Дома Blog Страница 10664

Пандев како вистински капитен со порака: „Ова е фамилија“

Македонија ја прекина серијата од 15 месеци без пораз откако синоќа убедливо со 4-0 беше совладана на гостувањето кај Ерменија, во мечот од четвртото коло во Лигата на нациите. Поразот е изненадувачки висок, ако се знае дека Македонија е лидер во групата, а Ерменија само пред неколку дена на свој терен загуби од Гибралтар.

И покрај овој неуспех, избраниците на селекторот Игор Ангеловски сами ќе си одлучуваат. Македонија и понатаму е прва во групата и до крајот треба да гостува кај Лихтенштајн, а во последното коло дома го пречекува Гибралтар. Со четири бода од овие два меча, нашите фудбалери ќе го задржат првото место и ќе продолжат во походот кон Европското првенство 2020 година.

По завршувањето на синоќешниот меч, капитенот Горан Пандев преку фотографија покажа дека и покрај неочекуваниот висок пораз, атмосферата во репрезентацијата не е променета и останува позитивна. На селфито кое беше испратено преку социјалните мрежи, покрај капитенот Пандев, се и Бобан Николов, Илија Несторовски, Александар Трајковски, Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски и Ѓоко Зајков. На самата фотографија, пораката на популарниот Гоче е составена само од еден збор, „Фамилија“, пропратена со македонското знаме и знак на сила.

Самодовербата дека Македонија може да стигне до завршницата на ЕП 2020 година, едноставно, не смее да ја снема. Следниот меч во Лигата на нациите Македонија ќе го игра на гости кај Лихтенштајн, на 11-ти ноември, а три дена подоцна на арената „Филип Втори“ играме против Гибралтар, кога треба и да се прослави првото место во групата.

Моќен е шампионот, Франција – Германија 2-1

Франција ја потврди класата што ѝ ја донесе светската титула и во дербито од Сегментот А ја победи Германија со 2-1. Гостите доминираа во првиот дел на „Стад де Франс“ и со голот на Крос од пенал водеа со 1-0. Имаа и неколку зрели шанси да го нокаутираат шампионот, но во второто полувреме потклекнаа.

Се разигра Гриезман и со два гола ѝ донесе победа на Франција за зацврстување на првото место во првата група од Сегментот А. „Триколорите“ имаат 7 бода од три натпревари, Холандија има три од два меча, а испаѓање ѝ се заканува на Германија само со еден бод од три натпревари.

Резултати:

Сегмент Б – Украина – Чешка 1-0, Република Ирска – Велс 0-1

Сегмент Ц – Норвешка – Бугарија 1-0, Словенија – Кипар 1-1

Сегмент Д – Ерменија – Македонија 4-0, Казахстан – Андора 4-0, Гибралтар – Лихтенштајн 2-1 и Летонија – Грузија 0-3

Гибралтар зареди со победи, падна и Лихтенштајн

Гибралтар се разигра и веќе ја забележа и втората победа во Лигата на нациите и воопшто на официјален меч, а нова „жртва“ е Лихтенштајн.

Во меч од нашата група во Сегментот Д, Гибралтар славеше со 2-1, и тоа со пресврт. И повторно јунак и стрелец на победничкиот гол е Џозеф Чиполина. Тој ја донесе историската победа против Ерменија во претходниот меч, а и сега погоди за победа од 2-1.

Лихтенштајн поведе со голот на Салановиќ во првото полувреме, но Гибралтар не се предаде. Во кус рок од 300 секунди, од 61-вата до 66-тата минута, Кабрера и Чиполина погодија и сега апсолутниот аутсајдер има 6 бодови, исто колку и Ерменија на делба на второто место во четвртата група.

Лидер е Македонија со 9 бодови на две кола до крајот, а последен е Лихтенштајн, нашиот следен противник со три бодови.

Миранда ги скроти „гаучосите“ – Бразил ја победи Аргентина (Видео)

Во вечното дерби, Бразил беше подобар од Аргентина во Џеда, Саудиска Арабија, и со голот на Миранда во 93-тата минута славеше со 1-0.

Мечот беше од пријателски карактер, но за двата големи ривали секогаш е важна победата. Нејмар од корнер го погоди Миранда, а стоперот на Интер погоди за голема радост на популарните „кариоки“.

https://www.youtube.com/watch?v=Bp07syom2cE

Гјулбудагјанц: Ерменија потврди дека е квалитетна репрезентација

Ермен Гјулбудагјанц се радуваше на првата победа како селектор на Ерменија, а триумфот од 4-0 против Македонија, како што вели, е плод на тимската игра.

