Дома Blog Страница 10620

Шкендија фати победнички ритам, Османи е задоволен

Шкендија нанижа три победи по ред и сериозно му се заканува на Вардар во битката за врвот на табелата, но и за титулата.

Само по 12 кола во домашното првенство, речиси е јасно дека двата клуба се единствени кандидати за шампионската круна и имаат голема предност пред Академија Пандев и Работнички.

„Игравме добро во Струмица, го контролиравме мечот и бележиме добри резултати во последно време. Задоволен сум што успеваме и да го ротираме составот, бидејќи следува период со многу натпревари во кусо време“, изјави Османи по триумфот против Беласица со 2-0.

Изаир Емини и Енур Тотре беа прецизни за значаен триумф во битката со најтрофејниот клуб кај нас, Вардар. Скопските „црвено-црни“ имаа предност од два бода пред шампионот, кој стопи пет бодови разлика само во три дуели од вториот круг во првенството.

Лопетеги имаше милост кон Реал и се откажа од цело богатство

Хулен Лопетеги не се покажа како достојна замена за Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид. Само по три месеци на чело на Кралскиот клуб, Лопетеги доби отказ. Во последниот меч како предводник на тимот, Реал загуби со 5-1 од Барселона во Ел Класико.

Според постигнатите резултати, Лопетеги е најлошиот тренер на Реал во последниве 50 години. Токму поради слабите резултати, наместо како што беше договорот за три години, стратегот остана само три месеци. Во договорот на Лопетеги стоеше дека и во случај на предвремен раскин на договорот, може да ги бара сите пари за следните три сезони.

Сепак, Лопетеги реши да не го тужи Реал, туку да се договори за оштетата. Наместо сигурните 18 милиони евра кои ќе ги добиеше, Лопетеги се согласи на оштета од три милиони евра. На тој начин, Реал спаси 15 милиони евра со отказот кој му го даде на тренерот.

На местото на Лопетеги тимот го презеде Сантијаго Солари, кој синоќа дебитираше со победа од 4-0 во Купот на Шпанија против Малиља.

 

Видео кое ја открива причината за падот на хеликоптерот

Пилотот кој го управувал хеликоптерот кој минатата недела се сруши во близина на стадионот на Лестер всушност е херој. Во хеликоптерската несреќа загинаа сите петмина кои се превезуваа, вклучувајќи го и сопственикот на Лестер, Вишај Шриваданапраба. Иако ова е голема трагедија, сепак експертите велат дека можело да биде многу полошо.

Несреќата се случи непосредно по завршување на дуелот Лестер – Вест хем и на стадионот, но и во негова близина имало уште многу луѓе. Сепак, пилотот успеал да го насочи хеликоптерот кон празниот паркинг, па затоа се избегнати жртви на земја.

Видеоснимката која покажува како хеликоптерот полетува од центарот на теренот на стадионот „Кинг пауер“ всушност ја открива и причината за несреќата. Неколку секунди откако хеликоптерот се крена во воздухот, роторот кој е на опашката од хеликоптерот едноставо се откачил и паднал. Во таква ситуација, хеликоптерот не може да остане во воздух и единствена опција е пад на земја.

Единствената среќа во несреќата е тоа што искусниот пилот успеал да го насочи хеликоптерот кон празниот паркинг и не дозволил да има дополнителни жртви.

„Ова е шокантно видео. Јасно се гледа дека роторот од задниот дел на хеликоптерот има проблеми и потоа отпаѓа. Пилотот ја изгуби контролата, хеликоптерот ја загуби снагата и единствена, но и најлоша опција е пад на леталото. Пилотот направил одлична работа со тоа што падот го насочил кон паркингот, бидејќи во 99,9 отсто од случаите тој би паднал врз стадионот. Знаејќи дека таму уште има луѓе кои би можеле да настрадаат, пилотот брзо реагирал. Затоа него треба да го сметаме за херој“, објаснува авијатичарот и експерт Џим Ровландс.

 

 

Леброн не дозволи нов кошмар на Ноќта на вештерките (Видео)

Малку фалеше, па Леброн Џејмс повторно да биде трагичар за Лос Анџелес лејкерс. „Езерците“ ноќеска на свој терен минимално со 114:113 го победија Далас во еден од седумте меча во НБА-лигата. Само пред неколку вечери, Леброн промаши две клучни слободни фрлања, па ЛА загуби.Овојпат се покажа малку посигурен, но доволно да донесе победа на својот тим.

