Дома Blog Страница 10622

Лира ја прекина импресивната серија на Македонија Ѓ.П.

Македонија го прими првиот гол на домашен терен дури во шестиот меч што го играат во Ѓорче Петров, а серијата од цели 468 минути без да им се тресе мрежата ја прекина Вилијан Соуза Лира.

Бразилскиот напаѓач на Вардар погоди во 19-тата минута од локалното скопско дерби, а со неговиот гол падна низата на домаќините, патем и лидерот води по првиот дел.

Претходно, шампионот Шкендија, Беласица, Работнички, Победа и Академија Пандев не успеаја да постигнат гол во Ѓорче Петров, а Македонија беше единствената екипа без примен гол на свој терен.

Јамајка сака промоција – Болт ќе игра за фудбалската репрезентација

Јусејн Болт е блиску до настап за фудбалската репрезентација на Јамајка, а поранешниот играч на оваа селекција Мајкл Рикетс вели дека сериозно се следат неговите настапи и формата.

„Сериозно ги следиме неговите настапи како фудбалер. Се надеваме дека ќе продолжи со сериозен пристап. Би сакале да игра за репрезентацијата на Јамајка, што би ни донело многу нови навивачи“, вели Рикетс, кој моментно е претседател на Фудбалскиот сојуз на карипската земја.

Болт играше за австралиски фудбалски клуб Сентрал Коуст маринерс, но не успеа да ги убеди челниците да му понудат долгорочен договор. За Јамајка има освоено 19 златни медали на големите натпреварувања. Осум од нив се на Летни олимписки игри и 11 на атлетските мундијали, на кои има и две сребра и една бронза.

Болт е сопственик и на два светски рекорди, на 100 метри со време од 9,58 секунди и на 200 метри со резултат од 19,19 секунди.

Стелоне: Супер е, Несторовски повторно е „гладен“ за голови

Роберто Стелоне ја стабилизира играта и формата на Палермо, има одличен учинок од 10 освоени бодови од можни 12, а вели дека особено го радува камбекот на Илија Несторовски.

„Супер е што повторно кај него се чувствуваат желбата и гладот за голови. Беше борбен, мотивиран и ефикасен против Карпи. Ги немавме и тројцата мошне важни играчи, Трајковски, Белуски и Муравски, а сепак победивме убедливо. Тоа ме радува и верувам дека ќе продолжиме во победничко темпо“, изјави тренерот на Палермо.

Несторовски имаше бавен старт во новото издание на Серија Б, но со голови во последно време најави камбек во препознатливата форма. Двете претходни сезони што ги мина во Палермо беше прв стрелец на тимот, а и сега е во иста ситуација. Со пет постигнати голови ја дели третата позиција на листата со најдобри стрелци во Серија Б.

Спортската прогноза продолжува – Арсенал бара среќна седумка против Ливерпул

Спортската прогноза на Спорт Манија продолжува со третото издание, а се зголемува и базата на играчи. Прогнозерите се сè подобри, па ако во првото коло максимумот беше 10 погодоци, веќе во втората рунда имаше топ прогнозер со 11 погодени двојки.

Сотир Дренкоски е добитник на ваучер од 1.000 денари за погодени 11 двојки, а мошне блиску беше до главната награда мобилен телефон „Самсунг галакси А-6“. „Кецот“ на Џенова против Удинезе беше сигурен тип до 70-тата минута, но голот на Де Паул за 2-2 ја однесе главната награда.

Сега на ред е третото коло од Спортската прогноза, време е и за дванаесетка, а меѓу двојките што ги одбравме за вас, најатрактивен е дуелот од Премиер лигата меѓу Арсенал и Ливерпул.

Во Лондон популарните „топчии“ ќе атакуваат од сите оружја да ја прекинат црната серија од 6 меча без победа против Ливерпул. Нè очекува атрактивен меч на две мошне ефикасни екипи, а изборот е ваш и се типува на конечен исход. Арсенал ги загуби двата дерби-дуели досега, и тоа на стартот против Манчестер сити и Челзи, па сега очекува трета среќа во ново премиерлигашко дерби.

Ливерпул на своја странаја има традицијата во дуелите со „топчиите“ и има повеќе време за одмор. Избраниците на Јирген Клоп испаднаа од Лига купот и имаат цела недела за освежување пред дербито што ќе се игра во сабота, од 18.30 часот.

Третото коло од Спортската прогноза на Спорт Манија нуди уште 11 интересни дуели, плус две резерви, а двојките можете да ги најдете на следниот линк.

Типувајте, забавувајте се со Спортската прогноза и очекувајте убави добивки.

Македонија против Јапонија е премиерата во Минхен на СП

Јапонците ќе ни бидат прв противник на Светското ракометно првенство во нашата група во Минхен. Со аутсајдерот ќе играме на 11-ти јануари од 15.30 часот, а потоа според распоредот противници ќе ни бидат Бахреин, Хрватска, Шпанија и Исланд.

