Дома Blog Страница 10615

По Бендтнер и Верати, затвор му се заканува и на Роналдињо

Поранешниот освојувач на „Златната топка“, Роналдињо, заедно со неговиот брат Роберто де Азиз, останаа без пасоши. Властите во бразилската држава Рио Гранде им ги одземаа патните исправи на двајцата браќа поради прекршок кој го направиле уште во 2015 година.

Тие ја загрозиле животната средина, откако ставиле платформа за риболов на место каде што е природен резерват. Поради тоа, биле санкционирани со казна од два милиони евра. До овој момент таа казна не е платена, па затоа Роналдињо и неговиот брат останаа без пасошите.

Роберто де Азиз е фудбалски агент кој се грижеше за кариерата на својот брат. Засега не се знае дали Роналдињо може да заглави и во затвор поради неплатената казна.

Роналдињо е третиот фудбалер за кого денеска се пишува дека има проблеми со законот. Претходно поради возење во пијана состојба еден ден во затвор преноќи Марко Верати од ПСЖ, а некогашната ѕвезда на Арсенал, Никлас Бендтнер ќе мора да одлежи 50 дена во затвор поради тоа што му скрши вилица на таксист. 

Бендтнер ќе лежи в затвор затоа што претепа таксист

Поранешниот играч на Арсенал, Никлас Бендтнер ќе оди в затвор. Данскиот голгетер е осуден на 50 дена зад решетки, поради напад врз таксист. Инцидентот се случи на 9 септември оваа година, а за неполни два месеци, Бендтнер доби затворска пресуда.

Фудбалерот кој сега игра за Розенборг, бил излезен со својата девојка, кога во еден момент влегол во конфликт со таксист. За брзо време ситуацијата излегла од контрола, а данскиот фудбалер започнал да го тепа таксистот и му ја скршил вилицата.

Таксистот заврши на операција, а Бендтнер подоцна се извини за инцидентот. Сепак, јавното извинување не беше доволно за голгетерот да ја избегне затворската казна која ја наложуваат данските закони. Сега Никлас има право на жалба на оваа пресуда. Доколку жалбата биде одбиена, играчот ќе мора да ги одлежи тие 50 дена затвор.

Бендтнер е вториот фудбалер кој за само неколку дена се соочува со одење во затвор. Пред неколку дена, ѕвездата на Пари Сен Жермен, Марко Верати една вечер помина зад решетки, откако беше сопрен од полицијата во пијана состојба. Верати имал два пати повеќе од дозволеното алкохол во крвта и морал да преспие во затвор.

Глупост на годината: Му го поништи голот на соиграчот (Видео)

Астра го елиминираше Клуж во Купот на Романија, победувајќи со 4:3 во еден многу неизвесен меч. Клуж во последните моменти од мечот се обиде да израмни, па во напад тргнаа сите играчи, дури и голманот. Тоа беше шанса за Астра, која направи контра напад.

Гостите имаа отворен пат кон голот на Клуж. Ларентиу Бус ја доби топката, истрча и од 30-тина метри шутираше во празната мрежа. Кога сите очекуваа петти гол за Астра, се појави Валентин Георге, кој сакајќи тој да биде стрелец на голот, ја шутна топката која беше на самата гол линија. Георге во тој момент беше во недозволена офсајд позиција, па судијата го поништи погодокот.

За среќа на Астра, мечот заврши 4:3 и продолжи понатаму во Купот на Романија.

https://youtu.be/I1DYeupgL2s

 

Солари има три меча да се наметне за да остане постојан тренер

Одлуката дали Сантијаго Солари ќе остане прв тренер на Реал Мадрид ќе се знае на крајот од следната недела. Според статутот на Реал Мадрид, еден тренер има право во најмногу две недели да го носи предзнакот „привремен“. Тој период истекува наредната недела, што значи дека „кралскиот клуб“ до тогаш ќе мора да донесе одлука, дали да го задржи на клупата или не донесе негова замена.