На три минути до крајот, Лејкерс водеше 111:98, но потоа на 7 секунди до последниот звук на сирената, резултатот покажуваше 113:113. Џејмс ја зеде топката да го реши последниот напад и на 2,1 секунди до крајот беше досуден фаул врз него. Најголемата ѕвезда на ЛА го промаши првото слободно и сите помислија дека едноставно повторно победата може да им избега. Сепак, Леброн го погоди вториот „пенал“ за водство од 114:113. Гостите го имаа последниот напад, но Бареа промаши во очајниот шут од пола терен, па победата остана во „Стејплс центарот“. На крајот, Џејмс заврши со 29 поени, а Кузма додаде 18 за победничкиот тим. За Лејкерс ова беше трета победа во осмиот меч сезонава.

https://youtu.be/T5NsNNpjG7E

Освен дуелот во ЛА, уште три меча беа решени во последната секунда. Пол Милсап даде кош на 0,1 секунда до крајот за радост на Денвер против Чикаго од 108:107, и тоа во меч кој се решаваше по продолжение од пет минути.

https://youtu.be/PHxp5EU-0u8

Дерик Роуз постигна рекордни 50 поени во кариерата и беше херојот во тримфот на Минесота против Јута. Роуз прво погоди две слободни фрлања, а потоа го блокираше последниот шут на гостите и Минесота се радуваше со 128:125. И Бруклин победи во многу неизвесен дуел. Славеше со 120:119 против Детроит, дури по продолжение од пет минути.

Во останатите мечеви: Њујорк – Индијана 101:107, Голден стејт – Њу Орлеанс 131:121, Фенис – Сан Антонио 90:120.

 

Деби-победа за Солари на клупата на Реал Мадрид

Сантијаго Солари тргна со победа како тренер на Реал Мадрид. Во првата средба од двомечот против Мелиља во рамките од Кралскиот куп, „кралевите“ во комбиниран состав рутинирано го совладаа третолигашот со 4-0.

Неизвесноста траеше 28 минути, а потоа Бензема лесно го совлада противничкиот голман, по една полуконтра на Реал. Асенсио зголеми на 2-0 во првата минута од судиското надополнување во првото полувреме, а Одриосола со својот прв гол за тимот од Мадрид го осигура триумфот во 79-тата минута.

Шанса да дебитира имаше младиот Кристо Гонзалес, а дебито го украси со гол во последната минута од средбата.

Петарда на Вердер, Дортмунд „се извади“ на продолженија

Борусија Дортмунд со комбиниран состав мораше на продолженија да се вади против второлигашот Унија Берлин во средбата од рамките на германскиот Куп. „Милионерите“ ремизираа со 2-2 по регуларните 90 минути, младиот Кристијан Пулишиќ ги креираше двата погодоци за „милионерите“. Прво во 40-тата минута донесе водство, а во 73-тата му асистираше на Филип за 2-1, пред гостите да израмнат во 87-та минута преку Полтер.

Во дополнителните 30 минути, Дортмунд успеа да обезбеди победа откако Марко Ројс погоди од белата точка за 3-2, во 120-тата минута од средбата.

Неверојатен е податокoт на бројот на гледачи кои присуствуваа на „Сигнал Идуна парк“. Дортмунд имаше огромна поддршка од 72.732 гледачи во натпревар од рамките на германскиот Куп, во среда навечер.

https://twitter.com/BVB/status/1057707568531996673

Вердер Бремен ја оправда улогата на голем фаворит против четвртолигашот Вајше Фленсбург со конечен резултат од 5-1. Два гола постигна Харник, а по еден ветеранот Пизаро, Кајнц и Класен од белата точка, а почесниот погодок за домаќините го постигна Илидио во 27-мата минута.

Останатите две среди, исто така, завршија без победник во регуларните 90 минути. Средбите меѓу Келн и Шалке, односно Ханза Росток и Нирнберг завршија со конечен исход од 1-1, односно 2-2, а Нирнберг и Шалке беа подобри по изведувањето на пенали.