Против Бахреин ќе играме на 13-ти јануари од 14 часот, следниот ден е големото дерби со Хрватска од 18 часот, а со Шпанците ќе играме два дена подоцна од 20.30 часот. Последниот дуел од групата, против Исланд, на распоредот е на 17-ти јануари од 18 часот.

Двете Борусии се гаранција за голови

Борусија Дортмунд и Борусија Менхенгладбах се двете најефикасни екипи во Германија по девет одиграни кола во Бундеслигата, што е добра гаранција за нови ефикасни натпревари на имењаците. Вечерва, во шеснаесетфиналето од германскиот куп, противници им се Баер Леверкузен и Унион Берлин, а како и секогаш кога играат двете Борусии, се очекуваат многу голови.

Во нашата редовна дневна содржина, анализи и предлог-типови ви нудиме пет дуели.

 

Борусија Дортмунд – Унион Берлин (18.30 часот)

„Милионерите“ од Дортмунд не знаат да калкулираат, играат исклучително атрактивен и офанзивен фудбал и ги собраа симпатиите на љубителите на фудбалот. И особено на обложувачите, кои сакаат екипи што се ефикасни. Февр веројатно и ќе одмори дел од играчите, но Борусија има широк спектар на квалитетни фудбалери и многу талент во екипата. Жадон Санчо, Јакоб Брун Ларсен, Хакими… го предводат младиот бран на екстраталентирани играчи на Борусија и веќе во оваа сезона покажуваат дека екипата од Дортмунд продолжува да биде расадник на таленти, кои добиваат одлична минутажа за да го презентираат и талентот и квалитетот. Унион Берлин игра цврст фудбал, нема примено, ниту постигнато гол на последните два меча во Цвајта, но кога се игра против Борусија Дортмунд, паѓаат во вода сите тактики и се игра за гол повеќе.

Предлог тип 1&4+ (2.25)

 

 

Борусија Менхенгладбах – Баер Леверкузен (20.45 часот)

Бундеслигата е во знакот на двете Борусии, екипи кои заедно во 9 кола постигнаа 49 погодоци. Екипата од Менхенгладбах е втора најефикасна во германското првенство со 20 постигнати погодоци, што и вечерва против офанзивниот Баер Леверкузен е најава за голови. Мечот е дерби во шеснаесетфиналето на популарниот „ДФБ Покал“, или германскиот куп.

Предлог тип: 1-3&1-3 (1.75)

 

 

Арсенал – Блекпул (20.45 часот)

Натпреварите во Карабао купот честопати се ефикасни, нема многу калкулации бидејќи се игра еден меч и мора да има победник, односно екипа што ќе оди понатаму.

Арсенал киксна против Кристал палас во последното коло од Премиер лигата, а вечерва веројатно ќе играат резервите, или барем поголем дел од нив. Тоа е шанса за Блекпул да ја затресе мрежата на Арсенал, иако фаворитот се знае.

Предлог тип: Т1 2+&ГГ (2.45) Квота на денот

 

 

Лајпциг – Хофенхајм (20.45 часот)

Дуел на две екипи кои играат често, учесници се во европските купови и веројатно вечерва ќе ги одморат клучните играчи во дуел од шеснаесетфиналето на германскиот куп. Сепак, на ваков меч тешко се одолева да не се одигра на голови. Сите пет меѓусебни дуели што ги одиграле досега биле најмалку со три погодоци. И сезонава двете екипи се ефикасни, па веројатно и логичен избор е да се одигра на 3 или повеќе голови.

Предлог тип: ГГ&3+ (1.62)

 

Антверпен – Генк (20.30 часот)

Во ден за натпревари од куповите, Антверпен и Генк ќе играат за бодови во белгиското првенство. Ова е дуел на екипи од горниот дел на табелата, а изненадувачки добро играат и домашниот состав и Генк. Антверпен има само еден пораз во 12 кола, а Генк е единствена непоразена екипа во Белгија. Гостите играат одлично и во Лигата на Европа, но главна цел е да се освои титулата во домашното првенство, нешто на што долго се чека. Генк има постигнато дури 34 погодоци, или во просек малку помалку од 3 по меч. И ќе игра против составот што ја има најдобрата одбрана во Лигата. Антверпен прими само 9 голови и е единствен со едноцифрен број примени погодоци во досегашните 12 рунди.

Предлог тип: 2>1 (1.93)

 

„Светците“ од Париз имаат интересно друштво на победници

Пари Сен Жермен е рекордер во топ 5 лигите во Европа со серија од 11 победи во еднаков број натпревари во францускиот шампионат, а уште три екипи имаат максимален учинок.

Се бројат победите во домашните првенства, па веднаш зад ПСЖ со 10 од 10 во Холандија е ПСВ Ајндховен. Екипа која вчера беше изненадена и елиминирана од Валвијк во меч од холандскиот куп, но и непоразена и без реми во дуелите од холандскиот шампионат.