„Потврдивме дека имаме многу квалитетни играчи, кои можат кога сакаат. Имавме серија состаноци со претседателот на нашата Федерација, со навивачите и многу сум среќен што ја победивме Македонија. Имавме серијал од лоши резултати, но верувам во подобра иднина. Играчи од екстра класа како Мхитарјан, Мовсисјан, Газарјан… можат многу подобро, а тоа го потврдивме и вечерва против Македонија“, изјави селекторот на Ерменците.

За нив остануваат уште два меча на домашен терен во Лигата на нациите, против Гибралтар и Лихтенштајн, двата на домашен терен. За првото место не одлучуваат сами, па Македонија останува апсолутен фаворит за пласман во полуфиналето во Сегментот Д и продолжување на битката за настап на ЕП 2020 година.

Ангеловски: Сите грешевме, па и судијата

Игор Ангеловски не го прослави мини јубилејот со победа, напротив, Ерменија нè декласира со 4-0 на 25-тиот меч што нашиот селектор го имаше во Ереван, како кормилар на македонската репрезентација. Вели дека имаше доста грешки во нашиот табор, а дури грешеше и судијата Штормбергсон од Шведска.

„Судењето никогаш не го коментирам. Сите грешевме, почнувајќи од мене, играчите и арбитерот од Шведска. Уште пред мечот кажав дека мора да бидеме максимално подготвени за дуел со мотивираниот домаќин, а тоа вечерва не го направивме. Ќе мора брзо психолошки да се вратиме во ритам. Јас ја правам селекцијата на играчи и прв сум во редот за критика. Нема потреба да обвинуваме кого било, секој може да има лош ден, па дури и судијата”, изјави Ангеловски по мечот.

 

 

Повеќе од 400 прогнози, само еден точен резултат

Стандардно, Спорт Манија како и за секој поважен натпревар претходно, денеска организираше типување поврзано со дуелот Ерменија – Македонија. На нашата во текот на денот можеше да се прогнозира точниот резултат од мечот кој се одигра во Ереван. Подарокот за првите петмина кои требаше да го погодат точниот резултат беше официјален навивачки шал на Македонија.

Повеќе од 400 прогнозери го типуваа конечниот резултат, а на крајот само еден може да се пофали дека го погодил резултатот. Среќниот прогнозер е од Битола. Тој на страница на „Фејсбук“ типуваше дека Ерменија ќе победи со 4-0 и е добитник на еден од петте официјални навивачки шала.

Повеќе од јасно е дека овој шокантен висок пораз на Македонија на гостувањето кај Ерменија е за неверување кај симпатизерите на „црвено-жолтите“.

Правила, правила… Непочитувањето ни донесе казна во Ереван

Македонија имаше исклучително лош ден во Ереван, но поразот од 0-4 од Ерменија си има свои логични причини. Последица е дебаклот, кој е тежок, но може да се преболи на патот кон првото место во четвртата група од Сегментот Д.

Конечната цел е да се обезбеди настап во плејфот со трите победници од останатите групи и Македонија е фаворит за пат кон завршницата.

Но, не смееме повеќе да си дозволиме ваков кикс, кој скапо би не чинел во преостанатите два меча, со Лихтенштајн на гости и со Гибралтар дома.

Стандардните напред, останатите на клупата за резерви

Првата грешка на селекторот Игор Ангеловски е инсистирањето Столе Димитриевски да биде прв голман, иако тој не брани во својот клуб. Чуварот на нашата мрежа направи три големи грешки, што Ерменците умешно ги казнија.

Во Рајо Валјекано не брани, откако на почетокот на сезоната пристигна во шпанскиот прволигаш, и тоа веднаш се почуствува во неговите несигурни интервенции. Штета е и за самиот голман на ваков начин сега да биде на столбот на срамот, иако беше еден од најсигурните во нашата репрезентација. Но, тоа беше така додека се почитуваше фудбалското правило, кое и самиот селектор го наметнува. Кој игра, или во случајот на Димитриевски брани стандардно во својот клуб, има место на теренот. Останатите на клупа. Правило кое сам го наметна селекторот и мора да го почитува, без исклучок.