Солари дојде на местото на Хулен Лопетеги кој доби отказ. Во првиот меч како тренер на Реал, тимот предводен од Солари победи со 4:0 во Купот. Сепак, вистинскиот предизвик за Аргентинецот се следните три средби. Реал викендов ќе игра против Ваљадолид во Примера дивисион, а потоа гостува на Викторија П’лзењ во рамките од четвртото коло во Лигата на шампиони. По тој меч следи и дуелот против Селта Виго во домашното првенство.

Ако на овие три средби Солари успее да го врати победничкиот менталитет во екипата, може да се случи тој и да остане да биде предводник на тимот од „Сантијаго Бернабеу“. Засега, првите знаци од неговата работа се позитивни, но останува уште во наредните 10-тина дена да се видат останатите резултати.

 

 

 

Капитенот на Борнмут оптимист: Фаворити сме против Манчестер

Капитенот на Борнмут, Сајмон Франсис е полн со оптимизам пред утрешниот меч против Манчестер јунајтед. Во првиот меч од 11-тото коло, Борнмут на свој терен го пречекува најтрофејниот англиски клуб, но без ниту малку страв, домаќините најавуваат атакување на трите бода.

„Нормално дека не ни е страв од мечот против Манчестер јунајтед. Официјално, можам да кажам дека сме фаворити. Верувам дека имаме сили да победиме, но дури и да загубиме, можам да им кажам на навивачите дека тоа нема да биде ништо страшно. Одлично ја започнавме сезонава“, вели Фрaнсис.

Оптимизмот на Франсис се темели на фактот дека Борнмут во досегашниот дел од сезоната освои 20 бодови, додека Манчестер има 17 бодови и е на две позиции зад ривалот кому му гостува утре. Сепак, ако се гледа традицијата, „црвените ѓаволи“ имаат четири победи и едно реми на последните пет меча против Борнмут.

 

Клоп пред дуелот со Арсенал: Неопходно е да одиграме најдобро досега

Дербито меѓу Арсенал и Ливерпул ќе го обележи 11-тото коло во Премиер лигата. Ова ќе биде една од највозбудливите средби досега бидејќи „топчиите“ и „црвените“ редовно приредуваат спектакл, додека на Јирген Клоп му е јасно за каков предизвик станува збор.

„Натпревар против Арсенал е секогаш тежок предизвик. Тие се квалитетна екипа, исклучително опасни во нападот, стабилни во одбраната, што значи дека ќе треба да го покажеме нашето најдобро издание досега за да освоиме бодови во Лондон. Пред сè, треба да ги спречиме да постигнат гол“, истакна Клоп.

Ливерпул победи на три од последните четири меѓусебни средби против Арсенал, но Клоп утре за првпат своите тренерски способности ќе ги вкрсти со Унаи Емери.

„Не е мое да споредувам каков беше Арсенал под водство на Венгер со овој Арсенал кој сега го води Емери. Јасно е дека Венгер е еден од најдобрите тренери во историјата, а знаеме колку добар е и Емери. Арсенал и сега, а и претходно, беше и е една од најквалитетните екипи во Премиер лигата“, додаде германскиот стратег.

Ливерпул по 10 натпревари во Премиер лигата, стои рамо до рамо со Манчестер сити на врвот на табелата, и двете екипи имаат по 26 бода, додека Арсенал е на четвртата позиција со 22 бода. Дербито се игра во сабота, со почеток од 18.30 часот.

За Алегри, Барселона е фаворит во Лигата на шампиони

Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, смета дека шпанскиот првак Барселона е фаворит за освојување на титулата на Лигата на шампионите. Иако Барса во последните три сезони рано испаѓа од најсилното натпреварување, за Алегри, е најопасен ривал.

„Велат дека Јувентус е фаворит во ЛШ? За мене, тоа е Барселона. Само погледнете како играат“, рече тренерот од Ливорно.