Неодамна популарната „Тумба“ на ПАОК во Солун лесно ја прескокнаа играчите на МОЛ Види во меч од Лигата на Европа, но „црно-белите“ газат во грчкото првенство со 8 победи на 8 одиграни натпревари. И тие имаат максимален ефект и се во квартетот екипи во Европа со сите победи на домашната сцена.

Четвртиот клуб е од фудбалска лига што е полупрофесионална, а се работи за Сан Марино и за екипата на Тре Фјори. Имаат пет победи во низа од стартот на шампионатот, што нема некаков посебен рејтинг, но 5 од 5 на играчите на Тре Фјори е за почит, без разлика на квалитетот на лигата.

Дали Вардар прв ќе го сруши бункерот во Ѓорче Петров?

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар денеска ќе гостува во Ѓорче Петров на дуел против Македонија, во рамките од 12-тото коло на Првата лига. Овој меч го има епитетот дерби. Интересно е што ова ќе биде петти меѓусебен дуел на градските ривали, за малку повеќе од два месеца.

Вардар беше домаќин, го доби првиот дуел на 26-ти август, и тоа минимално со 1-0. Потоа во пријателски меч Македонија победи со 3-0, а потоа следуваа две средби во Купот. Откако првата средба заврши 1-1, Македонија на свој терен победи со 2-1 и го елиминираше фаворитот.

„Црвено-црните“ се лидери во првенството со 24 бодови, но по двата кикса во последните две средби (пораз и реми), сега може да ја загубат и првата позиција ако не победат на гости кај Македонија. Тоа ќе биде многу тешко, ако се знае дека токму тимот од Ѓорче Петров е единствен кој сезонава нема пораз на свој терен. Не само што нема порази, Македонија ЃП уште не примила гол во првенството на свој терен.

Во останатите мечеви кои денеска се играат со почеток во 13.30 часот, се среќаваат: Беласица – Шкендија, Работнички – Победа, Ренова – Силекс и Шкупи Академија Пандев.

 

Четвртолигашки сеир: Не ја оправдавме улогата фаворит против Баерн

Баерн Минхен се пласираше во осминафиналето на Купот на Германија, но неочекувано се намачи за да го елиминира четвртолигашот Рудингхаусен. Почетокот на мечот не делуваше дека ќе има дилеми, бидејќи само po 13 минути игра, гостите водеа со 2-0, а веќе во 23-тата минута имаа пенал за зголемување на предноста.

Санчес го промаши ударот од белата точка и тоа како да беше знак Баерн да застане. Рудингхаусен намали на 1-2 во 49-тата минута, а до крајот четвртолигашкиот тим се обиде да израмни, но најтрофејниот германски клуб се одбрани. По завршување на мечот, полуаматерите започнаа и да се шегуваат на сметка на Баерн.

„За жал, неуспеавме да ја оправдаме улогата фаворити. Мислам дека имаме тренинг во 10 наутро и не знам со колку промили ќе бидеме кога ќе дојдеме“, на шега изјави Линус Мајер, кој го даде голот за Рудингхаусен.

Рудингхаусен е тим кој се натпреварува во регионалната лига и моментно е на петтото место на табелата. Просечната плата на овие играчи е 5.000 евра.

 

Роналдо: Толку сме, јас и Меси

Кристијано Роналдо реши јавно да објасни зошто тој и Лионел Меси се поинакви од сите останати фудбалери во светот и се едно ниво повисоко. Португалецот, кој летово направи трансфер од Реал Мадрид во Јувентус, вели дека тој и Меси се единствени во светот кои успеале да го задржат врвното ниво на игра повеќе од 10 години.

„Колку фудбалери може да играат на толку високо ниво во период од десет и повеќе години? Се бројат на прстите на една рака. Ајде ќе ви кажам. Двајца се. Јас и Меси“, рече Роналдо.

Португалецот објасни дека тој успеал на 33-годишна возраст да направи трансфер вреден 100 милиони евра, што е неверојатно ако се знае дека тоа е возраст на која голем дел од играчите решаваат и да ја завршат кариерата.

„На оваа возраст повеќето фудбалери за пари одат да играат во Кина, Индија, Обединети Арапски Емирати, а потоа таму ја завршуваат кариерата. Таму одат да играат бидејќи не треба да се на некое високо ниво на игра. Никој на оваа возраст не прави трансфер од еден во друг светски клуб, и тоа за сума од 100 милиони евра. Не велам дека сум најдобриот, но едноставно сум различен. Посебен спортист, посебен човек, посебен ѕвер. Сигурно има многу луѓе кои би сакале мојата кариера брзо да заврши, но тоа нема да се случи. Јас сум тука и ќе продолжам да бидам тука. Резултатите и постигнувањата говорат за мојата работа“, рече Роналдо, кој на последниот натпревар за Јувентус даде два гола и донесе победа на гостувањето против Емполи.