Дома Blog Страница 10568

Се огласи девојката по страшната несреќа: Добро сум, утре одам на операција

Софија Флерш, возачката во Формула3 која денес преживеа ужасна несреќа за време на трката во Макао, се огласи преку социјалните мрежи дека со неа сѐе во ред. Таа има скршеници на грбот, повредена е уште на неколку делови од телото, па истакна дека утре ќе оди на операција.

„Сакав само да ги известам сите дека сум добро, и дека утре ќе одам на операција. Благодарам до сите кои интервенираа брзо и се погрижија за мене. Исто така им благодарам на сите кои ме поддржуваат во овие моменти. Наскоро ќе има и подетални информации“, пишува во пораката на Флерш објавена преку Твитер.

Инцидентот се случи веднаш по стартот на трката. Софија со својот болид едноставно „летна“ во заштитната ограда. Неколку стујарди кои беа во близина беа повредени, но чудо е како Софија остана, не само жива, туку и свесна. Дури успеала и да одговори на прашањата кои и ги поставиле.

Трката повеќе од еден час беше прекината, а потоа продолжи. Софија и неколкумината стујарди кои беа повредени завршија во болница.

Промашување на годината (видео)

Промашувањето на годината доаѓа од Шпанија, поточно од втората фудбалска лига во оваа земја. На средбата од 14. коло меѓу Нумансија и Рајо Маџахонде, фудбалерот на домаќините успеа да го промаши невозможното.

Имено, резултатот беше 1-0 во корист на Рајо, а домаќините се најдоа во шанса да израмнат, поточно Папе Диаманка, но тој наместо да ја затресе мрежата, ја шутна топката преку голот на само два метри пред него.

Ова промашување речиси сигурно му одзеде бод на Нумансија, бидејќи во остатокот од средбата примија уште еден гол, а за конечни 2-1 погодија во последните минути од средбата.

Промашувањето можете да го видите од 50-тата секунда од овој видео запис:

Драма на „Вембли“ – Хрватска поведе, Кејн донесе победа за Англија

Англија успеа да ја совлада селекцијата на Хрватска со конечни 2-1 во одлучувачкиот натпревар на „Вембли“. Во борбата за првото место во групата 4 од сегментот А, Англичаните со оваа победа обезбедија пласман во полуфиналето, додека Хрватска претрпе елиминација во сегментот Б. Шпанија со шест бода остана на второто место.

Максимално неизвесен натпревар, Англија во првиот дел испушти неколку шанси за водечкиот погодок, па до паузата мрежите мируваа. Хрватите го скршија мразот во 59-тата минута, откако во една полу-контра, Андреј Крамариќ ја насамари целата одбрана на Англија за водство од 1-0 во корист на гостите.

За израмнување погоди Џеси Лингард во 78-та минута, кој се најде сам пред празниот гол на Хрватска по мешаницата создадена при еден корнер. Седум минути подоцна, Англија целосно го сврте резултатот во своја корист, а до голот стигнаа повторно од прекин. Шилвел изведе одличен центаршут во шестнаесетникот на Хрватска, а Хари Кејн брзо реагираше и ја смести топката во голот.

https://www.dailymotion.com/video/x6xe5e2

 

https://www.dailymotion.com/video/x6xe6hl

 

https://www.dailymotion.com/video/x6xe6gb

Крамариќ ја прати цела одбрана на Англија по бурек (видео)

Хрватска стигна до многу важна предност од 1-0 на гостувањето на „Вембли“ против Англија. Во одлучувачкиот меч за првото место во групата 4 од сегментот А во Лигата на Нации, „коцкестите“ до предноста стигнаа преку извонредниот соло-гол на Андреј Крамариќ.

Хрватот ја прими топката во казнениот простор пред голманот Пикфорд, потоа со неколку дриблинзи си поигра со целата одбрана на Англија и ја смести топката во мрежата за молк на легендарниот „Вембли“.

Од натпреварот остануваат уште 20 минути, доколку резултатот остане непроменет, Хрватска ќе игра полуфинале, Шпанија ќе се спушти на второто место, а Англија ќе претрпе испаѓање од сегментот А во сегментот Б.

 

https://www.dailymotion.com/video/x6xe5a0

Мбапе не се плаши од секогаш „напалениот“ Кавани

Единсон Кавани природно е „вжештен“, и нема никаква потреба дополнително да го „боцкам“ пред мечот во вторник, вели Килијан Мбапе. Задутре Франција и Уругвај ќе одиграат пријателски меч, на кој еден против друг ќе се најдат клупските колеги од ПСЖ, Мбапе и Кавани.

Пред неколку дена, Кавани воопшто не го штедеше соиграчот од ПСЖ, Бразилецот Нејмар, а веројатно нема да има милост ниту кон младиот Мбапе против кого ќе игра бранејќи ги боите на својата земја.

„Не му испратив порака на Кавани за да го запалам дополнително, бидејќи нема потреба, тој секогаш е напален, хахаха. На Нејмар му го испратив клипот со фаулот на Кавани врз него, а Неј се смееше. Нема лутење. Тоа што играа еден против друг за своите репрезентации и беа ривали 90 минути, не значи дека не може да играат заедно за клубот и да се прегрнат кога ќе се видат“ – вели 19-годишната ѕвезда.

