Дома Blog Страница 10665

Димитриевски е индиспониран, вторпат ги почести Ерменците (Видео)

Јура Мовсисјан ја искористи и втората кардинална грешка на македонскиот голман Столе Димитриевски, кој е индиспониран вечерва во Ереван, па Ерменија поведе со 2-0

Во 67-мата минута нашиот голман имаше погрешно додавање, а Хенрих Мхитарјан веднаш му асистираше на Мовсисјан за предност од два гола за домаќините.

https://dai.ly/x6vklat

И претходно, во првото полувреме Димитриевски направи голем кикс, ја испушти топката по ударот на Пицели, по што Ерменците поведоа со 1-0.

Головите во 97-мата и 98-мата минута му донесоа 84.000 фунти

Еден шкотски играч во обложувалници успеа преку ноќ да се збогати. Среќниот играч само за пет вложени фунти, успеа да добие дури 84.000 фунти. Работата да биде драматична до самиот крај се погрижија два натпревари кои ги имал на тикетот.

Експертот за обложување играл на победи на Портсмут, Колчестер, Њупорт, Нортхемптон, Данди јунајтед и Елгин, но со услов двата тима да дадат гол. Како завршувале мечевите, сè одело според планот на Шкотот. Му останале два меча да ги чека, и тоа било вистинска драма.

Нортхемптон играше против Форест грин и беше 1-1, а истиот резултат беше и на дуелот Њупорт – Стивениџ. На двете средби се играло судиското надополнување и повеќе од шест минути. На Шкотот му биле потребни победи на Нортхемптон и Њупорт. Во 97-мата минута, Нортхемптон постигнува погодок за 2-1, а веќе во следната минута голема радост за обложувачот. Њупорт во 98-мата минута даде гол за 2-1, што значеше и добитно личве на среќниот играч.

Овој тикет кој доаѓа од Шкотска само докажува дека ништо не е невозможно во обложувањето.

Вардар со втор пораз за три дена

Ракометарите на Вардар го претрпеа вториот пораз само за три дена. По неуспехот кај Кјелце во Лигата на шампионите, овојпат „црвено-црните“ загубија на гостувањето кај Загреб, со 26:23. По петте стартни победи, за Вардар ова е прв пораз во регионалното натпреварување. Сега Вардар и Загреб имаат по пет победи и еден пораз и се на делба на лидерската позиција.

Македонскиот првак добро започна. Поведе со 1:0, а и во следните 10-тина минути го контролираше резултатот 5:3. Сепак, играчите на Загреб не дозволија гостите да создадат посериозна предност, па на полувремето беше нерешено 14:14. Неверојатно слаб втор дел одиграа Вардарци во Загреб.

Нападот делуваше катастрофално. По 15 минути игра, Вардар имаше дадено само три гола, а во исто темпо продолжија и во следните 5 минути, па на 10 минути до крајот избраниците на Парондо само четири пати ја затресоа мрежата на Загреб.

Хрватскиот првак, предводен од стратегот Лино Червар, добро ја простудирал играта на Вардар и благодарение на тоа што успеаја да го сопрат нападот на фаворитот, успеаја да стигнат до два гола позитива (20:18). Во последните 10 минути, Вардар продолжи да делува немоќно, па на крајот заслужен е поразот од три гола.

Криштопанс со четири гола од пет шута беше прв стрелец кај Вардар. Дибиров даде три гола, но дури од 10 шута. По три погодоци имаа и Караџиќ и Киселев. И голманот Дејан Милосављев не беше на нивото на задачата, па одбрани само шест удари на противниците.

Киксот на Димитриевски го одлучи првото полувреме

Маркос Пицели ѝ донесе предност на Ерменија од 1-0 по првото полувреме против Македонија, а трагичар по првите 45 минути е Столе Димитриевски.

Голманот на нашата репрезентација направи неочекуван кикс и по ударот на Пицели од далечина, ја испушти топката, која влезе во мрежата. Неочекувано и шокантно за нашата селекција, која потоа имаше шанса да израмни.

Во 27-мата минута, по асистенцијата на Горан Пандев, Енис Барди беше во позиција да погоди, беше фаулиран, но судијата Штромбергсон не досуди пенал. Веројатно го имаше, но Швеѓанецот одлучи играта да продолжи.

