Дома Blog Страница 10577

МЗТ против Динамик ќе ги лечи раните

Мечот со белградски Динамик за екипата на МЗТ Скопје Аеродром доаѓа во незгоден момент, кога тимот е психолошки паднат по поразот во дербито со Работнички во понеделникот, но мора да најде начин да го преболи тоа и да остане непоразен дома барем во АБА 2 лигата.

Играњето на два фронта носи пеколен распоред, но и можност минатото да се остави зад себе и да се гледа само напред. Битката со Динамик од 19 часот во „Јане Сандански“ е важна за задржување на чекорот со водечките. Победа значи второ место, а пораз продлабочување на кризата и можно паѓање на позиција која не води во плејофот.

Тренерот Ѓорѓи Кочов добро го познава противникот, но смета дека МЗТ може да дојде до посакуваните бодови.

„Натпреварот против Динамик ни доаѓа во незгоден момент, само три дена по исцрпувачкото дерби против најлутиот ривал во домашното првенство, во кое емотивно се испразнивме. Против себе ќе имаме млада и полетна екипа, која негува брза и атрактивна кошарка. Тимот е составен претежно од играчи кои се високи помеѓу 195 и 205 сантиметри, што ги прави уште потешки за скаутирање и играње. Искуството е на наша страна и ќе се обидеме тоа максимално да го искористиме и да славиме во дуелот на домашен терен“, вели Кочов.

Влезот е бесплатен, на МЗТ му треба поддршка против тим кој има неколку играчи со големо искуство во АБА и предводен од тренерот Владимир Ѓокиќ.

Андреј Маслинко, кој по повредата на Иве Иванов изнесува голем товар на позицијата крилен центар, предупредува дека нема да биде лесно, но ако дадат максимум и ако се придржуваат до договореното, МЗТ ќе ги израдува своите навивачи.

Лукаку не игра против Исланд, ќе се чува за дуелот против Швајцарија

Ромелу Лукаку вечерва нема да биде во составот на Белгија за дуелот против Исланд. Напаѓачот уште не е закрепнат по повредата на мускулот која ја здоби на клупско ниво.

Лукаку не играше ниту за Манчестер јунајтед против Борнмут во Премиер лигата и против Јувентус во Лигата на шампионите, но затоа се најде на теренот за дербито против Манчестер сити, кога всушност и ја обнови повредата.

Белгија е апсолутен фаворит против Исланд, а в недела ќе треба да го обезбеди првото место во групата, и тоа во директна пресметка против Швајцарија на гости. За таа средба Лукаку ќе биде во составот.

 

Насмеани лица на тренинг, така нека биде и по утрешниот меч (Фото)

Победа против Лихтенштајн и потврдување на првото место во групата. Тоа е мисијата која македонската фудбалска репрезентација утревечер треба успешно да ја одработи на гостувањето во Вадуц.

Лихтенштајн е противник против кого најмногу сме се радувале, дури 7 пати од осум средби. На денешниот тренинг се гледа дека фудбалерите се расположени, а атмосферата е на високо ниво.

 

 

Хет-трик родендени во РК Вардар

Тројца членови на македонскиот ракометен првак Вардар денеска прославуваат родендени. Средниот бек Сташ Скубе го прославува својот 29-ти роденден, а Димитри Кисељев го слави 24-тиот роденден. Левиот бек Кристијан Дисингер полни 27 години.

Словенецот, Русинот и Германецот првиот дел од овој 15-ти ноември ќе го минат во авионски летови и по аеродроми, а вечер во хотел во Барселона ќе може да прослават.

Од клубот на тројцата им посакаа среќен роденден и многу успех во животот и кариерата.

Борусија Дортмунд тргнува по Азар

Борусија Дортмунд ќе направи обид да го привлече братот на Еден Азар – Торган, кој игра за Борусија Менхенгладбах, а трансферот би можело да се случи уште во зимскиот трансфер-период, објавија германските медиуми.

Торган Азар, кој има 25 години, прикажува одлични игри сезонава. Има 7 гола и 4 асистенции во мечевите од Бундеслигата и е еден од најзаслужните што Борусија Менхенгладбах е втора на табелата, пред Баерн Минхен.

