Дома Blog Страница 10578

Роналдо се луксузира низ Лондон, го нарачал најскапото вино на светот

Кристијано Роналдо со неговиот син и девојката Георгина Родригес го гледаа балетот „Бајадера“ во Ројал Опера хаус во Лондон, а потоа заминаа во ексклузивен ресторан, каде што само за 15 минути со своето друштво, потрошија 31.000 евра само за вина. Роналдо и девет години помладата Георгина биле расположени бидејќи нивната ќерка Алана Мартина пред некој ден наполни една година.

Според таблоидот „Сан“, најпрвин нарачале едно шише од француското виното „Ришбур гран кру“, а цената на ова шише вино е 20.000 евра и се смета за најскапо на светот. Тоа вино од бербата од 1979 година е толку ретко, што го нема во менијата, туку им се нуди само на специјални гости со длабок џеб. Малку подоцна било нарачано уште едно шише, но од оние „поефтините“, „Померол Петрус“ од 1982 година, кое чини 10.000 евра.

Роналдо и Георгина во Лондон гледаа и тенис, мечевите од завршниот АТП-турнир, а престојуваат во хотелот „Булгари“, каде што една ноќ чини повеќе од 10 илјади евра.

Зидан ќе избира меѓу три европски гиганти

Челниците на германскиот првак Баерн Минхен имале контакт со францускиот стратег Зинедин Зидан за евентуално негово доаѓање на клупата на најтрофејниот клуб во Германија. Баерн веќе има седум бода зад лидерот Борусија Дортмунд и тоа е знак дека е можна промена на клупата, каде што е Нико Ковач.

Освен Баерн Минхен, за Зидан се интересираат и Манчестер јунајтед и Пари Сен Жермен. Ова го открива шпанскиот новинар Едуардо Инда.

„Зидан има две сериозни понуди, и тоа од Манчестер јунајтед и од ПСЖ. Трет на таа листа сега е и Баерн Минхен“, е коментарот на шпанскиот фудбалски експерт.

Зидан летоска си замина од Реал Мадрид и најави дека ќе бара нов предизвик, но засега францускиот стратег молчи за тоа кој би бил клубот во кој би работел.

Најголемата љубов на Икарди не е жена му Ванда

Играњето за репрезентацијата на Аргентина и носењето на дресот со националниот грб е најубавото чувство за Мауро Икарди. Тој ова го изјави за време на тренинг-кампот на „гаучосите“, кои се подготвуваат за двете пријателски средби со Мексико, на 17-ти и на 20-ти ноември.

По Мундијалот во Русија, Икарди редовно е повикуван да игра за родната земја. Селекторот Лионел Скалони има доверба во него, а фудбалерот на Интер кажа како се чувствува во улога на репрезентативец.

„Не постои поубаво чувство од носењето на дресот на репрезентацијата. Ниту носењето на клупскиот дрес не е толку моќно како играњето за својата земја, за најубавиот дрес на светот, а тоа е аргентинскиот. Немам зборови со кои можам да опишам. Кога играш за овој дрес и за оваа земја, не може да не дадеш максимум“, кажа Икарди, кој има изливи на љубов кон татковината, откако претходно беше ставан во позадина и во сенка на Агуеро, Игуаин и другите напаѓачи во кои селекторите имаа поголема доверба.

Најдобриот стрелец во МЛС со невиден стил на изведување пенал (Видео)

Венецуелскиот фудбалер Џозеф Мартинес, кој го носи дресот на Атланта јунајтед и постави нов рекорд на МЛС-лигата во САД со 31 погодок во регуларната сезона, го привлече вниманието и со погодокот од пенал кој го даде на дуелот со Њујорк сити.

Поранешниот напаѓач на Торино зеде залет, скокна и потоа веднаш по приземјувањето ја шутна топката и ја застресе мрежата. Ваква техника на изведување пенал не е видена. Погледнете го комичниот, но ефикасен удар од белата точка:

https://www.youtube.com/watch?v=-ni9sW8SiDU

Леброн е незапирлив, го помина и Вилт Чемберлен на вечната листа (Видео)

Леброн Џејмс го одигра најдобриот меч во дресот на Лос Анџелес лејкерс, откако даде 44 поени, а имаше и 10 скока и 9 асистенции во победата над Портланд од 126:117 во НБА-лигата. ЗА Лејкерс ова е четврта победа во низа и сега тимот е меѓу посакуваните осум екипи во Западната конференција. Домашните навивачи беа воодушевени од играта на првата ѕвезда во тимот и го наградија со скандирање „МВП, МВП“.

На овој меч, Леброн стигна до петтата позиција на најдобри стрелци во историјата на НБА-лигата. Тој успеа да го помине легендарниот Вилт Чемберлен и сега има 31.425 поени во кариерата.