Алегри е свесен дека од Јуве се бара титула во ЛШ, затоа беше донесен и Кристијано Роналдо, но веројатно не сака уште отсега да им прави преголем притисок на своите играчи, па ја кажа Барселона како кандидат број 1. До завршницата во ЛШ има уште половина година и многу работи може да се сменат.

Тренерот на „старата дама“ посакува неговиот тим почесто да дава голови од прекини, бидејќи сега тоа не се случува.

Тринкиери: Ако нема добри плескавици, веднаш си одам од Партизан

Андреа Тринкиери беше претставен како нов тренер на кошаркарскиот клуб Партизан, а тој на воведната прес-конференција кажа дека работата ја прифатил бидејќи му била предвизвик. Тринкиери е прв странски тренер на „црно-белите“ во нивната 73-годишна историја. Договорот му е на три години.

„Партизан е бренд и тоа треба да остане. Сакам да направам нешто што ќе трае. Во спортот предизвикот е како бензин, нa него не се може. Менаџментот има бизнис-план и проект, сериозна е приказната и мора и кошаркарски да бидеме како што треба. Многу луѓе се чудат зошто дојдов во Партизан. Да беше лесно, немаше да дојдам. Не знам колку време ќе ни треба, екипата е во депресија, реди порази, ќе мора прво психолошки да ги кренам играчите. Младите играчи грешат бидејќи се неискусни и се плашат. Во Партизан играле Дивац, Паспаљ, Ребрача, Даниловиќ, Ловерњ, Бертанс, сите тие тука се развија“, изјави Тринкиери, кој носеше црно-бела вратоврска.

На прашањето дали има некоја посебна клаузула, тој даде интересен договор.

„Имаме многу важна клаузула. Мора да ми се каже каде во Белград има добри плескавици. Во спротивно, си одам дома“, кажа харизматичниот Тринкиери.

 

Македонија заобиколена во идејата за домаќинство на балканските земји на СП 2030

На состанокот на челниците на Романија, Грција, Србија и Бугарија во Варна, на идеја на грчкиот премиер Алексис Ципрас, дошло до договор овие четири балкански земји да се кандидираат за домаќини на Светското првенство во фудбал во 2030 година.

Идејата на Ципрас ја прифатиле неговите колеги од другите три земји. Македонија не е ставена во овој круг, иако имаме стадион на кој може да се играат мечеви од првата фаза на СП.

Според познавачите, шансите на „балканската коалиција“ да ја добие организацијата не се баш добри, затоа што во 2030 година е 100-годишнината од првото СП во Уругвај, а кандидатура има и од Уругвај, Аргентина и Парагвај. Од друга страна, во 2022 (Азија) и 2026 (Северна Америка) СП ќе се игра надвор од Европа, па Стариот Kонтинент би требало доста да чека.

Србите планираат да се кандидираат и за Европското првенство 2028.

Новиот претседател на Лестер има прекар „Топ“

Ајават „Топ“ Шриваданапраба, 33-годишниот син на загинатиот Вишај, ќе биде новиот претседател на фудбалскиот клуб Лестер и вети дека ќе го продолжи патот по кој одеше неговиот татко. Всушност, популарниот Топ е најзаслужен што татко му во 2010 година го купи Лестер.

Во 1997 година, кога имал 12 години, Топ бил во Англија и првпат гледал фудбалски меч, а на таа средба во Вембли (финале на Лига купот) играле Лестер и Мидлсброу. Тој тогаш се заљубил во „лисиците“, а сега ќе има прилика да биде нивен сопственик. Топ има и брат и две сестри, но тој ќе биде на чело на клубот.

„Трогнат сум од тоа колку луѓе го имале во срцето мојот татко. Тој ми го остави клубот во наследство и морам да ги продолжам неговата визија и соништа“, рече Ајават, кој им се заблагодари на сите што му изразиле сочувство.

Една од визиите на таткото беше изградба на тренинг-центар, кој ќе чини 100 милиони фунти. Погребот е закажан за трети ноември во Бангкок, но според тајландската традиција, церемониите траат и по една недела, така што не се знае кога ќе биде кремирањето.