За белгискиот интернационалец, Дортмунд е подготвен да инвестира 30 милиони евра. Друго е прашањето дали од Менхенгладбах ќе прифатат да продадат еден од најдобрите играчи на директен конкурент во германското првенство.

Хрватска треба да го избрише срамот против Шпанија

Последниот дел од групната фаза во Лигата на нациите започнува вечерва. Некои од селекциите се со мотив да стигнат или да го задржат првото место и да го продолжат походот кон патот на Европското првенство 2020 година, а други да не испаднат од сегментот во кој се наоѓаат сега.

ХРВАТСКА – ШПАНИЈА (20.45 ч.)

Летоска Хрватите го постигнаа најголемиот успех во историјата и стигнаа до среброто на Светското првенство во Русија.  Сепак, само неколку месеци подоцна, односно во септември, на гостувањето во Елче против Шпанија го доживеа најголемиот пораз. „Коцкестите“ беа демолирани со 6-0 во меч од Лигата на нации.

Сега, Модриќ, Ракитиќ, Перишиќ, Брозовиќ, Ребиќ и останатите ќе се обидат да ѝ се реваншираат на „црвената фурија“, макар тоа било и минимална победа. Кога игра Шпанија, секогаш се очекуваат голови, па и вечерва не би било ништо поинаку.

Предлог тип: Х2&2-4 (2.20)

 

АВСТРИЈА – БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА (20.45 ч.)

Босна и Херцеговина е со максимални девет бода и доколку успее да остане непоразена на гостувањето во Виена, сигурно ќе биде прва во групата и ќе продолжи во нокаут-фазата за пласман на ЕП 2020 година. Иако ќе игра на гостински терен, БиХ очекува да има голема поддршка од трбините, бидејќи во Австрија има многу дојденци токму од оваа земја.

На фудбалски план, во досегашните четири меѓусебни средби секогаш било неизвесно и немало повеќе од два гола, но фактот дека за двете селекции е да се биде или не, ветува дека треба да има погодоци.

Предлог тип: 1Х&ГГ (2.55)

 

БЕЛГИЈА – ИСЛАНД (20.45 ч.)

Дека се работи за една од најквалитетните селекции во светот, Белгија потврди и со третото место на Мундијалот во Русија. „Црвените ѓаволи“ имаат генерација за која се верува дека може да освои и злато на некое од следните големи натпреварувања.

Исланд е тим кој нема што да бара во група со Белгија и Швајцарија, а тоа го потврдија и со примените 11 погодоци на досегашните три средби. Главна задача на „рибарите“ на ова гостување ќе биде да се обидат да ја сочуваат мрежата да се тресе што е можно помалку. Во последните две и пол години, Белгија единствениот пораз го има од Франција во полуфиналето на СП.

Предлог тип: T1 1+I&T1 3+ (2.10)

 

ЛУКСЕМБУРГ – БЕЛОРУСИЈА (20.45 ч.)

Директен дуел на две селекции кои, исто како и Македонија, мечтаат дека преку Лигата на нациите може да играат на ЕП 2020. Белорусија го доби дуелот на свој терен со 1-0, но „џокерот“ е за Луксембург, кој доколку вечерва на свој терен победи, сигурно е прв.

Овие две селекции имаат одиграно дури 11 средби и неверојатен е фактот дека дури 10 пати завршувале со 0-2 гола. Единствениот пат кога имало повеќе од два гола е во 2007 година и било 2-1 за Белорусија.

Предлог тип: 0-2 (1.53)

 

ГРЦИЈА – ФИНСКА (20.45 ч.)

Финска и Грузија се единствените перфектни селекции во Лигата на нациите бидејќи ги имаат сите победи и немаат примено ниту еден гол. Финска само теоретски треба да го обезбеди првото место во групата. Грција секогаш играла дефанзивно, а фактот дека и на Финска најдобрата страна ѝ е одбраната, не се очекуваат многу голови.

Предлог тип: 1Х&0-3 (1.47)

Со прстен од 8 милиони евра Роналдо ја побара Георгина за жена

Кристијано Роналдо ја побара својата девојка Георгина Родригес за жена, а таа се согласила. Португалскиот фудбалер и шпанската убавица сега треба да планираат венчавка, откако Роналдо со прстен вреден осум милиони евра ја побарал раката на Георгина. Романтичниот момент се случил додека парот бил на краток одмор во Лондон.

