Дома Blog Страница 166

Дориев: Натпреварот со Данска беше прв со нов селектор, имаме квалитет, само треба да го склопиме во целина

Македонската А репрезентација продолжува со подготовките за следниот предизвик, гостувањето кај Република Ирска на 31 март во Даблин. По натпреварот со Данска, репрезентативците се фокусирани на корекција на грешките и подигнување на формата пред новиот дуел.

Љупче Дориев смета дека тимот одиграл квалитетно прво полувреме против Данска, но дека еден неочекуван момент го променил текот на натпреварот.

„Мислам дека одигравме многу добро прво полувреме против Данска, но потоа се случи еден брз и неочекуван гол. Тоа беше на самиот почеток на второто полувреме и малку нè дестабилизираше. Се виде дека влеговме во шок и кратка деконцентрација, што противникот го искористи. Станува збор за квалитетна репрезентација, но од наша страна продолжуваме понатаму.

Нè очекува натпревар со Ирска и треба да гледаме напред, со кренати глави и со атмосфера на највисоко ниво. Верувам дека нè очекуваат добри натпревари. Ова е само почеток. Натпреварот со Данска беше прв со нов селектор, со нова визија и пристап. Имаме квалитет, само треба да го склопиме во целина“, изјави Дориев.

Сан Антонио, Атланта и Феникс се „зицери“ во Полноќниот експрес (Фото)

Шест НБА натпревари содржи вечерашната понуда во Полноќниот експрес, а првиот меч е закажан од 20 часот. Токму тимот на Сан Антонио спарс, кој е гостин против Милвоки бакс, е еден од зицерите.

Големи фаворити се и Атланта хоукс на домашен терен и Феникс санс исто така пред своите гледачи.

Покрај стандардните квоти, тука е омилената игра „плус/минус поени“ во која се опфатени вкупно 63 кошаркари.

Втора лига: Шкендија Арачиново не победи, а тоа го искористи ФК Скопје

Шкендија Арачиново направи чекор назад во трката за пласман во повисок ранг, откако на домашен терен ремизираше без голови против Беласица во денешното коло од Втората лига.

Домаќините имаа повеќе од играта и создадоа неколку солидни можности, но реализацијата изостана, па бодовите беа поделени. Најмногу од ваквиот исход профитираше ФК Скопје, кој со сигурни 0-2 на гостувањето кај Вардар Неготино се искачи на врвот на табелата. Пиратите од Автокоманда сега со внимание го очекуваат исходот од дербито меѓу Охрид и Брегалница кое се игра од 18 часот во Штип.

Во долниот дел од табелата продолжува жестоката битка за опстанок, каде сите директни конкуренти забележаа победи. Детонит Плачковица убедливо славеше против Победа со 6-0, Тетекс беше сигурен против Саса (3-0), а три бода освои и Кожуф против Големо Коњари (3-0).

Победа запиша и тимот на Новаци, кој со 2-0 ја совлада Преспа, додека Осогово со убедливи 3-0 беше подобар од Слога Виница.

По ова коло, Скопје е лидер со 50 бодови, пред Охрид и Шкендија Арачиново кои имаат по 49. Брегалница е веднаш зад нив со 46 бодови и со евентуална победа во дербито во Штип може дополнително да ја вжешти борбата за промоција.

Навивач од Зеница го изнајмува балконот со најдобар поглед на стадионот

Босна и Херцеговина во вторник против Италија во Зеница ќе го одигра еден од најважните натпревари во нивната фудбалска историја. На домашен терен на стадионот „Билино поле“, Босанците ќе се обидат втор пат да обезбедат учество на Светско првенство. 

Поради извонредната важност, интересот е огромен. Билетите се распродадени, а на „црниот пазар“ цените одат и до 10.000 неверојатни евра. За оние кои сакаат да гледаат во живо, а немаат билет, еден човек од Зеница им понуди решение – изнајмува балкон со одличен поглед.

„Изнајмувам балкон, цената е 500 евра, балконот може да смести 4 лица, цената вклучува скара и пијалок по ваш избор. Само сериозни понуди во иМбокс“, напиша Дино Мујановиќ од Зеница на Фејсбук.

Тој со фотографија од балконот покажа колку е блиску неговата зграда и дека навистина има фантастичен поглед на теренот.

Во разговор со новинари, Мујановиќ рекол дека оваа „реклама“ ја објавил од чиста забава, но дека веднаш добил неверојатни понуди.

„Добив повик од некој што ми понуди џип „Лада Нива“. Имаше и други понуди како еден тон компири. Инаку, погледот од мојата зграда е многу подобар и поблиску отколку што изгледа на фотографијата“, вели Мујановиќ.

Седлоски: Миовски и Трајковски беа незадоволни, но никој нема загарантирано место во почетниот состав

Македонската фудбалска репрезентација денеска на тренинг центарот „Петар Милошевски” ги продолжува подготовките за гостувањето во Даблин, каде во вторник ќе се соочи со Република Ирска.

Во пресрет на натпреварот, селекторот Гоце Седлоски се соочува со неколку предизвици, додека дел од одлуките околу почетниот состав од претходниот натпревар против Данска отворија и одредени реакции во тимот.

Коњаспор и кинески Далиан, клубовите на Енис Барди односно Исник Алими, официјално побараа двајцата репрезентативци да бидат ослободени од репрезентативните обврски, но Барди и Алими имаат јасен став дека сакаат да останат и бидат дел од националниот тим и ќе конкурираат за настап на дуелот.

