Дома Blog Страница 10624

Пјаниќ верува во триплета, главна цел е титулата во ЛШ

Миралем Пјаниќ верува во триплета, а вели дека главна цел на Јувентус сезонава е да се освои титулата во Лигата на шампионите. Круна која „црно-белите“ ја чекаат долго време, од 1996 година.

„Сите велат дека Скудетото е веќе освоено, но не е така. Првенството е долго и иако сме фаворити и имаме предност, треба многу труд и пот за да ја одбраниме титулата во Италија. Имаме квалитет за триплета, а сите во клубот ја сонуваме третата европска круна. Се надевам дека ќе успееме да ја освоиме Лигата на шампионите“, изјави Пјаниќ.

Јувентус има две титули во луксузното европско клупско натпреварување и дури 9 финалиња, во кои 7 пати не успеал да се искачи на тронот на Европа.

Има и бетер од Лопетеги – Жирес е најбрзо избркан тренер во топ 5 лигите

Хулен Лопетеги издржа само 121 ден на клупата на Реал Мадрид, испадна двоен „лузер“, откако доби отказ и од позицијата селектор на Шпанија, сега и од кормилото на Кралскиот клуб, но сепак не е најбрзо избркан тренер во топ 5 лигите.

Приматот му припаѓа на легендарниот француски фудбалер Алан Жирес, како тренер на Пари Сен Жермен. Популарните „светци“ ги предводеше само на 12 натпревари во 1998 година, пред да добие отказ. Жирес беше на кормилото на ПСЖ точно 114 денови.

Ако се сметаат деновите, рекордер е Бернд Краус. Германецот издржа само 67 денови како тренер на Борусија Дортмунд во периодот февруари-април во 2000 година.

Еве ги најбрзите заминувања на тренери од клупата на клубови од топ 5 лигите во Европа:

 

Алан Жирес  – Беше 114 дена на клупата на ПСЖ. Издржа точно 12 натпревари во период од први јули до 23-ти октомври 1998 година.

Бернд Краус67 дена како тренер на Борусија Дортмунд, од шести февруари до 13-ти април, 13 натпревари беше во улога на „милионер“ во Дортмунд.

Фатих Терим – 127 дена како тренер на Милан од први јули до петти ноември. Точно на 13 натпревари ги предводеше „миланезите“.

Франк Де Бур84 денови на клупата на Интер, од деветти август до први ноември 2016 година. Издржа 14 натпревари.

Хулен Лопетеги – 121 ден на клупата на Реал Мадрид. Од први јули до 29-ти октомври. Ги предводеше „кралевите“ на 14 дуели.

Сорен Лерби  – 154 дена во Баерн Минхен. Данецот беше шеф на стручниот штаб од деветти октомври 1991 до 11-ти март следната година. Ги водеше Баварците на 17 меча.

Маријано Гарсија Ремон –  Точно 101 ден беше тренер на Реал Мадрид на 20 натпревари во периодот од 20-ти септември до 30-ти декември 2004 година.

Роберто Ди Матео  – 21 меч на клупата на Челзи. Од 13-ти јуни до 21-ви ноември 2012 година.

 

 

Ништо без ветеранот – Наумов на 37 години ѝ носи победи на Брегалница

Ристе Наумов со два гола ѝ донесе нова победа на Брегалница, трета по ред во Втората лига Исток. Штипјани во финишот го скршија отпорот на Вардар Неготино, а два гола постигна 37-годишниот ветеран.

Наумов и во претходното коло беше стрелец на еден гол, во победата од 5-1 против Саса, и влезе во гол-серија. Брегалница нареди три победи по ред и има амбиции да бие битка за пласман во Првата лига.

Со Наумов во форма, задачата на штипјани секако ќе биде полесна, а главни конкуренти ќе бидат Борец Велес, кавадаречки Тиквеш и Кит-Го Пехчево.

Резултати, 10-то коло: Брегалница – Вардар 3-1, Борец – Детронит 4-0, Кожув – Тиквеш 0-2, Партизан – Саса 0-0, Шлачковица – Кит-Го 0-0.

Траорна атмосфера: Играчите на Лестер и семејството се простуваат од загинатиот претседател (Видео+Фото)

Целиот тим на Лестер нареден околу кругот кој го означува центарот на игралиштето на стадионот „Кинг Пауер“ мирно стоеше, оддавајќи почит на трагично загинатиот Вишај Шриваданапраба.

https://twitter.com/LCFC/status/1056950055628926976

Во Лестер пристигнаа и сите членови од најблиското семејство на тајландскиот милијардер, кој во саботата трагично го загуби животот во хеликоптерска несреќа, и тоа во непосредна близина на стадионот. Заедно со Вишај, во хеликоптерот имаше уште четворица, кои, исто така, не го преживеаа падот.