Роналдо и Георгина се сретнаа прв пат во дуќан на „Гучи“ во центарот на Мадрид во јуни 2016 година и оттогаш се заедно. Таа му роди и ќерка, која го носи името Алана Мартина. Роналдо има уште три деца, но тие се од сурогат мајки.

Руни вечерва се простува од „Гордиот Албион“, и тоа како капитен

Вејн Руни на вечерашниот пријателски меч помеѓу Англија и САД ќе го одигра својот 120-ти и последен натпревар во дресот со бројот 10 на репрезентацијата. Хари Кејн, кој го носи дресот број 10, му рекол на селекторот Герет Саутгејт дека е глупаво Руни да добие друга бројка и му ја отстапи, па во стартниот тим еден играч на грбот ќе мора да има поголем број од 11.

Според сценариото, тој ќе влезе во игра во второто полувреме, кога ќе му биде предадена и капитенската лента од страна на Фабијан Делф, кој ќе биде капитен на подмладениот тим. Пред мечот, на Руни и неговите четири деца ќе им биде направена чест.

Руни, кој има 33 години, а во моментов игра за ДЦ јунајтед од Вашингтон, е прв стрелец во историјата на „Гордиот Албион“ и заслужи да биде испратен од полниот „Вембли“. Поранешниот играч на Евертон и Манчестер јунајтед има 53 гола на 119 меча за репрезентацијата. За малку нема да го урне рекордот на голманот Питер Шилтон од 125 настапи.

Откако ќе ги добие почестите, Руни ќе ја напушти репрезентацијата и нема да биде дел од тимот кој ќе игра в недела против Хрватска, во важен меч од Лигата на нациите.

Куња: Ривер – Бока не ми е притисок, туку мотив

Уругвајскиот судија Андрес Куња ја доби довербата да дели правда на реваншот од финалето на Копа Либертадорес помеѓу лутите аргентински и градски ривали Ривер платe и Бока јуниорс. Тој вели дека не чувствува притисок, туку мотив.

„Не е лесно да се биде судија на почетокот, бидејќи не знаете со што ќе се соочите. Моите први пет меча во кариерата беа катастрофа. Не чувствивам притисокот, пулсот не ми е забрзан. Сум судел и на поголеми стадиони со поголем притисок, но такви работи само ме мотивираат“, вели 42-годишниот Куња, кој е мераклија за користење на ВАР и на дуелот Франција – Австралија на СП во Русија прв побара помош од видеотехнологијата.

Куња во 2012 година го избриша профилот на „Фејсбук“ бидејќи добивал закани. Според анкетите, половина се согласуваат со изборот на Куња за судија, а остантите се поделени помеѓу против и сеедно им е.

Најважниот меч во историјата на аргентинскиот клупски фудбал е закажан за 24-ти ноември, на стадионот „Монументал“. Победникот ќе биде првак на Јужна Америка. Ако заврши нерешено, без разлика со кој резултат (за финалето не важи правилото повеќе голови на гости), ќе се играат продолженија.

Виери веќе е диџеј кого го барааат многу ноќни клубови (Видео)

Еден од најдобрите италијански напаѓачи во последните две децении, Кристијан Виери, реши целосно да се тргне од фудбалот и да се фокусира на работа која нема допирна точка со топката. Голгетерот, кој во 2009 година ја заврши играчката кариера, сега се фокусира на тоа да стане светски познат диџеј. Популарниот Бобо реши да открие од каде му е идејата за оваа работа.

„Мојот пријател Андреа, кој поголемиот дел од животот пушта музика во клубовите низ Италија, секогаш ме тераше да започнеме заедно да работиме. Јас постојано го одбивав, бидејќи немав осет кога е вистинскиот момент. Минатото лето додека бев на одмор на Ибица, решив дека сакам да бидам диџеј. Мислев дека не е добра идеја сам да настапувам, па го создадов Бобо-шоу. Имам и музички продуцент и пејачка. Ја пуштаме музиката која ја сакаме и постојано добиваме повици за настап низ Италија, но и надвор од земјата“, откри Виери.