Во терминот од 20.45 часот започнаа уште четири натпревари во рамките од Купот на Германија: Кил – Франбург, Лајпциг – Хофенхајм, Арменија Билефелд – Дуисбург, Б. Менхенгладбах – Б. Леверкузен.

 

Баерн повеќе загуби отколку што доби по дуелот со четвртолигашот

Баерн Минхен вчера одвај го победи четвртолигашот Родингхаузен во германскиот Куп со 2-1, но „баварците“ останаа без клучен играч. Имено, Тијаго Алкантара се здоби со повреда на лигаментите на зглобот од десната нога. Бразилецот со шпански пасош ќе биде надвор од редовите од четири до шест недели, што е голема загуба за составот на Нико Ковач.

Предвоникот на Баерн потврди дека Тијаго има големи болки во ногата и дека се работи за тешка повреда. Играчот за врска е исклучително важен за германскиот првак, бидејќи настапи на 14 натпревари од вкупно 15 кои „баварците“ ги одиграа сезонава.

Се предвидува дека ќе пропушти до два натпревари во Лигата на шампионите и уште неколку во домашниот шампионат, како и тешкото гостување против лидерот во Бундеслигата, против Борусија Дортмунд, дербито кое е закажано за 10-ти ноември.

Борозан суспендиран еден меч, парична казна за Дибиров

Македонскиот ракометен првак Вардар на следниот меч во Лигата на шампионите ќе игра без Вуко Борозан, кој заработи еден меч суспензија поради исклучувањето против Кјелце во претходното коло. Вардаровиот ракометар со тупаница удри играч на Кјелце, по што заработи директен црвен картон. Нашиот претставник во европското натпреварување без Црногорецот ќе го пречека тимот на Мешков Брест во следното коло.

Тимур Дибиров помина со парична казна по „поздравот“ со среден прст кон навивачите на полскиот тим, па крилото на „црвено-црните“ ќе мора да плати 3.000 евра.

За црвениот картон кој го заработи Алекс Душебаев, ракометарот на Кјелце, ЕХФ одлучи да не му даде дополнителна суспензија.

Ди Марија ќе биде „светец“ уште три години

Крилниот офанзивец на ПСЖ, Анхел Ди Марија, потпиша нов договор со клубот според кој ќе остане во Париз и во наредните три години. Неговиот досегашен договор истекуваше по крајот на оваа сезона, а фактот дека Аргентинецот е клучен играч во тимот на Томас Тухел, раководството успеа да ја обнови соработката со него.

„Со задоволство го ставив мојот потпис на новиот договор. Се радувам што клубот верува во мене, во Париз се пронајдов себеси. Чест ми е што сум дел од овој голем, амбициозен проект, ПСЖ е врвен клуб кој расте секој ден. Убеден сум дека најдоброто допрва следи“, истакна Ди Марија за официјалната веб-страница на францускиот првак.

Триесетгодишниот фудбалер во ПСЖ пристигна во 2015 година, во трансферот вреден 60 милиони евра од редовите на Манчестер јунајтед. Со „светците“ за три години освои 10 трофеи, меѓу кои два пати титулата на Франција, постигнувајќи 57 погодоци и 58 асистенции.

Ексѕвездата на Јуве и светски првак од 2006 осуден на две години затвор

Поранешниот фудбалер Винченцо Јакинта е осуден на две години затвор, а според пресудата на судот, татко му Џузепе треба зад решетки да мине 19 години. Јакинта беше ѕвезда на Удинезе и Јувентус, а во 2006 година со репрезентацијата на Италија го освои Светското првенство.

„Ова е смешно. Срамота. Немам ништо со мафијата. Сакаат да ме уништат бидејќи сум од Калабрија. Горд сум што сум од Калабрија, пред 12 години за оваа држава освоив злато на СП“, изјави Јакинта, кој е роден пред 38 години во Кротоне, во областа Калабрија.

На најголемото сослушување во северна Италија против мафијата „Ндрангета“, Јакинта беше обвинет за нелегално поседување огнено оружје (кај него се пронајдени револвер, пушка и 126 парчиња муниција), за кое се знае дека го користела оваа мафија. Обвинителството бараше шест години затвор за Јакинта, кој од 2000 до 2007 играше за Удинезе, а од 2007 до 2012 за Јуве.