Дома Blog Страница 165

Германците дознаа кога Нагелсман ќе го објави списокот на играчи за СП 2026

Селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман, ќе го објави конечниот список за Светското првенство на 12 мај, соопшти Германската фудбалска федерација.

Претходно, Нагелсман треба да испрати претходен список со максимум 55 играчи до ФИФА до 11 мај, а конечниот тим од најмногу 26 фудбалери, кои мора да бидат вклучени и во првиот список, ќе биде објавен до почетокот на јуни.

Објавувањето на списокот ќе се случи само четири дена пред крајот на сезоната во Бундеслигата.

Светското првенство ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули во САД, Мексико и Канада. Германија ќе игра во групата со Курасао, Брегот на Слоновата Коска и Еквадор.

Последниот пријателски натпревар пред првата номинација е во понеделник против Гана во Штутгарт. Тимот ги започнува подготовките за Светското првенство на 25 мај, потоа игра против Финска на 31 мај и заминува за САД на 2 јуни, а последниот пријателски дуел пред стартот на турнирот е против домаќинот САД на 6 јуни.

Четирикратните светски шампиони ќе се сместат во својот камп во Северна Каролина на 8 јуни, а првиот натпревар во групната фаза против Курасао ќе се игра на 14 јуни во Хјустон.

Одбојкарите на УГД Штип го освоија пехарот во Купот на Македонија

Одбојкарите на УГД Штип третпат последовно го освоија трофејот во Купот на Македонија, откако во финалниот дуел во СЦ „Јане Сандански“ го совладаа Борец со 3-1 во сетови. Штипјани беа подобри и заслужено стигнаа до триумф.

УГД Штип го освои првиот сет со 25-17, но потоа возврати и Борец со многу подобра игра во вториот сет. Го комплетираа со 22-25 и израмнија на 1-1 во сетови.

Третиот сет беше неверојатно драматичен, се играше на разлика, а на крајот го добија одбојкарите на УГД Штип со 32-30. Со тоа веројатно и го скршија отпорот на Борец, па во четвртиот сет славеа лесно и убедливо со 25-13, за конечен триумф.

Жалбата на Реал отфрлена, останува суспензијата на Валверде

Реал Мадрид ќе мора да игра без Федерико Валверде во претстојниот натпревар против Мајорка на 4 април, откако Апелациската комисија ја одби жалбата на клубот за суспензијата на уругвајскиот фудбалер за врска, јавуваат шпанските медиуми.

Валверде доби директен црвен картон во дербито против Атлетико Мадрид поради груб старт кон Алекс Баена. Реал се обиде да ја оспори одлуката пред Шпанската фудбалска федерација, но санкцијата останува во сила и нема да биде намалена.

Отсуството на Валверде доаѓа во период кога тој е во одлична форма. Само ден претходно, тој постигна гол за националниот тим на Уругвај во ремито против Англија на „Вембли“.

Во сезоната 27-годишниот фудбалер има клучна улога во Реал Мадрид, со 42 настапи во сите натпреварувања, осум гола и 12 асистенции. Тренерот Алваро Арбелоа сега ќе мора да најде алтернативни решенија на средината на теренот за дуелот со Мајорка.

Бастони се договорил со Барселона?

Барселона сериозно тргнува по засилување во одбраната, а главна цел е стоперот на Интер, Алесандро Бастони.

Италијанскиот дефанзивец веќе ги прифатил личните услови што му ги понудил каталонскиот гигант и дал зелено светло да започнат официјални преговори меѓу двата клуба. Според информациите, Барселона е подготвена да му понуди и повисока плата од онаа што ја заработува на „Џузепе Меаца“.

Интересно е што Бастони за првпат откако е дел од Интер покажал подготвеност за нов предизвик, а токму Барселона била негов прв избор. Од друга страна, финансиските проблеми на италијанскиот клуб би можеле да го олеснат трансферот, бидејќи Нераѕурите се приморани да продадат дел од своите ѕвезди.

Се споменува дека почетната цена за трансферот изнесува околу 70 милиони евра, при што Интер не е заинтересиран за размена на играчи, туку инсистира исклучиво на целосно финансиска понуда.

Каталонците немаат многу простор за одложување, со оглед на тоа што во одбраната се очекуваат промени, Ињиго Мартинес веќе замина, а неизвесна е иднината и на Андреас Кристенсен.

Тренерот Ханси Флик е особено заинтересиран за ова сценарио, бидејќи сака да го комбинира Бастони со младиот Пау Кубарси во срцето на одбраната. Во таков случај, Жерар Мартин и Ерик Гарсија би имале ротациска улога, додека не е исклучено и заминување на Роналд Араухо доколку пристигне соодветна понуда.

Лукаку не се појавил на тренинг, ќе биде казнет, а потоа и ќе си замине од Наполи

Се чини дека е завршена приказната меѓу Наполи и Ромелу Лукаку. Искусниот напаѓач е на излезна врата од клубот, а разделбата веќе изгледа неизбежна.

Според информациите од Италија, тензиите меѓу Лукаку и клупското раководство ескалирале во изминатите денови, откако Белгиецот не се појавил на тренинг, иако претходно му соопштил на селекторот Руди Гарсија дека не е подготвен за настап на пријателските натпревари. Во клубот очекувале дека токму поради тоа ќе биде на располагање, но тој самоволно решил да го продолжи одморот.

Неговиот агент Федерико Пасторело се обидел да ја смири ситуацијата, но во Наполи сметаат дека недисциплината е клучниот проблем и не се подготвени за компромис.