На капитенот му треба одмор

Кога Горан Пандев игра како што знае, нашата репрезентација функционира беспрекорно, но во нашиот стручен штаб веројатно подзаборавија дека капитенот има полни 35 години. Против Ерменија можеше и да одмори, но сосема неочекувано Гранде Пандев остана до крај на теренот. Сосема непотребно, особено што и дополнително се замори, а патем и загубивме катастрофално со 0-4. Двоен зијан и за нас и за нашиот најдобар играч во новиот милениум. Очигледно е дека Пандев не може веќе да го издржи ритамот и со настапи во Џенова и за нашата репрезентација. А, против наострените Ерменци, кои на моменти играа и мошне грубо, 90 и кусур минути за Гоче, беше лоша одлука на селекторот и неговиот стручен штаб.

Не го прочитавме ерменскиот план, го загубивме Елмас

Ерменците не дочекаа на нож, нешто што можеше и да се очекува по нивниот срамен пораз од Гибралтар. Ние и пред дуелот во Ереван и сега, по тешкиот пораз од 0-4, сами си ја кроиме судбината во битката за првото место. Но, изненадувачки си дозволивме да влетаме во „тепачка“ на теренот со домаќините, кои очигледно и беа подготвени на таква тактика. И во една таква непотребна битка го загубивме и Елиф Елмас, кој доби црвен картон и нема да игра против Лихтенштајн на 16-ти ноември. Тој меч сега ќе биде клучен и во Вадуц, не смееме да дозволиме сензација која би нè исфрлила од битката за првото место во нашата група. Елмас е значаен играч за нас и повеќе од наивно го загубивме за следниот меч.

Поразот во Ереван е тежок, но може лесно да се преболи ако го одбраниме првото место. Досега репрезентативците играа одлично, имаа долга серија од 10 меча без пораз и повторно имаат чиста ситуација, но фудбалските правила не смеат да се игнорираат.

 

 

 

Ја расипавме десетката со тежок пораз од 4-0 (Видео)

Ерменија ги искористи сите грешки на голманот Стиле Димитриевски и ја победи Македонија со 4-0. Поразот е тежок, иако за среќа може да не биде кобен за првото место во четвртата група од Сегментот Д.

Во чуден меч, индиспониран беше нашиот голман и прими четири кикс-голови. Првиот во 13-тата минута, кога ударот од далечина на Маркос Пицели не успеа да го скроти, па сам си ја внесе топката во мрежата.

Потоа имавме шанси за израмнување, шведскиот судија Штромбергсон не досуди чист пенал по прекршокот над Енис Барди, а колата тргна низбрдо по новиот кикс на Димитриевски.

Во 67-мара минута се обиде да додаде во одбраната, погреши, па по асистенција на Мхитарјан, лесно погоди Мовсисјан за 2-0. И грешките на Димитриевски не престанаа, па одново имаше нов голем кикс во 81-вата минута.

Газарјан од слободен удар биеше по земја, а топката низ рацете на македонскиот голман влезе во мрежата за убедливи 3-0 за Ерменците.

Во финишот на мечот во листата на стрелците се запиша и Мхитарјан, повторно од слободен удар, а, пак, Димитриевски не беше на вистинското место, иако овојпат и не беше директен виновник за голот.

Во финишот на мечот беше исклучен Елиф Елмас, па тој нема да игра против Лихтенштајн на 16-ти ноември. И по овој пораз, Македонија е лидер во нашата група со 9 бода, три повеќе од Ерменија, и може дури и да си дозволи уште едно реми и победа во последните два меча со Лихтенштајн на гости и со Гибралтар дома за да остане на првото место.

https://www.youtube.com/watch?v=hdGE2EOn6Rw&feature=youtu.be

( Видео) Димитриевски најдобар напаѓач на Ерменците, нов голем кикс за 3-0

Столе Димитриевски повторно лошо реагираше, по слободниот удар на Георг Газарјан, топката му мина низ раце и влезе во мрежата, а ни се заканува катастрофа, бидејќи Ерменија веќе води со 3-0.

И тоа само благодарение на нашиот голман, кој вечерва очигледно нема свој ден. Најпрво ја испушти топката по ударот на Пицели од далечина, потоа лошо додаде и пак прими гол од Мовсисјан, а и во 81-вата минута направи нова кардинална грешка.

Газарјан упати удар што се бранеше, но резервниот голман на Рајо Валјекано повторно ја испушти топката на гол-линијата и прими нов неверојатен гол.