен пат беше на терен, играше против Баерн Минхен во Суперкупот на Германија на петти август 2017 година.

Сега се врати во тимот со кој во 2012 година влезе во германската елита, а една сезона подоцна придонесе за Ајнтрахт да заврши на шестото место на табелата и да обезбеди пласман во Лигата на Европа. Ајнтрахт и сега има слични амбиции, ако не и поголеми. Повторно се борат за излез во Европа, а сезонава се еден од најдобрите тимови во ЛЕ остварувајќи пласман во нокаут-фазата со максимални шест победи од групите.

Роде во летото 2014 година како слободен го напушти Ајнтрахт и се пресели во Баерн Минхен, а по две години беше продаден на Дортмунд во трансфер вреден 12 милиони евра. Четири и пол години подоцна, тој се враќа на добро познатото место, каде што ќе биде многу покорисен отколку на „Сигнал идуна парк“.

Може ли Хачанов да го совлада Ѓоковиќ два пати во низа?

Новак Ѓоковиќ и Карен Хачанов денес (16 часот) ќе се борат за влез во финалето од егзибицискиот турнир во Абу Даби. За светскиот рекет број 1 ќе биде прв натпревар во новата сезона, додека рускиот тенисер вчера се загреа во победата над Тим со 2-0 во сетови.

Во дуелот меѓу првиот и 11-тиот тенисер во светот, Хачанов ќе има шанса да оствари две победи во низа против Ѓоковиќ. Последен пат кога двајцата тенисери ги одмеруваа силите, Русинот беше подобар од Новак во финалето од Мастерс турнирот во Париз, што воедно значеше и прва Мастерс титула за Хачанов.

„Мора добро да се подготвам за овој дуел, особено на тактички план. Ќе видиме како ќе игра Ѓоковиќ, а како ќе го започнам јас мечот. За мене ова ќе биде втор натпревар во новата сезона, додека за Новак ќе биде прв, па не се знае со каков став ќе стапи на терен. Само знам дека предизвикот ќе биде исклучително тежок, но се надевам дека ќе одиграм добар меч“, истакна Хачанов.

Ѓоковиќ минатата сезона ја заврши со пораз од Александр Зверев во финалето од завршниот турнир на АТП во Лондон. Ќе биде вистинска реткост доколку со пораз ја отвори и новата сезона.

Дуелот помеѓу Хачанов и Ѓоковиќ е еден од денешните типстерски совети, па како предлог за типување на овој меч е ставен типот: Х 2 3.50 (1.95).

Два часа порано, Рафаел Надал ќе игра против Кевин Андерсон (14 часот), па победникот од овој дуел ќе го чека подобриот од Ѓоковиќ и Хачанов.

Кожув доби тренер со шампионско педигре

Александар Јончевски е нов тренер на кошаркарскиот клуб Кожув од Гевгелија. Јончевски досега работеше како помошник на Марин Докузовски во Работнички, а член е на стручниот штаб и на репрезентацијата како еден од асистентите на Јорданчо Давитков.

Јончевски е последниот тренер кој на МЗТ Скопје му има донесено двојна круна на домашната сцена (во 2016 година), а сега се нафати да го води гевгелискиот тим, кој настапува и во регионалната Балканска лига.

Овој стратег со шампионско педигре во кариерата, кој го има водено и српскиот суперлигаш Спартак Суботица, на клупата на гевгелискиот прволигаш доаѓа на местото на Павле Николов, кој и во иднина ќе биде дел од стручниот тим во улога на асистент, а пријавен е и како службен претставник.

Амбициите на Кожув се влез во Суперлигата и обид за пласман во плејофот, а напредокот да продолжи во следната сезона, кога би се бореле за трофеи.

Азар се прости од Фабрегас

Еден Азар по едниот од двата постигнати голови против Ватфорд, истрча до клупата на Челзи и се поздрави со Шпанецот Сеск Фабрегас, што многумина го протолкуваа како проштален поздрав бидејќи наскоро нема да бидат клупски колеги.

Авантурата на Фабрегас во Челзи завршува и тој за неколку дена ќе замине во друга средина, а според шпекулациите, тоа ќе биде Монако. Искусниот Фабрегас, кој во мај ќе наполни 32 години, е во завршни преговори за раскинување на договорот со Челзи, сака на први јануари да биде слободен и наскоро заминува во клуб каде што ќе биде предводник на нов проект.

Тренерот на Монако, Тјери Анри, е поранешен клупски другар на Фабрегас од деновите кога настапуваа во Арсенал. Цел на Монако е и актуелниот капитен на Арсенал и сонародник на Анри, дефанзивецот Лоран Кошќелни.

Монако има примено 29 гола, само три тима во Франција имаат повеќе, па Анри сака да ја зацврсти и одбраната.

Питино со пораз ќе тргне како тренер на Панатинаикос

Два дерби-натпревари од Евролигата се најинтересните спортски настани денеска, но може да се искомбинираат и со фудбалските и по некој тениски меч од предложените квоти на денот од SPORT LIFE. Ви нудиме минианализи како помош при прогнозирањето.

 

ОАЕ – Кувајт (15.30 часот)

Репрезентациите од крајбрежјето на персискиот залив играат пријателски меч, во кој Обединетите Арапски Емирати се фаворити на хартија, па би требало да постигнат барем два гола. На последните четири меча на ОАЕ, сите пријателски, никогаш не паднаа повеќе од два гола. Кувајт има два порази по ред. Во меѓусебните дуели, последните две средби завршија нерешено, а пред тоа двапати славеше ОАЕ.