Освен играчите и членовите на семејството на Шриваданапраба, почит на загинатиот претседател на Лестер оддаваат и илјадници навивачи. Целиот дел околу стадионот „Кинг пауер“ е со цвеќиња, во знак на почит кон човекот кој во 2016 година создаде тим што стана шампион на Англија.

 

 

Новиот тренер на Реал се восхитува на Лионел Меси

Новиот тренер на Реал Мадрид, Сантијаго Солари, всушност е и голем обожавател на капитенот на Барселона, Лионел Меси. Аргентинецот Солари во суперлативи зборува кога треба да се опише играта на ѕвездата на каталонскиот гигант. Тоа и не е неочекувано, ако се знае дека Солари и Меси се родени во ист град, во Росарио.

По освојувањето на четвртата Златна топка на Меси во 2012 година, Солари во една колумна не штедеше зборови.

„Головите на Меси делуваат како земјотрес, како громови, како урагани. Тоа се атмосферски феномени. Секојпат кога Меси ќе ја добие топката, земјата се тресе, сите замолчуваат, а противничките тренери ја спуштаат главата долу, ги ставаат рацете во џебовите, токму како кога некој ќе види молња и чека да удри гром. Сите треперат неколку секунди, а потоа се слуша ударот“, напиша Солари пред шест години за играта на Меси.

Солари не крие дека му е жал што Меси одбрал да игра во Барселона, а не во Реал Мадрид. „Меси одбележа една ера, за наша жал, тоа е во Барселона. Би сакал тој да беше во Реал Мадрид“, додава аргентинскиот стратег, кој не заборава да спомене дека Меси е како да игра некој друг спорт и е неверојатен, како никој до сега.

Ако Солари ја добие довербата да остане прв тренер на Реал, до крајот на сезоната ќе мора да најде начин како да го сопре својот сонародник и фудбалерот кому најмногу му се восхитува, бидејќи сега тој е еден од оние противнички тренери кои чекаат „да удри громот“.

 

 

Вардар убедливо загуби во Брест, но вистинската слика ќе биде в сабота

Македонскиот првак Вардар очекувано претрпе висок пораз на гостувањето кај Мешков Брест (35:20) во мечот од седмото коло во СЕХА-лигата. „Црвено-црните“ на овој дуел настапија речиси комплетно со вториот состав и со дел од јуниорите, па не можеа да парираат на домаќинот.

Само во првите 10-тина минути беше неизвесно. Во 12-тата минута беше 6:6, а потоа следеше серија од 6:0 за Мешков и домаќините поведоа со 12:6 во 19-тата минута. Надеж за Вардар беше серијата од 3:0 за намалување на 12:9, но тоа беше сè од Вардар во првиот дел. Мешков Брест до крајот на првиот дел со нова серија од 7:0 стигна до убедливи 19:9 на полувремето и уште тогаш се знаеше дека победата е за домаќините.

Јања Војводиќ со пет гола беше најефикасен кај Вардар, додека по четири дадоа Мартин Поповски и Стефан Атанасовски.

Вардар и Мешков Брест повторно ќе играат в сабота, но во Скопје, и тоа во дуел од Лигата на шампиони. На таа средба, Вардар ќе биде комплетен и сигурно нема да дозволи противникот да се поигрува како на денешниот натпревар.

Бостон ред сокс го надмина проклетството, дали и Ливерпул ќе го направи тоа?

Екипата на Бостон ред сокс е новиот бејзбол шампион во САД. Во финалната серија, Бостон со 4:1 во победи славеше над Лос Анџелес доџерс. Во последниот дуел, кој се покажа и шампионски, Бостон победи со 5:1. Ова е вкупно деветта титула за Бостон ред сокс, а четврта во последните 14 години. Интересно е тоа што,пред да дојде трофејот во 2004 година, овој клуб цели 86 години чекаше да се израдува на трофеј во Мејџор лигата во бејзбол.

Главен „виновник“ за враќање на Бостон на славните патеки е сопственикот Џон Вилијам Хенри. Американскиот милијардер реши да го купи тимот на Бостон во 2002 година. Само по две години од неговото доаѓање, Бостон во 2004 година стигна до трофејот во Мејџор лигата. Потоа трофејот во клупските витрини доаѓаше во 2007, 2013 и сега во 2018 година. Оваа речиси едно и пол годишна декада во многу потсетува на тоа што се случуваше на почетокот на минатиот век. Бостон тогаш беше шампион во 1903, 1912, 1915, 1916 и 1918 година.