Македонија нема пораз на десет меча по ред, а избраниците на Игор Ангеловски имаат уште 45 минути во Ереван да останат непоразени и да ја продолжат долгата серија без несупех.

Пицели погоди, па се повреди

Маркос Пицели ја начна мрежата на Столе Димитриевски во 12-тата минута, а само 10 минути подоцна мораше да излезе од игра поради повреда.

Играчот на Актобе ја искористи грешката на нашиот голман и донесе предност за Ерменија, но и товарот од годините си го прави своето. Еден од најдобрите ерменски играчи веќе влезе во 35-тата година, вечерва се повреди и беше заменет.

Димитриевски со кикс како Кариус: Ерменија води со 1-0 (Видео)

Македонија за првпат во Лигата на нациите е во негатива. На гостувањето кај Ерменија, нашата селекција губи со 0-1. Маркос Пицели е стрелец за водство на домаќините во 12-тата минута. Натурализираниот Бразилец во дресот на ерменската селекција шутираше од околу 17-18 метри, а голманот на македонската селекција Димитриевски лошо реагираше и топката заврши зад гол-линијата.

Непосредно пред да даде гол Ерменија, имаше очигледен фаул врз Ристовски, но шведскиот судија не досуди ништо, па во продолжение на акцијата, домаќините дојдоа до предност од 1-0. Лошата реакција на Димитриевски при постигнување на голот на Ерменија, многу наликуваше на реакцијата на некогашниот голман на Ливерпул, Каруис, кој прими сличен гол во последното финале од Лигата на шампионите по шутот на Герет Бејл.

Хабиб одбил 15 милиони евра за реванш и ќе оди во пензија

Рускиот фајтер Хабиб Нурмагомедов нема да му дозволи реванш на Конор Мекгрегор. Според планот на Хабиб, следната борба треба да му биде против Тони Фергусон, а потоа актуелниот шампион планира да се пензионира. Ова го откри вујкото на Хабиб, кој потенцираше дека за реванш против Мекгрегор биле понудени 15 милиони долари.

„Хабиб за никакви пари нема да се бори. Му беа понудени 15 милиони долари, но тој ги одби. Конор може да застане во ред позади останатите. Борбата против Фергусон планираме да биде во април или мај следната година, а потоа планот е Хабиб да стави крај на кариерата“,  откри Алекс Нурмагомедов, вујко на Хабиб.

Во борбата на деценијата Хабиб со технички нокаут во четвртата рунда го победи Мекгрегор и ја продолжи перфектната низа од 27 победи во исто толку мечеви.

Почнува НБА лудилото – Ќе се најде ли достоен противник за Голден стејт?

Борбата за шампионскиот прстен во НБА-лигата започнува по полноќ, а на премиерното отворање во новата сезона предвидени се два натпревари. Бостон селтикс ја пречекува амбициозната Филаделфија севентисиксерс, додека актуелниот бранител на титулата, тимот на Голден стејт, во „Оракл арената“ ќе биде домаќин на „громовите“ од Оклахома.

Како и во последниве четири години, и оваа сезона „воините“ се фаворити за трофејот. Избраниците на Стив Кер ќе атакуваат на трета титула во низа, додека Хјустон, Бостон, ЛА лејкерс се само дел од екипите кои ќе сакаат да стават крај на доминацијата на франшизата од Оукленд. Голден стејт годинава имаат уште поквалитетен ростер во однос на лани, а како големо засилување на првата петорка пристигна Демаркус Казинс. Ако шутот од далечина им беше главно оружје на Вориорс, сега ќе бидат значително поцврсти и под обрачите.

Од нив вечерва се очекува сигурен триумф против Оклахома, особено што не игра лидерот на „громовите“, Расел Вестбрук, додека недостасуваат уште најмалку двајца клучни играчи во тимот на Тандерси.

ЛА лејкерс ќе се обиде да се врати меѓу елитата, токму затоа во градот на ангелите дојде и Леброн Џејмс. Кралот сака да го врати стариот сјај на шестнаесеткратниот НБА-шампион, екипата составена од неколку искусни и неколку млади играчи ќе се обиде да им пркоси на останатите фаворити на Западот.