Мбапе кажа дека после Светското првенство не се задоволува, туку сега во кариерата сака да освои и Лига на шампиони, Европско првенство, и сите можни трофеи во Франција.

 

Победа за Довициозо во последната МотоГП трка сезонава

Шампионатот во МотоГП оваа сезона завршува со победа на Андреа Довициозо во Валенсија. Италијанецот ја оствари четвртата овосезонска победа. Историја испиша и Пол Еспагаро, возачот на КТМ, кој е првиот возач на овој тим кој успеал да се искачи на подиумот. Еспагаро заврши како трет најбрз, додека на втората позиција заврши Алекс Ринс, возачот на Сузуки.

Актуелниот шампион, Марк Маркез, стартуваше од петтата позиција, но не ја заврши трката откако излета од патеката во шестиот круг. Временските неповолности доведоа до откажување на уште осум други возачи.

Валентино Роси стартуваше од третото место, но трката ја заврши како тринаесто пласиран, откако во последните четири круга излета од патеката, но продолжи да вози.

За Дани Педроса ова беше последна МотоГП трка во неговата кариера.

Рибас: Македонија заслужено е лидер во групата

Селекторот на Гибралтар, Хулио Рибас посочи дека Македонија е најдобриот тим во оваа група. Во пресрет на утрешниот натпревар во Скопје, Рибас вели дека нашата селекција заслужено се наоѓа на лидерската позиција, а воедно за нив е чест да се игра против една репрезентација која поседува голем квалитет.

„Сите мечеви кои досега ги одигравме ни помогнаа да стекнеме искуство. Добро е што има вакво натпреварување, за млада репрезентација како нашата е чест да се биде дел од овој собир, иако на селекторите на поголемите репрезентации не им се допаѓа натпреварувањето. За нас е важно да играме добро на секој натпревар. Морам да напоменам дека Македонија е најдобрата селекција во нашата група, сосема заслужено се лидери на табелата. Поседуваат голем број на играчи кои настапуваат во едни од најсилните лиги, ние ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме против нив во Скопје, желни сме за надигрување“, истакна Рибас.

Натпреварот помеѓу Македонија и Гибралтар е закажан за утре, со почеток од 20:45 часот, на арената „Филип Втори“.

Хиршер до првото злато сезонава во слалом (Видео)

Марсел Хиршер е победник на првата слалом трка во новата сезона од Светскиот скијачки куп. На патеката во Леви, Финска, Хиршер за само девет стотинки беше побрз од својот голем ривал Хенрик Кристоферсон. Подиумот го пополни Швеѓанецот Андре Мирер, кој го освои третото место.

Австриецот Хиршер имаше најдобро време по првата трка, но Крисоферсон со одлично возење во втората трка, направи големиот првак да биде под притисок. Хиршер кој е петкратен светски првак во слалом, не дозволи да направи кикс и со сигурно возење. Од првата трка имаше седум стотинки, а во втората трка додаде плус две стотинки и на крајот стигна до третата победа на патеката во Леви.

https://twitter.com/Eurosport_UK/status/1064144884041433089

Лазовски: Немаме реална слика за силата на националниот тим

Дебаклот на домашен паркет против Шведска од 70 поени разлика делува страшно и го отвора прашањето дали толку е далеку нашата женска репрезентативна кошарка во однос на европскиот просек, но ако се земат во предвид сите околности, високиот пораз на подмладената селекција донекаде е и реален.

Во квалификациите за Евробаскетот 2019, Македонија е последна во својата група, и во целите квалификации, полоша кош-разлика имаат само Албанките. Но, и понатаму селекторот Марјан Лазовски се прашува што ли ќе беше ако во составот ги имавме оправдано отсутните.

„Започнавме да играме во грч, а додека се сконцентриравме, противникот веќе направи огромна разлика во реализирани поени. Малерот со повредите на искусните играчи од самиот почеток на овие квалификации е тука, се чини дека дефинитивно нема да имаме прилика да ја видиме реалната слика за оваа репрезентација. Мислам дека на концентрацијата влијаеше и резултатот кој го имавме против Шведска на гости“ – истакна селекторот Лазовски.

Спахија е минато, Јанис Сферопулос е нов тренер на Макаби

Евролигашот Макаби Тел Авив има нов тренер, а тоа е Гркот Јанис Сферопулос. Со него е договорена соработка до крајот на сезонава, а дебито на клупата на „Гордоста на Израел“ ќе го има на евролигашкиот меч против Анадолу Ефес.

„Му благодарам на менаџментот за довербата, ќе сторам сè што е во моја моќ да успееме. Треба да се фатиме за работа и да ја смениме ситуацијата во тимот. Верувам во овој играчки кадар. Ќе се бориме, ќе даваме максимум. Време е за работа и акција“ – рече Сферопулос.

Грчкиот стручњак има 51 година, а во претходните четири сезони седеше на клупата на Олимпијакос. Во 2015 и 2017, стигна до фајнал-форот. Негова врска со израелската кошарка е што пред 20 сезони, му беше помошник на Цвика Шерф во стручниот штаб на ПАОК, а пред околу една деценија, му помагаше на Пини Гершон во Олимпијакос.

Макаби со 1-6, е на делба на најдолниот дел на табелата во Евролигата, заедно со Химки, Дарушафака и Будуќност.