Со девет титули, Бостон сега е на делба на третото место со Оукленд атлантикс на листата најуспешни бејзбол клубови во САД. Повеќе трофеи имаат само Сент Луис кардиналс со 11 трофеи и легендарниот клуб Њујорк јенкис, кој е рекордер со 27 шампионски трофеи.

Сопственикот Хенри со Бостон успеа да го направи тоа што никој во клубот не можеше да го направи речиси 90 години. Американскиот милијардер успеа да прекине едно огромно проклетство. Бостон не е единствениот спортски гигант кој е во сопственост на Хенри.

Од 2010 година, групацијата која е на Џон Вилијам Хенри го купи и англискиот фудбалски гигант Ливерпул. Тоа е вториот најуспешен клуб во Англија, веднаш зад Манчестер јунајтед. Интересно е што Ливерпул има „проклетство“ и никако не може да освои титула речиси четири децении. Последен пат трофејот од англиското првенство на „Енфилд роуд“ пристигна во 1990 година.

Навивачите на Ливерпул веќе 28 години чекаат титула и се надеваат дека по доаѓањето на газдата Хенри, за многу брзо ќе може да се радуваат на трофејот, како што сега тоа го прават фановите на Бостон ред сокс во Мејџор бејзбол лигата.

 

Шоу на Солари на првиот прес како предводник на „кралевите“

Реал Мадрид синоќа и официјално му даде отказ на Хулен Лопетеги, а како привремено решение е Сантијаго Солари. Поранешниот играч на Реал Мадрид ќе го води клубот од клупата на утрешниот меч во Купот на Шпанија против третолигашот Мелиља.

Солари доаѓа од тимот Б на Реал Мадрид, а уште на првата прес-конференција направи шоу. Тој не внимаваше многу на речникот и на тоа кои зборови ќе ги каже.

„Мојот план за првиот меч е да отидеме таму и да одиграме со ма*иња. Тоа е моментниот план. Секако, цел е да победиме, но ако немаме ма*иња, тогаш тоа е невозможно. Екипата сака да направи преокрет од оваа тешка ситуација во која се наоѓаме и имаат голема желба што поскоро тоа да се случи. Ќе видиме што ќе донесе иднината“, рече Солари.

Како најсериозен кандидат за тренер на Реал се споменуваше Антонио Конте, но дел од играчите на чело со капитенот Серхио Рамос беа против доведување на италијанскиот стратег.

 

Ѕвезда – Галатасарај за „делиите“ е повеќе од меч

Дуелот од Еврокупот помеѓу Црвена ѕвезда и Галатасарај од 19 часот ќе биде во центарот на вниманието на кошаркарската јавност затоа што на трибините во салата „Александар Николиќ“ се враќа навивачката група Делии.

Популарните Делии го прекинуваат бојкотот само привремено, ќе навиваат вечер, а потоа повторно нема да бидат на трибините. Причината е јасна, сакаат да го му дадат чест на Марко Ивковиќ, навивачот кој почина откако беше прободен со нож од фан на Галатасарај во Истанбул пред четири години.

Ова ќе биде „повеќе од меч“, вечерта ќе му биде посветена на Ивковиќ, па и тренерот Милан Томиќ рече дека прави посебни подготовки бидејќи неговиот тим првпат сезонава ќе игра во пеколна атмосфера и тоа може да има контраефект ако не се снајдат добро.

Галатасарај по вторпат ќе гостува кај Ѕвезда по инцидентот во 2014, а претходниот пат успеа да победи и покрај тоа што српскиот тим во „Штарк арената“ имаше огромна поддршка.

Реал го врати омилениот кондициски тренер

Сантијаго Солари на својот прв тренинг како главен тренер на Реал Мадрид со себе донесе и едно пријатно изненадување за фудбалерите. Во првите 15 минути тие работеа со Антонио Пинтус, кондицискиот тренер кој работеше со тимот во времето на Зинедин Зидан.

Додека Хулен Лопетеги ја водеше екипата, задолжен за физичката подготовка беше 32-годишниот Оскар Каро, а Пинтус беше во заднина. Нов тренер имаат и голманите.

Фудбалерите имаат доверба во Пинтус и го сакаат, а како потврда е потегот на Марсело, кој го прегрна Италијанецот по голот против Викторија П’лзењ. Иско пред една и пол година има изјавено дека Пинтус ги подготвил како „авиони“.

Солари на првиот тренинг ги немаше на располагање повредените Марсело, Карвахал, Варан, Валјехо и Маријано Дијас. Доминиканецот Маријано е единствениот играч на Реал кој се прости од Лопетеги и преку порака на социјалните мрежи, додека другите не чувствуваа таква потреба.