Од друга страна, напаѓачот Бојан Миовски, по барање на Глазгов Ренџерс, но и со согласност од самиот фудбалер, е ослободен од обврските и веќе ја напушти репрезентативната база. Дополнителен хендикеп за стручниот штаб претставува и повредата (адуктор) на Јани Атанасов, кој по направените медицински прегледи (магнетна резонанца) нема да биде во можност да настапи на натпреварот во Даблин.

Седлоски се осврна и на ситуацијата со Александар Трајковски и Бојан Миовски по натпреварот со Данска, потенцирајќи дека одлуките биле донесени исклучиво врз основа на натпреварувачката форма и тактичките барања.

„Александар Трајковски не беше задоволен што не започна во првиот состав, но во овој момент сметам дека физички не е на нивото потребно за да одговори на барањата на ваков натпревар. Нашиот план беше, доколку има потреба, Трајковски да добие шанса во завршницата, но текот на натпреварот не го наложи тоа. Нема причина некој да се чувствува навреден. Слична беше ситуацијата и со Бојан Миовски, кој исто така не беше задоволен што не започна, но мора да се прифати дека во репрезентацијата има 23 фудбалери и никој нема загарантирано место во почетниот состав“, изјави Седлоски.

Од ривали до соиграчи, Касемиро може оди кај Меси во Интер Мајами

По заминувањето на Серхио Бускетс, Интер Мајами бара идеална замена за поранешниот играч на Барселона и имаат мерак кон Бразилецот Касемиро кој сака да го напушти Манчестер јунајтед.

Нема да биде лесно да го донесат некогашниот играч на Реал Мадрид, но Интер го има бразилскиот играч од средниот ред на својот список на желби. Касемиро ја има најефикасната сезона во кариера, а целта му е да најде победнички проект и да се чувствува удобно и среќно.

Касемиро објави дека неговата иднина не е на „Олд Трафорд“ по 30-ти јуни. Ако оди во Мајами, би станал соиграч со Лионел Меси со кого отсекогаш беа ривали во текот на нивните долги кариери, и на клупско и на репрезентативно ниво.

Барселона бара шпанската репрезентација да не го користи Јамал против Египет

Барселона побарала стручниот штаб на шпанската фудбалска репрезентација да не го користи напаѓачот Ламин Јамал на пријателскиот натпревар против Египет, или да го ограничи неговото користење само на половина натпревар. 

Селекторот Луис Де ла Фуенте ќе треба да бара баланс меѓу интересот на репрезентацијата и барањето на клубот.

Според изворите, клубот го побарал ова откако напаѓачот Рафиња се повреди на пријателскиот натпревар против Франција и ќе паузира пет недели. Каталонците биле вознемирени од загубата на Рафиња и не сакаат да изгубат уште еден клучен играч.

 

Димарко му се извинил на Џеко за провокативната прослава (Видео)

Видеото кое стана вирално, а во кое се гледа како Федерико Димарко и уште неколкумина Италијанци ја прославуваат победата на пенали на БиХ против подобро рангираниот Велс, ги налути Босанците кои се почувствуваа потценети и најавуваат дека тој момент ќе го искористат како дополнителна мотивација на супер важниот меч со Италија во Зеница на 31-ви март на кој ќе се одлучи која од тие две селекции ќе патува на СП.

После овој „инцидент“, Димарко кој играше со Един Џеко во Интер од 2021 до 2023, му испратил порака на босанскиот Дијамант и му ја објаснил својата реакција.

Иванишевиќ ги процени шансите на Ѓоковиќ да ја освои 25-тата гренслем титула

Хрватската тениска легенда Горан Иванишевиќ кој му беше тренер на Новак Ѓоковиќ, смета дека 38-годишниот Србин уште има шанса да ја освои својата 25-та грендслем титула.

Ѓоковиќ не освоил гренслем од 2023 година наваму. На неодамнешниот Австралија опен, Новак го победи вториот светски тенисер, Италијанецот Јаник Синер во полуфиналето, а потоа загуби од Карлос Алкараз во финалето.

„Дали Ѓоковиќ може да го освои 25-тиот гренслем? Да не работев со него, можеби ќе речев не. Но, познавајќи го, зборовите „невозможно“ и „не може“ не се во неговиот речник. Секако, можно е. Многу луѓе се прашуваат од каде ја наоѓа мотивацијата да продолжи да се натпреварува. Слушам некои таканаречени експерти како постојано го отпишуваат. Не знам дали навистина го разбираат тенисот. Ѓоковиќ игра затоа што сака да се натпреварува, да биде на теренот и да победува. Само погледнете колку турнири играше минатата година, тој сè уште е трет во светот. Новак е посебен, најголемиот тенисер на сите времиња и никогаш не треба да се отпишува“, рече Иванишевиќ во интервју за „Спортклуб“.

Коњаспор побарал Македонија да го ослободи Барди од мечот со Ирска

Турскиот клуб Коњаспор испратил барање до Фудбалската федерација на Македонија да го ослободи капитенот на македонскиот национален тим Енис Барди, од претстојниот меч против Република Ирска во Даблин.

Овој дуел нема некое посебно значење, двата тима останаа без место на Мундијалот, па турскиот клуб сака Барди да им се врати што побрзо и да се стави на раполагање на клубот за подготовките за првенствениот натпревар против Самсунспор кој е закажан за 5-ти април.

Селекторот Гоце Седлоски и ФФМ треба да одлучат дали ќе му излезат во пресрет на Коњаспор. Неофицијално, има шанса Барди да биде ослободен, но не само тој, туку и уште некои други фудбалери како Бојан Миовски.