Магична победа на Орландо, Торонто и Голден стејт први до 10 (Видео)

Орландо меџик стигна само до четвртата победа во 10 меча, и тоа на многу возбудлив начин. Еван Фурние ги постигна последните поени на средбата заедно со звукот на сирената, за голема радост на домаќините на дуелот против Кливленд. Резултатот беше 100:100, а Орландо го имаше последниот напад.

На семафорот стоеше дека остануваат само 1,8 секунди до крајот кога Фурние ја доби топката, со финта се ослободи од противникот и шутираше за победа. Со тие поени, херојот на „магичните“ стигна до 15, а повеќе од него во победничкиот тим даде само Арон Гордон.

 

Актуелниот НБА првак Голден стејт и екипата на Торонто се првите два клуба кои стигнаа до двоцифрен број победи. Триото Стеф Кари, Кевин Дурант и Клеј Томпсон повторно беше незадржливо на теренот. Томпсон заврши со 27 поени, Дурант даде 22, а Кари заврши со 19 поени, за осума победа по ред на Голден стејт, а вкупно 10-та во 11 натпревари сезонава.

Ако за Голден стејт беше и очекувано да има ваков старт, тогаш Торонто дефинитивно е најпријатното изненадување. „Рептилите“ стигнаа до 10-тата победа во 11-тиот дуел, откако со 124:11 беа подобри од Јута џез. Кајл Ловри со 17 поени, 11 скока и 7 асистенции беше предводник на победничкиот тим. Интересно е што уште тројца играчи кај Торонто завршија со по 17 постигнати поени.

Најнеизвесниот меч се одигра во Њујорк, каде што домаќините дури по две продолженија загубија од Чикаго со 115:116. Во останатите меча одиграни ноќеска: Детроит – Мајами 115:120 (продолжение), Индијана – Хјустон 94:98, Оклахома – Њу Орлеанс 122:116, Денвер – Бостон 115:107, ЛА клиперс – Минесота 120:109.

 

 

- Оглас -

Најнови вести