Пред Леброн, сега остануваат само четворица. Мајкл Џордан има 32.292 поени, Коби Брајант е со 33.643 поени, Карл Мелоун застана на 36.928 поени, а најдобар стрелец во историјата на НБА-лигата е Карим Абдул-Џабар со 38.387 поени во кариерата.

Далас и Јута испишаа историја, која воопшто не е за фалење на „џезерите“

Меч за памтење се одигра во Далас. Домаќините славеа со неверојатна разлика од 50 поени против Јута џез (118:68). Интересно е што првото полувреме не најавуваше дека ова ќе биде натпревар за историја. По првите 24 минути, Далас беше подобар и водеше, но само со 58:46. Разликата од 12 поени не е невообичаена, но тоа што се случи во вториот дел е за памтење.

Јута едноставно како да престана да игра, а Далас тоа максимално го искористи. Во второто полувреме, односно за 24 минути, Јута даде само 22 поени, а прими 60, па на крајот разликата беше точно 50 поени во корист на домаќинот. За Јута ова е втор највисок пораз во клупската историја. „Џезерите“ со поголема разлика имаат загубено само на 14-ти март 1979 година, и тоа од Милвоки со 158:102.

И за Далас ова е втора највисока победа во клупската историја. Со поголема предност има победено само против Филаделфија, кога беше подобар со 53 поени разлика. Во второто полувреме Далас прими само 22 поени, што е најмалку во клупската историја.

Резултати: Орландо – Филаделфија 111:106, Вашингтон – Кливленд 119:95, Бостон – Чикаго 111:82, Бруклин – Мајами 107:120, Торонто – Детроит 104:106, Милвоки – Мемфис 113:116, Минесота – Њу Орлеанс 107:100, Оклахома – Њујорк 128:103, Далас – Јута 118:68, Феникс – Сан Антонио 116:96, ЛА лејкерс – Портланд 126:117.

Инцидент на дербито, Охрид ја сопре серијата на Пелистер

Ракометарите на Охрид ја анулираа негативата од 6 голови и со победа од 25:22 ја сопреа серијата на Пелистер под команда на Јошко Петковиќ.

Мечот го одбележа подвигот на домаќините и инцидентот што се случи во финишот на првото полувреме. Имаше и физички контакт меѓу ракометарите, а исклучени со син картон беа Дарко Георгиевски и Славиша Димитриевски кај Охрид и Милош Рајчиќ и Иван Димитриовски кај Пелистер.

Гостите од Битола водеа со 18:12 во второто полувреме, но оттогаш до крајот на мечот постигнаа само 4 погодоци, а примија дури 13.

Тасески со пет голови беше најефикасен кај Охрид, додека Кобетиќ за Пелистер постигна шест голови. Ова е прв пораз за битолскиот ракометен гигант откако на кормилото пристигна искусниот лисец Јошко Петковиќ.

 

ФОТО: Охрид њуз

Ѓорѓев и Димитриевски се разминаа, Рајо го победи Грасхоперс

Никола Ѓорѓев и Грасхопрес се гости на турнирот што го организира Рајо Валјекано, каде што брани Столе Димитриевски, но голманот на домаќините и еден од најталентираните наши играчи се разминаа.

Димитриевски е со селекцијата А во Швајцарија, на завршните подготовки пред мечот со Лихтенштајн, па немаше можност да му биде домаќин на Ѓорѓев.

Рајо Валјекано го освои пехарот на турнирот со победа од 3-1 против швајцарскиот состав, чиј член е младинскиот репрезентативец на Македонија Никола Ѓорѓев.

И шампионот конечно победи во ЛШ

Монпелје конечно успеа да стаса до првата победа сезонава во Лигата на шампионите, а прва „жртва“ е екипата на нашиот репрезентативец Филип Талески, Рајн-Некар.

Францускиот тим беше убедлив и славеше со 31:26. Мелвин Ричардсон и Мишел Гигу постигнаа по 7 гола за победничката екипа, која го дели последното место во групата во која игра и нашиот првак Вардар.

За гостите од Германија играше и Талески и постигна два погодоци од три обиди. Со него во Рајн-Некар играат и Илија Абутовиќ, неодамнешен член на Вардар, и Владан Липовина, ексракометар на Металург.

Најефикасен ракометар кај гостите беше Џери Толбринг со шест голови.

Арсенал има стар проблем, талент од Аталанта ќе ја штима одбраната

Арсенал постојано има ист проблем, тенок е во дефанзивата и иако купуваше доста играчи во одбраната, сега повторно сака да пазари.

„Топчиите“ се заинтересирани за младиот стопер на Аталанта, Џанлука Манчини. Тој има 20 години и игра одлично, а конкуренција на Арсенал ќе бидат и клубови од Италија и Борусија Дортмунд.

Популарните „милионери“ се вистинска фудбалска мека за млади играчи и ќе му конкурираат на Арсенал за Манчини, а во игра се и Интер и Рома.

Манчини сезонава се наметна и како опасен стрелец, а на 11 меча веќе постигна 4 погодоци за Аталанта.