Хјустон се смета за најголем ривал на Голден стејт во Западната конференција. На дуото Џејмс Харден – Крис Пол се приклучи и веќе ветеранот Кармело Ентони, кој ќе биде „џокерот“ во екипата на „ракетите“.

Торонто репторс по сите изгледи ќе биде најголемиот ривал на Бостон на Истокот. Иако франшизата ја напушти еден од најдобрите поединци во лигата, Демар Дерозен, кој замина во Сан Антонио, Торонто за возврат го доби Кавај Ленард, но и Дени Грин. Овие двајца, заедно со Лаури, Ибака и Валанчиунас, ќе бидат доста незгоден тим за секој противник во првенството.

Откако Леброн Џејмс го напушти тимот на Кливленд кавалирс, на Истокот ќе се води борбата за нов владетел. Бостон селтикс, минатогодишниот конференциски финалист, поседува најквалитетен состав во оваа конференција, особено што Кајри Ирвин и Гордон Хејворд закрепнаа од тешките повреди, a, секако, тука се одличните Џејлен Браун и Џејсон Тејтум, како и искусниот Ал Хорфорд, па „келтите“ конечно ќе истрчаат на паркетот со најсилната петорка.

Филаделфија, исто така, се наметнува како екипа која ќе сака да оди до крај во разигрувањата на плејофот. Симонс и Ембид повеќе не се новаци, туку предводници на оваа франшиза од кои се очекува да играат на високо ниво на секој натпревар, а добро ќе им дојде и враќањето на првиот пик од драфтот од 2017 година, Маркел Фулц, кој лани ја пропушти цела сезона поради повреда.

Секако, покрај овие шест екипи, Денвер, Милвоки, Јута, Оклахома и значително ослабениот Сан Антонио се екипите кои секогаш се незгоден противник, а, несомнено, се очекува неизвесна сезона во регуларниот дел по миграциите на неколку ѕвезди низ лигата.

Двојки во првото коло на НБА:

16-ти октомври

Бостон селтикс – Филаделфија севентисиксерс (02:00 часот)

Голден стејт  вориорс – Оклахома сити тандерс (04:30 часот)

17-ти октомври

Шарлот хорнетс – Милвоки бакс

Детроит пистонс – Бруклин нетс

Индијана пејсерс – Мемфис гризлис

Орландо меџик – Мајами хит

Њујорк никс – Атланта хокс

Торонто репторс – Кливленд кавалирс

Хјустон рокетс – Њу Орлеанс пеликанс

Сан Антинио спарс – Минесота тимбервулвс

Сакраменто кингс – Јута џез

ЛА клиперс – Денвер нагетс

Феникс санс – Далас маверикс

 

 

Пандев, Алиоски, Барди и Трајковски ќе атакуваат кон голот на Ерменија

Македонската фудбалска репрезентација ќе атакува на четвртата победа во низа во Лигата на нации. Нашите најдобри фудбалери од 18 часот ќе играат против Ерменија во Ереван. Со евентуален триумф нашата селекција ќе го обезбеди првото место во групата и ќе биде еден чекор поблиску кон остварување на сонот, а тоа е пласман на Европското првенство во 2020 година.

Селекторот Игор Ангеловски со офанзивен состав ќе излезе на денешниот меч. Во формација 4-2-3-1, место во стартниот тим има за Димитриевски – голман; Ристовски, Муслиу, Зајков, Ристевски – одбрана; Адеми, Спировски, Трајковски, Барди, Алиоски – среден ред; Пандев – напад.

Квартетот Пандев-Барди-Алиоски-Трајковски досега ги постигнаа сите осум погодоци за Македонија во Лигата на нации.

Неверојатно: Го предаде мечот на еден поен пред да загуби (Видео)

На АТП турнирот во Москва се случи еден многу чуден момент. Тенисерот од Узбекистан реши да го предаде мечот против Ричардас Беранкис од Литванија и тоа при резултат 6:4, 5:4 и 40:0 за противникот. Во моментот кога Беранкис дојде до три меч топки на свој сервис, Истомин реши да се предаде поради повреда.

На последниот одигран поен, Истомин се здоби со повреда на зглобот и реши дека треба да го предаде мечот, а не да остане на нозе за последниот поен на средбата.