Дома Blog Страница 10630

Ферстапен најбрз во Мексико, титула слави Хамилтон

Британецот Луис Хамилтон ја освои титулата во Формула 1, петта за него, иако вечерва беше четвртопласиран на Големата награда на Мексико.

Победник на трката е Макс Ферстапен, пред Фетел, Раиконен, Хамилтон и Ботас во првите пет, што беше доволно за славје на британскиот ас, кој е недостижен за ривалите.

Интересно е што Макс славеше и лани на истата трка, па има две победи едноподруго на една од неговите омилени патеки во Ф1.

Луис Хамилтон ја освои првата титула во кариерата со болид на Мекларен, а сите останати четири, вклучувајќи ја и оваа се со Мерцедес.

ПСЖ урива рекорди во Франција, победа и на жешкиот „Велодром“

Килијан Мбапе и Јулиан Дракслер со по еден погодок му ја донесоа 11. победа на Пари Сен Жермен во серија, што е феноменален подвиг, во моментов единствен во топ-5 лигите во Европа.

Сензационалниот тинејџер Мбапе постигна гол само 180 секунди откако влезе во игра, а гостите ја запечатија новата победа со голот на Дракслер во самиот финиш на големото француско дерби.

На клупата на Кавалирс веќе нема да седи Лу, туку Дру

Тајрон Лу веќе не е тренер на НБА тимот Кливленд кавалирс. Тој доби отказ од управата на „коњаниците“, откако тимот претрпе шест порази на првите шест меча сезонава. Лу си оди после 128 победи и 83 порази.

Според реакциите на кошаркарите на Кливленд по социјалните мрежи, играчите воопшто не се среќни што управата го смени тренерот со кој за три години имаа три финалиња по ред и една титула. И Леброн Џејмс кој сега е член на ЛА Лејкерс, ја искритикува одлуката и искажа поддршка за Лу.

За привремен тренер, наименуван е досегашниот асистент на Лу, Лери Дру. Во минатата сезона, Дру го водеше тимот додека Лу беше болен, и имаше одлични 9-1, но тогаш во составот го имаа и Леброн Џејмс. Дру има работено како прв тренер во Атланта и Милвоки.

Севилја победи, Пулидо со гол со петица им го украде шоуто (Видео)

Севилја очекувано ја победи Хуеска со 2:1 во првиот меѓусебен меч на двете екипи, а сепак шоуто му припадна на Жорге Пулидо од поразениот тим.

Тој постигна мајсторски гол со петица во самиот финиш, доволно само за утеха на гостите. Претходно со головите на Пабло Сарабија, Севилја си обезбеди триумф за враќање на третата позиција на табелата, зад лидерот Барселона и Алавес.

Екипата од Андалузија игра одлично сезонава и со 19 бодови е во горниот дел на табелата.

Хуеска за првпат игра во најсилната лига на Шпанија и засега не им оди добро. Имаат само пет бодови на последното место.

https://twitter.com/ElevenSports_UK/status/1056664476773179396

Везув доцна експлодираше, ремизираа Наполи и Рома

Наполи и Рома одиграа одличен дерби меч во Серија А, а на крајот двете екипи освоија по еден бод со по еден постигнат гол.

Поведоа гостите со погодокот на Ел Шарави во 14. минута и до финишот на мечот беа на прагот на третата победа по ред на „Сан Паоло“.

Сепак апсолутната доминација на Наполи во второто полувреме со израмнувачки гол ја круниса Дријс Мертенс во 90. минута. Доцна експлодираше Везув и немаше време за победнички гол на домаќините, кои беа фаворити за освојување на трите бодови.

Рома остана непоразена во Неапол четврта година по ред, а Наполи сега заостанува за шест бодови зад лидерот и актуелен шампиин Јувентус.

Се смирија страстите – Беласица со честитка до ривалот го призна поразот од Академија Пандев

Раководството на Беласица имаше многу забелешки на адреса на ривалот Академија Пандев, пред стартот на струмичкото дерби, но постапија џентлментски и честитаа по победата на домаќинот од 3:0.

„Честитки до ФК Академија Пандев за победата на денешниот меч“, напишаа на социјалните мрежи од Беласица.

Претходно условно кажано гостите имаа забелешки на изборот на Академија Пандев, мечот да се игра во Кукуш, на стадионот на Турново, а не во Струмица на „Младост“, за потоа да објават дека им е забрането и на „Ајдуци“, навивачката група на Беласица да присуствува на мечот.

Со головите на Дориев, Крстовски и на Миловановиќ, Академците на Пандев убедливо славеа и заслужено им се радуваат на бодовите, што го признаа и од противничкиот табор со честитка.

Перез контра играчите – Конте е фаворит на претседателот на Реал, Солари ќе извиси

Флорентино Перез е одлучен да го смени Хулен Лопетеги и тоа според шпанските медиуми е завршена приказна, а негов фаворит е Антонио Конте.

Утре ќе биде објавено името на новиот тренер на Реал Мадрид, по дебаклот од Барселона со 1:5. Интересно е што играчите си имаат свој фаворит, а тоа е Сантјаго Солари, тренер на вториот тим на „кралевите“.

Сепак, последната се знае, ќе ја има претседателот на Реал Мадрид, а најавено е дека утре до пладне ќе биде промовиран Конте како нов тренер, на местото на Лопетеги.

На Коку му нема спас, Фенербахче изненаден од Анкарагучу

Филип Коку повторно е во незавидна ситуација, турските медиуми пишуваат дека ќе биде сменет, по тешкиот пораз на Фенербахче вечерва од Анкарагучу со 1:3.

Елиф Елмас играше малку, влезе како резерва од 84. минута и веднаш потоа домаќините постигнаа почесен гол.

Коку има доста проблеми од почетокот на сезоната, а Фенербахче игра лошо и моментно е на една позиција над опасната зона за испаѓање.

Милан ја победи Сампдорија со пресврт

Милан најде победнички рецепт и тоа со пресврт да ја победи Сампдорија со 3:2 и да ги освои бодовите, во меч од десеттото коло во Серија А.

Резултатот постојано се „вртеше“, а Милан поведе со голот на Кутроне. Сампдорија стаса до предност, а погодија Сапонара и Квалјарела, но Игуаин со гол израмни на 2:2, што беше и резултат по првиот дел.

Ефикасниот меч го заклучи Сусо со победнички погодок за Милан во 62. минута. Сега двете екипи имаат по 15 бодови, но Милан има меч помалку.

 

Шест аспирини за Вердер – Баер победи со 6:2 во Бремен

Баер Леверкузен апсолутно доминираше во Бремен и со неверојатни 6:2 го декласира Вердер. Уште по првиот дел беше кристално јасно која екипа ќе ги освои бодовите и по 45 минути игра гостите водеа со 3:0.

Вердер се закани, намали на 2:3, но потоа следуваше нова голеада во режија на популарните „фармацевти“ од Леверкузен.

Хаверц беше најефикасен со два гола кај Баер, а мрежата на Павленка ја тресеа и Воланд, Бранд, Белараби и Драговиќ. За Вердер стрелци беа Пизаро и Осако.