Предлог тип: 1+I & 2+ (2.00)

 

Хачанов – Ѓоковиќ (16.00 часот)

Пред Ѓоковиќ е тешка задача против младиот Русин. Најдобриот тенисер на светот е одморен, но и надвор од натпреварувачки ритам, па и да победи против Хачанов, веројатно тоа ќе биде со тесен резултат во гејмови, без разбивање на противникот, кој има силен удар и ќе се обиде да го повтори успехот од финалето на Мастерсот во Париз.

Предлог тип: Х 2 3.50 (1.95)

 

Сетубал – Брага (20.00 часот)

Ова е меч од португалскиот Лига куп. Виторија Сетубал игра прилично лошо сезонава, се наоѓа на 11-тото место во португалската лига и ги загуби последните четири меча, од кои едниот од Брага во Купот на пенали. Од 30-ти септември нема играно нерешено. И Брага не е на очекуваното ниво, по трите победи по ред без примен гол, прими шест парчиња од Бенфика.

Предлог тип: X2 & 2-3 (2.30)

 

Фенербахче – Реал Мадрид (18.30 часот)

Дербито на Евролигата би требало да биде интересно бидејќи Фенер има само еден пораз, па Реал ќе се обиде да го повтори успехот од лани, кога успеа да слави во Истанбул. Фенербахче киксираше против Галатасарај во лигата, но кога треба, знаат да се мотивираат и да одиграат одбрана против еден од најопасните шутерски тимови на светот.

Предлог тип: 1 во Q1 (1.82)

 

Панатинаикос – ЦСКА Москва (20.00 часот)

Славниот американски тренер Рик Питино ќе дебитира на клупата на Панатинаикос, но потежок меч како и да не можеше да има. ЦСКА не загубила од ПАО од 2016 година. Сите анализи ја фаворизираат ЦСКА, но борбеноста на „зелените детелинки“ нема да изостане и може да се игра и на помалку поени. Тренер на ЦСКА е Димитрис Итудис, кој како помошник на Обрадовиќ има пет титули во Евролигата со Панатинаикос.

Предлог тип: 2 & <164.50 (2.90)

Пике најави повлекување, во 2021 ќе се кандидира за претседател на Барселона

Жарарт Пике најави дека ќе ја заврши фудбалската кариера по сезоната 2019/20. Тогаш му истекува важечкиот договор со Барселона и нема да бара нов ангажман, ниту ќе се обиде да ја продолжи соработката со клубот. Пике сака да ги обеси копачките и да облече одело за да седне на чело на раководството на шпанскиот првак.

Триесет и едногодишниот дефанзивец една година ќе паузира од активности, а потоа има намера да се кандидира за претседател на Барселона откако ќе истече мандатот на Хозеп Бартомеу во 2021 година. Шпанецот од мали нозе е дел од овој гигант, па сака и по завршувањето на фудбалската кариера да остане во просториите на Барса.

Пике веќе има план, за директор ќе го назначи Карлес Пујол, додека на клупата ќе биде тандемот Иниеста – Чави. Значи, иднината на Барселона ќе биде во рацете на клупските легенди, златната генерација ќе ги преземе конците и ќе продолжи да го води клубот по вистински пат, како што успешно го правеа тоа долга низа години на терените.

Исто така, Пике има намера да го реновира „Камп ноу“, додека кошаркарскиот клуб ќе добие нова арена и ќе се отсели од „Палау Блауграна“. Наводно, јапонските спонзори кои ќе вложуваат во проектот на Пике предлагаат да го сменат името на стадионот, како предлог е поставен „Камп ноу“ да се преименува во „Вака Вака Камп ноу“, поради соработката со неговата сопруга и познатата пејачка Шакира.

Пике сезонава е на добар пат да ја освои и осмата шампионска титула со Барселона, а носејќи го дресот на Каталонците, се наметна како еден од најтрофејните фудбалери на денешницата. Покрај седум титули во Шпанија, Пике брои и три трофеи во Лигата на шампионите, исто толку и во Светското клупско првенство, додека шестпати го кренал пехарот на Купот на Кралот. Шестпати го освои и Суперкупот на Шпанија, додека двапати се радуваше во Суперкупот на УЕФА.

Жестока тепачка на женски фудбал (Видео)

Натпреварот помеѓу Университарио и Либертад, женски екипи од Аргентина, беше прекинат поради тепачка каква што одамна не е видена. Тренерот на гостинскиот тим беше човекот кој го почна инцидентот. Тој протестираше по досуден пенал за Университарио, па беше исклучен, и тоа беше знак за почетокот на хаосот.

Вакви ситуации има често во Аргентина, но на фудбалски мечеви во машка конкуренција, па затоа необично е што и дамите предизвикаа хаос и жестока масовна тепачка. Најлошо минаа четири фудбалерки, кои беа пренесени во болница, а други минаа со полесни повреди.

Фудбалерките ретко се тепаат, но кога ќе го направат тоа, треба да се види. Погледнете како изгледаше инцидентот:

https://www.youtube.com/watch?v=EMoJSJar3MY

 

 

Апсурден автогол на голманот на Асколи за водство на Палермо (видео)

Палермо вчера убедливо славеше над Асколи со 3-0, а до водечкиот гол домаќините стигнаа откако голманот на противничката екипа, Филипо Перукини, си постигна комичен автогол. Во обид да се ослободи од притисокот, Перукини делуваше дезориентирано, сакаше да дрибла, но изгуби контрола врз топката и си ја смести во сопствената мрежа.

https://twitter.com/FoootballPlanet/status/1078407967240843270?fbclid=IwAR1vbYJKvm7r54U0gxxBb1EYoNTddJonDM3kVIJTzPqPsd2vSqaWJSFfdXI