Дополнителен фактор е и недовербата од тренерот Антонио Конте, како и проблемите со повредите. Лукаку оваа сезона одигра само седум натпревари, со вкупно 64 минути на теренот и еден постигнат гол.

Не се исклучува ниту дисциплинска постапка од страна на клубот, што би било јасен сигнал дека летниот трансфер е практично сигурен. Лукаку, кој има 32 години, има договор со Наполи до летото 2027 година, но неговото заминување сè повеќе изгледа како готова работа.

Брегалница триумфираше против Охрид и уште повеќе ја вжешти борбата за влез во елитата

Брегалница го оствари најзначајниот триумф сезонава во Втората лига и направи голем чекор кон враќање во Првата лига. Штипјани со минимални 1-0 го совладаа директниот ривал за врвот, досегашниот лидер Охрид.

Навивачите одговорија на повиците на клубот и речиси до последно место ја наполнија новата трибина на Градскиот стадион, создавајќи вистинска атмосфера за поддршка на теренот. Фудбалерите на Влатко Костов го почувствуваа тоа и одиграа токму онака како што се очекуваше во трката за елитата.

Клучниот момент се случи кон крајот на првото полувреме, кога по грешка на одбраната на гостите, топката стигна до Лука Ѓеоргиев, кој од шеснаесет метри испрати силен удар во противничката мрежа и донесе радост на теренот и трибините за водство од 1-0.

Во второто полувреме Охрид се обиде да се врати во игра, но Брегалница ја задржа предноста и освои важни три бода.

По ова коло, нов лидер на табелата е Скопје со 50 бода, додека второто место со по 49 бода го делат три екипи, Охрид, Шкендија Арачиново и Брегалница.

Клоп му препорача на Ливерпул напаѓач кој би можел да го замени Салах

Ливерпул се соочува со сериозен предизвик по заминувањето на Мохамед Салах, но поранешниот стратег на тимот од „Енфилд“, Јирген Клоп, веќе предлага решение, доведување на Јан Диоманде од Лајпциг.

По деветгодишниот ангажман во клубот, Салах потврди дека ќе го напушти Ливерпул на крајот од сезоната, па раководството е принудено да започне со планирање на засилувања.


Според извори блиски до клубот, Ливерпул размислува да донесе не еден, туку двајца крилни играчи за да ја пополни празнината.

На листата на потенцијални нови играчи се наоѓаат Михаел Олисе, Јан Диоманде, Бредли Баркола, Ентони Гордон и Франсиско Консеисао.

Клоп, кој моментално работи и со глобалниот фудбалски сектор на компанијата Ред Бул, беше во Ливерпул за добротворниот меч на легендите против Борусија Дортмунд, каде ја анализираше ситуацијата за потенцијалните трансфери.

Во меѓувреме, Лајпциг се обидува да го задржи 19-годишниот Диоманде уште една сезона, но тоа ќе биде предизвик поради растечкиот интерес од големите европски клубови. Неговата моментална пазарна вредност се проценува на околу 87 милиони фунти, а наводно интерес покажале и Манчестер јунајтед, Арсенал и Тотенхем.

Вардарки го освоија првиот трофеј во македонската женска одбојка

Одбојкарките на Вардар EМ се победнички на Купот на Македонија, откако во финалето со 3-0 во сетови го совладаа фаворитот, тимот на Наковски Волеј.

Вардарки најавија изненадување со освојувањето на првиот сет, кој го добија со 25-22.

Потоа продолжија фуриозно во вториот сет и славеа со фантастични 25-12.

Составот на Наковски Волеј не успеа да фати ритам и во третиот сет. Одбојкарите на Вардар го комплетираа мечот откако победија и во третиот сет со 25-22.

Холандија беше пресилна за селекцијата на Димитар Капинковски

Фудбалската репрезентација до 19 години доживеа убедлив пораз (4-0) од Холандија во вториот натпревар од елитните квалификации за Европското првенство.

Холанѓаните презедоа иницијатива уште од првите минути и целосно ја контролираа играта, а резултатот го комплетираа со по два гола во двете полувремиња.

Најзабележителен во нападот беше Рулен, кој постигна хет-трик, додека еден гол додаде Беренс.

Ова беше прв пораз за Македонија во групата, откако во првиот меч ремизираше без голови против Фарските Острови. Во групата е уште и селекцијата на Молдавија, која ќе биде нашиот следен ривал.

Сенегалците парадираа со пехарот, немаат намера да му го предадат на Мароко (Видео)

Сенегал вечерва во Париз игра пријателски меч против Перу, но пред самиот старт на натпреварот фудбалерите јасно испратија порака за контроверзната одлука на ЦАФ од пред десетина дена.

Ова е прв натпревар на Сенегал по финалето на Африканскиот куп на нации 2026 година против Мароко, одиграно на 18 јануари во Рабат. Сенегал победи со 1-0 по продолженија, но минатата недела ЦАФ му ја одзеде титулата и ја додели на Мароко, повикувајќи се на ситуацијата кога сенегалските фудбалери на 15 минути го напуштија теренот поради досуден пенал за домаќинот.

Случајот е пријавен пред Меѓународниот спортски суд во Лозана, каде ќе се донесе конечна одлука, но фудбалерите и навивачите знаат кој всушност го освоил трофејот на теренот.

Сенегалските репрезентативци со гордост го прошетаа трофејот низ Париз, јасно покажувајќи дека немаат намера да го испратат во Мароко.